Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Византиското Царство од страна на Ираклиевата династија била управувана во периодот од 610 година со назначувањето на Ираклиј I за цар а завршило во 711 по крајот на владеењето на Јустинијан II Ринотмет.
Византиско Царство Βασιλεία Ῥωμαίων
| |||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
610–711 | |||||||||
Главен град | Цариград | ||||||||
Говорени јазици | латински (до 610), грчки | ||||||||
Уредување | автократија | ||||||||
Византиски цар | |||||||||
• 610–641 | Ираклиј I | ||||||||
• февруари–мај641 | Константин III Ираклиј, Ираклиј II | ||||||||
• мај–септември 641 | Ираклиј II | ||||||||
• 642–668 | Констанс II Ираклиј | ||||||||
• 668–685 | Константин IV | ||||||||
• 685–695; 705–711 | Јустинијан II | ||||||||
Историски период | Ран среден век | ||||||||
• стапување на престолот на Ираклиј I | октомври 610 | ||||||||
• убиството на Јустинијан II | декември 711 | ||||||||
|
Ираклиј потекнува од семејство на кападокиски Ерменци, (највероратно Аршакиди[1]) а негов татко бил поранешен гувернер на Картагина и прочуен војсководец со исто име како и неговиот син - Ираклиј. Како генерал имал голема улога во војната во 590 година против Персиската империја, под власта на царот Маврикиј[2]. Во 608 година татко му како африкански егзарх заедно со неговиот брат Григориј, според хиерархијата во семејството, покренале буна против узурпаторот Фока, кој го симнал од престолот на Маврикиј шест години пред тоа. Востаниците исекле свои монети, на кои се гледаат двајцата Ираклии со царски атрибути, иако никој од нив не бил прогласен за цар[3]. Во околината на Цариград влегол во контакт со аристократите од градот, кои го убедиле дека ќе биде добредојден. При неговото пристигнување во градот, Ескувитите поминале на страна на Ираклиј и тој успеал да влезе во градот без отпор. Заробениот Фока бил донесен кај Ираклиј, кој го прашал: "Значи така управуваш со државата !?", на кое Фок му а одговорил: "Ти едвај ќе управуваш подобро!". Фока веднаш бил обезглавен од Ираклиј, а неговото тело било изгорено на Биковскиот форум[4]. По овој настан, Ираклиј бил прогласен за цар на Римското Царство. На 5 октомври 610 година Ираклиј бил крунисан во црквата Света Софија, малку потоа се оженил за својата свршеница, Фабија Евдокија. Царицата, многу почитувана во Констанинопол починала во 612 година по кое Ираклиј склучил втор брак со својата внука Мартина.[5].
Ираклиј I своето владеење го поминал со речиси постојано војување со против Персијците и Аварите. Кога Персијците стигнале до Халкедон, моштите на Света Ефимија биле пренесени во Цариград во истоимената црква. Во 617 година Аварите започнале напади врз Теодосиевите ѕидини, но истите се покажале доволно силни за да се повлечат. По овој неуспешен обид, Ираклиј размислувал да го напушти Цариград и да го воспостави главниот град во Картагина. Ова предизвикало паника меѓу жителите на Цариград и тие го принудиле патријархот Сергиј да го натера Ираклиј да се заколне дека никогаш нема да се откаже градот. Ираклиј во следниот период започнал две воени походи против Персија, но во 626 година градот бил ставен под опсада на Аварите и мал број на Бугари, Словени, Хуни и Скити, додека на помош дошле персиските сили кои нападнале од страната на Халкедон. Во еден момент Аварите биле пред остварување на својата цел, односно влегување во градот преку Влахерна, но според византиската традиција, пред византиските војници се поавила Пресвета Богородица и ги уништила силите на варварите. Потоа во средината на август пристигнале вестите за голема победа во Месопотамија од Византијците и Персијците и Аварите ја повлекле опсадата и тргнале назад кон нивните родни земји. Набргу потоа Ираклиј наредил да се изградат нови утврдувања на северниот крај на ѕидовите крај Златниот Рог Овие утврдувања, познати под името "Ираклиеви ѕидини", биле наменети да ги штитат храмот во Влахерна, каде на Аварите уште малку им биле потребно за да навлезат во градот.
