американски музичар From Wikipedia, the free encyclopedia
Бек Дејвид Хансен (анг: Beck David Hansen; роден како Бек Дејвид Кембел; 8 јули 1970), естрадно познат под мононимот Бек ― американски музичар, пејач, текстописец и продуцент. Се прославил на почетокот од 1990-тите, а неговата музика од тоа време се смета за типичен пример на мејнстрим алтернативна музика поради нејзиното непочитување на жанровските конвенции. Неговата музика содржи елементи на: фолк, фанк, соул, хип-хоп, електронска музика, алтернативен рок, кантри и психоделична музика. Има издадено 14 студиски албуми (од кои три биле издадени со независни издавачки куќи), како и неколку синглови и нотна книга.
Бек | |
---|---|
Бек во 2018 | |
Роден(а) | Бек Дејвид Кембел 8 јули 1970 Лос Анџелес, Калифорнија, САД |
Занимање |
|
Активен период | 1988–денес |
Сопружник | Мариса Рибизи (в. 2004; раз. 2021) |
Деца | 2 |
Страница beck.com |
Бек е роден како Бек Дејвид Кембел[1] во Лос Анџелес на 8 јули 1970 година.[2] Тој е син на канадскиот аранжер, композитор и диригент Дејвид Кембел и пејачката и естраден уметник Биби Хансен.[3] Биби Хансен се поврзува со уметничката сцена „Фабрика“ од Енди Ворхол во 1960-тите во Њујорк и била суперѕвезда на Ворхол.[3]
Неговите родители се разделиле кога тој имал 10 години,[4] а Бек останал да живее со мајка му (го зел и презимето на мајка му) во Лос Анџелес, каде што бил под влијание на различните музички понуди на градот.[5] Овие влијанија се наоѓаат и во неговите подоцнежни снимени и објавени дела. Според неговата изјава, неговото необично име го избрала мајка му која по породувањето, посакала конечно да се напие пиво Бек (анг: Beck's).
Тој пораснал во претежно латински кварт, и бил единствено бело дете во неговото училиште каде што брзо научил да танцува брејк-денс.[4] Чувствувајќи се како „тотално отфрлен“, Бек го напуштил училиштето на 14-годишна возраст.[6] Подоцна рекол дека иако смета дека училиштето е важно, тој таму се чувствувал небезбедно.[7] Кога се пријавил во ново средно училиште за сценски уметности во центарот на градот, бил одбиен.[8]
Бек првата гитара ја добил на 16 години и станал уличен музичар.[9] Музичко образование стекнувал преку читање книги и со слушање стари блуз, фолк и кантри плочи.[6][10] Работел низа слабо платени работи, како товарење камиони и дување лисја по парковите.[6]
Во 1989, Бек фатил автобус за Њујорк, со нешто повеќе од осум долари и со неговата гитара.[10] Летото го поминал во обид да најде работа и место за живеење, но безуспешно.[10] Залудно се обидувал да се прослави во антифолк музичката сцена под влијание на панкот. Бек почнал да пишува надреалистички песни за пица, MTV и работењето во McDonald's, претворајќи ги необичните мисли во песни.[11]
Во 1990 година, Бек се вратил во Лос Анџелес, без пари, но силно мотивиран. Таму почнал да работи во видеотека каде што "задача му била да ја подреди порнографската секција по азбучен ред".[10] Почнал да свири по кафе барови и уметнички клубови.[6][10]
На крајот, Бек бил откриен од основачите на Bong Load Custom Records.[3] Неговиот 12" винил сингл Loser, издаден со оваа издавачка куќа во 1993 година, со првичен тираж од 500 примероци.[12] Синглот станал сензација на алтернативното радио,[12][13] а издавачките куќи кои сакале да потпишат договор со Бек почнале да се наддаваат меѓу себе.[14][15]
Бек ја избрал Geffen Records бидејќи не барале ексклузивен договор.[6][15] Уште пред издавањето на албумот Mellow Gold, (издаден од Geffen во 1994 година), Бек забележал голем успех со „Loser“ кој веќе се пласирал во топ 40, а видеото се прикажувало на MTV.[7] „Loser“ стигнал до десеттото место на топ-листата за синглови Billboard Hot 100 и на прво место на листата за алтернативни рок песни.[16] Песната исто така била на топ листите во Велика Британија, Австралија, Нов Зеланд и низ цела Европа. Бек бил наречен како „Крал на слекерите“, зашто според медиумите бил центар на новото таканаречено „слакер“ движење.[17] Сепак, на Бек не му се допаѓал тој прекар.[10]
Во 1994 година, Бек го издал албумот One Foot in the Grave, со независните издавачки куќи K Records и Stereopathetic Soul Manure од Flipside Records. Во 1995 година, со турнејата Lollapalooza, тој ја приближил неговата музика до публиката. До 1996 година Бек се сметал за „чудо со еден хит“, тој од себе ја отфрлил таа етикета со објување на албумот Odelay.[18]
На Odelay, кој бил резултат на година и пол напорно „сечење, лепење, синхронизирање и, се разбира, семплирање“, Бек ги споил кантри, блуз, рап, џез и рок музиката.[9]
