From Wikipedia, the free encyclopedia
Водопад е место во река или поток каде што водата паѓа од високо.[1] Се јавуваат и кога стопената вода се истура преку работ на една санта или ледена плоча. Водопадите мал пад или неговите скалести делови се нарекуваат слапови.
Водопадите се образуваат кога реката е млада.[2] Тогаш каналот е тесен и длабок. Кога реката тече низ отпорното карпесто тло, тлото еродира постепено, додека пак подолу низводно ерозијата се одвива побрзо.[2][3] Водотекот се забрзува кон работ на водопадот и така носи материјал од коритото. Во турбуленцијата се создаваат витли, а песокот и камењата што ги носи водата уште повеќе ја зголемуваат стапката на ерозија.[2] Со тоа водопадот сè повеќе го длаби коритото и се повлекува нагоре (спротиводно). Со време, честопати водопадот повлекувајќи се образува клисурa во подолното течение и уште подлабоко го вдлабнува сртот над него.[4] Стапката на повлекување на водопадот може да достигне и 1,5 м годишно.[2]
Честопати под отпорната карпа има помеки слоеви, па така расплискувањето на водата го поткопува мекиот дел и создава плитка влабнатина (поткоп) зад водопадот. По извесно време подјадување, потврдиот горен слој паѓа врз мекиот и така додава уште карпести блокови на подножјето на водопадот. Потоа овие блокови се расцепуваат во посебни камења и се абат удирајќи се меѓусебно. Тие исто така го длабат подножјето на водопадот по пат на трошење (абразија), создавајќи длабок вир или клисура.
Водотекот станува поширок и поплиток веднаш над водопадот бидејќи минува низ гребенот на карпата, а под водопадот обично има длабок вир бидејќи со својата кинетичка енергија, водата го длаби тлото. Најчесто водопадите се образуваат во карпести предели бидејќи таму почвата еродира. По долг период на целосна образеност, водата што паѓа преку работ се повлекува, предизвикувајќи хоризонтална јама напоредно со водата што паѓа. По извесно време, јамата се продлабочува и водопадот се урива и на негово место се образува накосено продолжение на речното корито.[2] Покрај ваквата постепена ерозија, земјотресите и лизгањата и вулканите прават дополнителни разлики во нивоата на земјиштето. Добиените висински разлики потоа ја условуваат појавата на водопад.
Реката напати тече преку големо скалило на карпите што се образува со расед. Водопадите можат да се јават долж работ на една ледничка клисура, каде потокот или реката што тече во ледникот продолжува да тече во долина откако ледникот ќе се повлече или стопи. Примери за ваква појава, наречена „висечка долина“, се среќава кај големите водопади во Јосемитската Долина во САД. Висечки долини се создаваат и на местото кајшто се спојуваат две реки, од кои едната тече побрзо од другата.[2] Водопадите може да се поделат на десет класи според просечниот истек на самиот пад на водата (што зависи од просечниот истек на водопадот и неговата висина) користејќи логаритамска скала. Водопади од класа 10 се Нијагарините водопади, Пауло Афонсо и Кон.
Други позначајни водопади од разни класи се: Викториини Водопади и Кајетур (класа 9); Рајнски водопад и Гидлфос (класа 8); Ангелскиот водопад и Детифос (класа 7); Јосемитските, Долнојелоустоунските водопади и Умпанг Те Лор Суе (класа 6); Садерландските водопади (класа 5).[5]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.