Во 630 година Ираклиј го достигнал својот врв на својата моќ и слава, одејќи свечено во Ерусалим, каде го ставил повторно крстот во црквата на Светиот гроб. Во тоа време Мухамед успеал да ги обедини номадските племиња од Арапскиот Полуостров и само неколку години потоа исламските сили започнале инвазија кон териториите на Византија. Во чест на победите Ираклиј ја прифатил персиската титула "Цар на Царевите", напуштајќи ја старата царската титула "Augustus". Набргу потоа започнал да се нарекува василевс (гр. Βασιλεύς, лат. Basileus - грчки збор што значи "владетел"), титула која ја користиле сите останати византиски цареви, до распаѓањето на земјата. Исто така, во негово време латинскиот официјално бил сменет со грчкиот јазик. Неговото владеење ја одбележила византиската цивилизација со хеленски карактер. Во обид да го спаси верско единство на империјата, загрозена од монотелитите, Ираклиј се обидел да најде компромис меѓу монотелитството, доктрина пропагирана од Сергеј I Цариградски, која се сметала за еретичка од папа Јован IV. Кога монотелитските провинции биле освоени од исламот, монотелизмот ја игубил својата важност.
Постојаните војни меѓу Персија и Византија кон 6 и 7 век, и периодичната појава на епидемијата од чума (Јустинијанова чума) ги оставила и двете империи исцрпени и ранливи во лицето на ненадејната појава и ширење на исламот. Последната војна со Персија завршила со победа на Византија, а Ираклиј I ги вратил изгубените територии во Сирија и Палестина заедно со Ерусалим во 629 година[6]. Во Левант, инвазијата на Праведниот Калифат била пречекана од византиската војска составена од царска и локална армија. Според исламските историчари монофизитите и Евреите низ Сирија ги поздравиле арапските освојувачи бидејќи тие не биле задоволни од византиското управување. Римскиот цар Ираклиј се разболел и не бил во можност лично да ја води својата армија во походот во Сирија и Палестина во 634 година. Во Битката кај Аџнајдан, муслиманските сили постигнале голема победа[7]. По победата Фахл, муслиманските сили го освоиле и Дамаск во 634 година на чело со Калид ибн ал-Валид. Византискиот одговор на тоа вклучувало собирање и испраќање на голем број на војници за да се вратат одземаните територии.[8]. Во Битката кај Јармук во 636 година, Византијците претрпиле голем пораз со кое Сирија била освоена. Јован Зонара за овој настан напишал: од тој момент, патот на освојувањето и расграбувањето на целата територија на Римјаните беше отворен[9]. Муслиманските освојувања продолжиле преку освојување на Ерусалим во април 637 година, Газа во летото на 637 година, Антиохија кон крајот на 637 година. Во тој период, муслиманските сили ги имале заземено цела Северна Сирија, освен горниот дел од Месопотамија, кои биле освоени по една година примирје. На крајот од својот живот Ираклиј паднал во состојба на физички и психички колапс, станувајќи сведок на освојувањето на поголемиот дел од Египет од Арапите (641 година). Ираклиј починал во 641 година и бил наследен од Константин III.
Константин III бил најстариот син на Ираклиј I и неговата прва сопруга Фабија Евдокија. Константин бил крунисан за ко-цар од татко му на 22 јануари 613 и малку подоцна бил свршен за својата братучетка, Грегорија, ќерка на првиот братучед на татко му, Никита. Бидејќи двајцата биле втори братучеди, бракот бил технички инцест. Константин и Грегорија се ожениле во 629 или 630 и истата година се родил синот првенец Констанс II Ираклиј. Второто дете исто така било машко, со име Теодосиј. Имале и ќерка која подоцна се омажила за сасанидскиот цар Јаздгерд III. Константин станал цар со полни права по смртта на неговиот татко, во 641 година. Управувал заедно со својот брат Ираклеон, син на Мартина. Неговите поддржувачи и неговиот приватен благајник Филагриј, стравувале од напад врз него од страна на Мартина и Ираклеон и го советувале да ја информира армијата дека починал и да побара помош за заштитата на правата на неговите наследници. Исто така, испратил голема сума пари, повеќе од 2 милиони солидна (златници), на Валентин Аршакуни за да ги раздаде на војниците, за да ги убеди да обезбедат стапување на престолот на неговите наследници по неговата смрт. Тој починал од туберкулоза по само 4 месеци и Ираклеон останал цар со полни права. Слухот дека по наредба на Мартина бил држен во затвор, довело до устоличување на Констанца II како ко-цар, а потоа до детронизација и протерувањето на Мартина и нејзините синови.