Odelay бил објавен на 18 јуни 1996 година, по што следеле позитивни критики и извонредна продажба. Воведниот сингл, Where It's At, бил често емитуван, а видеото постојано се вртело на MTV. Во 1997 година албумот бил номиниран за Греми награда за албум на годината, а освоил Греми за најдобар алтернативен албум и за најдобра машка рок вокална изведба за „Where It's At“. Odelay бил продаден во два милиони примероци. Тој придонел со песната „Deadweight“ за саундтракот на филмот A Life Less Ordinary (1997).[19]
Во 1998 година го објавил албумот Mutations. Продуцент на албумот бил Најџел Годрич, кој во 1997 година го продуцирал албумот OK Computer од Radiohead.[19] Албумот всушност бил планиран само како пополнување на празнината пред следниот негов албум. Снимањата се одвивале во текот на две недели, при што секој ден се снимала по една песна, така што на крајот биле продуцирани 14 песни.[19] Иако било планирано албумот да го издадат Bong Load Records, ве вмешале луѓето од Geffen и ја издале плочата во спротивност со желбите на Бек.[20][21] Бек потоа се обидел да ги поништи своите договори со двете издавачки куќи, а за возврат тие го тужеле за прекршување на договорот. Судскиот спор траел со години и е нејасно дали некогаш бил целосно решен.[22] За Mutations, Бек освоил Греми за најдобра алтернативна музичка изведба.[23]
Во ноември 1999 година, Бек го објавил долгоочекуваниот албум Midnite Vultures.[24] Во студиото, Бек и продуцентите го проучувале современиот хип-хоп и R&B, особено Р. Кели, за да ги прифатат и да ги вклучат тие влијанија на ист начинот на кој Ал Грин и Stax records ги објавувале албумите во претходните децении.[18] Албумот бил поддржан со голема светска турнеја. За Бек, тоа било враќање кон енергичните изведби кои биле негов заштитен знак уште од Лолапалуза. Midnite Vultures бил номиниран за Греми за најдобар албум.[25]
Во 2000 година, Бек и неговата свршеница, стилистката Леј Лимон, ставиле крај на нивната деветгодишна врска.[26] Бек западнал во период на меланхолија и интроспекција, и во овој период ги напишал мрачните песни подоцна објавени на албумот Sea Change.[27] Бек постојано пишувал песни, и не сакал да зборува за неговиот личен живот; конечно одлучил дека песните зборуваат за заедничкото искуство и дека нема да изгледа самобендисано ако ги сними.[28] Во 2001 година, Бек се вратил на музиката и стапил во контакт со Годрич.[29]
Sea Change, издаден од Geffen во септември 2002 година, одлично се продавал и бил омилен кај критичарите;[30] Rolling Stone напишале дека тоа е „најдобриот албум кој Бек го направил, [...] беспрекорен албум за вистината и светлина по завршувањето на љубовта. Ова е неговата Крвава патека (Blood on the Tracks).[31] Подоцна, истото списание го ставило албумот на нивниот список од најдобри албуми на деценијата и на сите времиња. Sea Change бил поддржан со театарска турнеја, но и со поголема турнеја во која The Flaming Lips биле предгрупа и придружен бенд на Бек.[32][33] Бек бил разигран и енергичен, понекогаш неговите песни биле преработувани од Ролинг Стоунс, Big Star, The Zombies и The Velvet Underground.[31][34]
Guero, осмиот студиски албум на Бек, бил снимен во период од девет месеци во кои се случиле неколку значајни настани во неговиот живот: неговата девојка, Мариса Рибиси, забременила; тие стапиле во брак; се родил нивниот син Козимо; и тие се иселиле од Силвер Лејк.[30][35] Албумот бил продуциран од Dust Brothers и од Тони Хофер.[30] Прво требало да биде објавен во октомври 2004 година, но бил одложуван за конечно да биде објавен во март 2005 година.[36]
Guero дебитирал на второ место на Билборд 200, и бил продаден во 162.000 примероци, најпродаван негов албим.[37] Во декември 2005 година, Geffen го издала и Guerolito, целосно преработена верзија на Guero со ремикси од Ад Рок од Beastie Boys, Џон Кинг од Dust Brothers и шкотското електронско дуо Boards of Canada.[35]
Modern Guilt (2008) било последно издание од договорот на Бек со Geffen Records. Бек, кој тогаш имал 38 години, имал договор со Geffen уште од неговите 20-ти години.[38][39] Откако бил ослободен од договорот со издавачката куќа Бек повеќе се насочил на неговата сопствена издавачка куќа основана седум години претходно, и која често го менувала името.[18] Бек работел пет или шест дена во неделата во малото студио на неговиот имот во Малибу и го започнал Record Club, проект со кој цел еден класичен албум - од The Velvet Underground, Леонард Коен, INXS, Yanni - бил покриен од друг пејач во рок од еден ден.[8]
Во октомври 2013 година, Бек потпишал со Capitol Records.[40]
Во 2014 година го објавил албумот Morning Phase; во 2015 година, на 57-то годишно доделување на Греми наградите, албумот освоил три Греми награди: Најдобро аранжиран некласичен албум; Најдобар рок албум; и Албум на годината.[41]
На 21 јуни 2023 година, Бек ја објавил песната „Odyssey“ со француската поп рок група Phoenix, кои со Бек биле на летна турнеја, која започнала во август и заврши во септември.[42][43][44][45]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.