Во 40-тите и 50-тите години на векот, Арапите започнале инванзија кон Северна Африка и Мала Азија каде византиската власт изгубила голем број на територии. Последните византиски територии во Египет биле изгубени во корист Арапскиот калифат уште во 642 година, кога била заземена Александрија. Во 645 година византиската флота ја нападнала и вратила Александрија, но тие успеале да се задржат таму само околу една година пред Арапите да го заземат градот повторно. Земјите во Мала Азија речиси секоја година биле напаѓани од арапски армии. Азиските провинции на империјата се здобиле со големи опустошувања како резултат на арапската офанзива во Ерменија и Кападокија (647), Фригија (648), Киликија (650). Во 649 година Кипар, Крит и други острови биле нападнати од арапски бродови. Во 654 година Родос бил ограбен од Арапите, а во 655 година царската флота предводена од самиот Констанс била поразена крај бреговите на Ликија. По поразот царот едвај си го спасил животот, успевајќи да побегне. Започнатата во големи размери инвазија на Арапите кон Цариград било спречено исклучиво како резултат на верските борби во калифатот во 656 година. Ова им помагнало на Византијците привремено да ја обрнат ситуацијата во своја корист. Примирјето со Арапите било склучено во 659 година, но тоа траело само неколку години (до 662 година).
Империјата водела кампањи против Словените на Балканскиот Полуостров, при што во околу 658 година ги поразила сите племиња кои се населиле во Грција и Тракија. Константи II водел успешнен упад во нивните земјите северно од Дунав. Заробените Словени се населиле во напуштените области на Мала Азија и присилно биле мобилизирани во византиската војска. Во времето на Констанс II, самиот тој сакал да пронајде компромис во спорот меѓу православните христијани и поддржувачите на монотелизмот, учење кое било поддржано од Ираклиј и популарно во источните провинции, но истото било отфрлено од свештенството на запад. Неколку епископи ја прогласиле политиката на Констанс за еретичка. Религиозниот конфликт прераснал во воен кога во 646-7 година во Картагина избувал бунтот на локалниот егзарх Грегоријан, кој, охрабрен од африканските епископи, се прогласил за цар. Грегоријан загинал во следната година во битка против арапските сили. Тоа ставило крај на бунтот, но не и на несогласувањата.
Во 648 година Констанс II издал едикт со кој зазел позицијата на непристрасност меѓу двете фракции и забранил јавнита дискусија за догмата. На Латеранскиот собор во Рим во 649 година западните епископи ги отфрлиле овие решенија и ги изолирале источните патријарси кои ја поддржуваат тезата на монотелизмот. Тоа предизвикало реакција на царот по кое наредил на равенскиот егзарх Олимпиј да го уапси папата Мартин I, но за возврат Олимпиј исто така одбил да се покори и се прогласил за цар од 649 до 653 година. Зафатен со одбрана против Арапите, Констанс не бил во можност да одвои армија за задушување на бунтот. Дури откако Олимпик умира, новоименуваниот егзарх на Равена ја извршил наредбата на Констанс II и папата бил заточен во Керсон до својата смрт. Казнети исто така биле и другите духовници, незадоволни од политиката на царот.
Откако во 660 година Констанс II наредил убиството на својот брат Теодосиј, во кого се сомневал дека му бил евентуален соперник за престолот, неговото управување се одвило под знакот на силна опозиција од страна на народот во Цариград. Јавната омраза против царот се зголемила, поради што тој одлучил да го напушти главниот град и да замине на запад, во Сицилија, каде го утврдил царскиот дворец. Во 663 година Констанс II се обидел да ја поврати Италија од Ломбардија, кои во тоа време биле ангажирани во војна против Франките на север. Иако првично имал успеси во Јужна Италија, армијата на царот претрпила тежок пораз. Во истата 663 година Констанс II станал последниот цар кој го посетил Рим (за 12 дена) и ја прифатил титула конзул[10][11]. Потоа тој ја преселил резиденцијата во Сиракуза, каде ги пренел уметничките дела земени од Рим. По ова започнале гласини дека имал намера својата престолнина да ја пренесе во Сиракуза. Поради извршеното братоубиство, зголемувањето на даноците, приврзаноста кон монотелизмот, како инеуспесите во надворешната политика, царот имал многу мала приврзаност меѓу народот и голема непопуларност. Констанс II бил убиен од заговорници во бањата на 15 септември 668 година.
Управувањето на Константин IV Погонат се совпаѓа со најголемиот подем на арапските напади против Византија во 7 век и доаѓањето на Бугарите кои основале своја држава околу делтата на Дунав. Поголемиот дел од управувањето на Константин IV поминало во тешки борби со арапските војници на територијата на Мала Азија.
Уште во 60-тите години поголемиот дел од териториите на централна, јужна и југозападна Мала Азија биле окупирани од Арапите. Во 669 година тие започнале со првата опсада на Цариград, приближувајќи се повеќе во обид за освојување на градот но без сериозни подготовки. Византиските војници успеале за многу краток период да ги принудат на муслиманите да се повлечат. Но периодот од 669 до 674 година поминал во напорна подготовка на Арапите за поголема опсада на Цариград. Подготвителни активности се вршиле и од византиската влада. Во 670 година Арапите го зазеле градот Кизик на малоазискиот брег на Мраморно Море, а во 672 година - Смирна[12]. Меѓу 674 и 678 година Цариград бил опколен од арапски трупи. Вкупно арапските армии бројат над 100,000 војници и голема флота. Нападите против градот се воделе во пролет, лето и есен, а во зима арапските бродови се повлекувале кон Кизик. Недостатокот на доследност при нападите на тврдината (војниците од одделните области на Арапскиот калифат во ниеден момент на опсадата не презеле заеднички напад врз градот), слободата за напад на византиската флота, можностите за снабдување на градот со жито од Словените во текот на зимата и, особено важно - примената на грчкиот оган, измислен од сириецот Калиникос против арапските бродови, како и организаторски способности и воениот талент на Константин IV, претставувале главните причини за неуспехот на опсадата.
По крајот на опсадата на Цариград, византиската флота дејствувала успешно против арапските сили во Мраморно Море, а византската армија ги победила во Битката кај Сулајем (677). Во есента 678 година арапската флота била поразена, по кое арапско-муслиманските сили започнале повлекување. Тие биле пресретнати од византиски војници во Централна Мала Азија и конечно поразени. Во 680 година Византија и Арапскиот калифат склучиле 30-годишен мир. Според договорот, арапскиот калифат морал да плаќа по 3,000 данок на Византија[13]. Додека траеле војните против Арапите, во 70-тите години лангобардите успеале да ги освојат византиските градови Бриндизи и Таранто во Јужна Италија[14], а на Балканскиот Полуостров Словените започнале две големи, но неуспешни опсади на Солун во 675 и 678 година[15].
Во меѓувреме, европските територии на империјата биле нападнати во крајот на 70-тите години од страна на Прабугарите. Во пролетта на 680 година Константин IV организирал голем поход и се упатил против нив на север од Дунав. Пред решавачкиот напад на бугарската фортификација, царот решил да ја остави командата на генералите, а тој самиот се повлекол кон Бургас или Несебар[16][17], под изговор дека ќе се лекува во топлите бањи. Вистинските причини за оваа постапка не се познати, но во меѓувреме гласините дека царот ја напуштил армијата започнале да се шират меѓу војниците, кои го изгубиле својот борбен дух по кое бугрските сили ги поразиле на византиските. Како резултат на битката, Византиското Царство ја изгубила придунавската област Долна Мизија, каде трајно се населиле Бугарите, согласно склучениот потоа мировен договор, кој го обврзувал Константин IV да ја признае бугарската држава во Мизија и да плаќа данок. Константин не војувал во последните години и продолжил да се занимава со црковните дела. Уште во ноември 680 година тој го свикал во Цариград Шестиот вселенски собор[18], на кој биле потврдени догмите на предните пет соборот. Освен тоа, на соборот било забрането и монотелизмот. На крајот од владеењето, Константин бил принуден да ја потиснува опозицијата меѓу најблиските кругови од неговото опкружување: во 681 ги лишува браќата Хераклит и Тибериј од титулите августи[19], по што наредил нивните носеви да бидат отсечени (влијание на сасанидските традиции), на тој начин ја фокусирал силата на главниот цар - автократор. Потоа царува заедно со неговиот син Јустинијан II[20]. Во септември 685 Константин IV починал од дизентерија.
Јустинијан II стапил на престолот во 685 година кога имал 16 години. Карактеристично за него била големата суровост и деспотизам кои наскоро го направиле објект на омраза од страна на населението. Во 688-690 година Византија водела два кратки конфликти со Бугарија, прекршувајќи го мировниот договор од 681 година. Во 692 година Јустинијан го нарушил мирот со Арапите[21], но бил поразен од војските на Абд-Алмалик во Киликија. Поразот претставувал и последица од измамата на дел од доведените Словени. Тогаш Јустинијан наредил да се убијат близина Никомедија и оние Словени, кои му останале верни. Резултат од поразот било губењето на јужна Ерменија, каде застанал Симбатиј. Омразата на народот се зголемила особено поради злоупотребите и уцените на јустинијановите омилени луѓе - Теодот и Стефан, од кои првиот бил министер за финансии, а Стефан сакелариј на царот[22]. Едно од поголемите настани во црковниот живот бил црковниот собор во 692 година познат како Трулски собор, но самите одлуки не биле признаени од папата Сергиј. Обидите на Јустинијан II да го принуди папата да ги прифати одлуките останале неуспешни.
Непопуларноста на Јустинијан II била искористена од војсководецот Леонтиј[23]. Во 695 година, тој успеал да побегне од затвор, каде бил чуван по наредба на Јустинијан, по кое успеал да го зароби на Јустинијан и наредил да му го преселат носот и јазикот, поради кое Јустинијан подоцна бил наречен Ринотмет. Соборениот цар бил испратен на заточение во Крим.[22]. Стефан и Теодот биле погубени. Соборувањето на Јустинијан II не довело до подобрување на внатрешната и надворешната состојба на империјата, напротив, следувал 20-годишен период на немири и нестабилност и истиот завршил по повторното зазимање на престолот од страна на Јустинијан. Додека бил во егзил, градот Картагина и остатокот од провинциите во Африка биле освоените од Арапите, кои продолжувале да се закануваат и по источната граница. Поради поразите и неуспесите, царевите останувале закратко на власт - по некое Леонтиј исто така бил соборен, а престолот бил зафатен од Тибериј III Апсимар. Тогаш Јустинијан Ринотмет успеал да побегне од заточение, прво кај Хазарите, потоа кај Бугарите, за да во 705 година застане пред портите на Цариград, заедно со 15,000 војска составена од Словени и Бугари, на чело со хан Тервел[24]. Јустинијан и неговите приврзаници тајно успеале да влезат во главниот град преку еден неискористен аквадукт и успеале да направат преврат.
Откако Јустинијан II Ринотмет го освоил главниот град и повторно го зазел престолот, тој се одмаздил на суров начин на своите противници, и тоа поранешните цареви Тибериј и Леонтиј, кои биле обезглавени јавно на хиподромот, а патријархот Калиник е ослепен и прогонет. За поддршката бугарскиот хан Тервел бил богато награден. Тервел бил првиот невизантиец, кој ја добил титулата Кесарија (Цезар)[25]. Тој освен тоа го добива управувањето на областа Загора (североисточна Тракија), како и големо количество пари, злато, сребро и други скапоцености. Второто владеење на Јустинијан (од 705 до 711 година) се покажало како уште поголем неуспех за разлика од првото управување. Војната со Арапите повторно тргнала на лошо: Византијците ја загубиле Мопсуеста и Тијана, во 709 година Арапите влегле дури во Тракија. Поразите на Византија довече до делумна загуба на Кападокија и Киликија[26]. Барајќи реванш против Бугарите, Јустинијан II заминал во североисточна Тракија во 708 година, но бил поразен и опколен во Анхијал. Царот се повлекол по море и наскоро го обновил мирот со Бугарија. Во 711 година Јустинијан II испратил во Крим флота и војска, која требало да го казни на Керсон бидејќи не го поддржал на царот за време на неговите походи, но војниците се побуниле и го прогласуваат за цар Филипик Вардан. Додека Јустинијан собирал армија во Мала Азија, Филипик го освоил Цариград и го убил Тибериј, малолетниот син на Јустинијан. Самиот Јустинијан бил напуштен од повеќето армии и бил заробен и обезглавен во декември 711 година, недалеку од главниот град.
Ова го означило крајот на Ираклиевата династија.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.