село во Општина Кочани From Wikipedia, the free encyclopedia
Безиково — село во Општина Кочани, во областа Осоговија, во околината на градот Кочани.
Безиково | |
Поглед на Безиково | |
Координати 41°58′28″N 22°31′21″E | |
Регион | Источен |
Општина | Кочани |
Област | Осоговија |
Население | 2 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 2300 |
Повик. бр. | 033 |
Шифра на КО | 13002 |
Надм. вис. | 800-950 м |
Безиково на општинската карта Атарот на Безиково во рамките на општината | |
Безиково на Ризницата |
Безиково се наоѓа во областа Осоговија. Селото е планинско и од разбиен тип, а неговите маала се издигаат на надморска височина од 800-950 м. Селскиот атар зафаќа површина од 17,7 км2. Од Кочани е оддалечено 20 км.[2]
Границата на селскиот атар поминува низ месностите: Борово, Брегалница, Три Мездри (тромеѓа меѓу Безиково, Дулица и Калиманци), Левачка Воденица, Раздол, Радена Лака, Чука, Шуманица, Алексово Гумно, Попово Ораниче, Кумен Преслап и Пешков Камен. Главните месности внатре во селскиот атар се познати како: Чука, Стари Лозја, Петров Рид, Пеов Камен, Дреново, Лаки, Косовец, Крушовец, Божански Андак, Грашиште, Селиште (Старо Село), Црквиште и Ивањица. Селото е поделена на следните маала: Црвени Брег, Чифлик, Пачарзија, Росомање, Радиновец, Кара Стојанска и други. Средиштен дел на селото е маалото Црвени Брег.[3]
Општо предание е дека селото го основале седум македонски домаќинства. Поради нивните старини и посебни носии, околните жители ги нарекувале Дебарци. Селото изгледа било основано околу средината на XVIII век. Првобитните домаќинства имале куќи во месноста којашто денес е позната како Селиште. Но, во месноста завладеала чума и поради неа селаните се распрснале низ атарот на селото и ги основале денешните маала. Сите жители на селото потекнуваат од дебарски доселеници.[3]
Земјата во селскиот атар во време на неговото основање била покриена со густа шума, но шумата неконтролирано ја сечели Турци од селото Истибања. Сечата била особено голема во периодот од 1870 до 1880 година. Жителите на селото до 1912 година претрпеле големи зла од Турците од споменатото село Истибања. Штом некој селанец ќе подготвел подобра нива, неа ја запоседнувал некој Турчин. Освен тоа, Турците наоѓале чифчии да им ја обработуваат земјата. До крајот на отоманската власт, безиковци на пазар во Кочани не смееле да одат преку Истибања, каде што патот е простран, и морале да одат преку селото Црн Камен, од левата страна на Брегалница, и тоа секогаш во групи. Истибањските Турци грабале и девојки од Безикови, а на крајот на XIX век една девојка била грабната од родот Бојчевци. Во маалото Чифлик, земја имал некој Турчин од Оризари, а земјата му ја обработувале членови на родот Чифлижани. Турчинот летно време на тоа место чувал многу стока.[3]
Во Првата балканска војна, 2 лица од Безиково биле доброволци во Македонско-одринските доброволни чети.[4] Со потпаѓањето на селото под српска власт во 1918 година, месното население било подложно на репресија. Според податоци на Иван Михајлов, во 1922 година, 8 лица биле осудени и лишени од слобода, а еден од нив, Стоимир Костадинов, починал од измачувањата во затворот. Следната 1923 година, жителите на селото биле насилно тепани од српските власти, а некои деца се стекнале со сериозни психички растројства.[5]
До крајот на Втората светска војна, жителите на селото одгледувале кози и овци. Во тоа време имало доволно гноиво и нивите биле плодородни. Но, со тек на време, количеството на стока и гноиво започнало да се намалува, а старите земјишта ги однела вода. Оттука, населението било принудено да започне да се иселува.[3]
Селото има полјоделско-шумарска функција. Во рамките на неговиот атар, шумите преовладуваат на површина од 980,7 ха, на обработливо земјиште отпаѓаат 295,5 ха, а на пасишта 177,1 ха.[2]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Безиково живееле 480 жители, сите Македонци.[6] По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Безиково имало 640 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци.[8]
Според пописот од 2002 година, во селото Безиково живеат 8 жители, сите Македонци.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2 жители, од кои 2 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 480 | 640 | 392 | 625 | 469 | 352 | 146 | 33 | 30 | 8 | 2 |
Безиково е македонско село.
Родови во селото: Црвенобрежани (11 к.), Чифлижани (7 к.), Кара-Стојановци (6 к.), Сарашчани (4 к.), Долно Росоманци (3 к.), Бојчовци (3 к.), Пачарзије или Дупиновци (3 к.), Колибарци (3 к.), Радиновци (3 к.), Шиндари (3 к.), Ивањичани (3 к.), Сенковци (3 к.), Чакмаци (2 к.), Габерци (2 к.), Ливадци (2 к.), Маниловци (2 к.), Комарчани (2 к.), Калинци (2 к.), Чаракчии (2 к.), Пеово Каменци (1 к.), Стојовци (1 к.) и Горно Росоманци (1 к.) кои потекнуваат од некогашните седум домаќинства, а нивните најстари предци се доселиле околу средината на XVIII век од некое место во Дебарско. Во еден од родовите се знае следното родословие: Ѓоргија (жив на 51 г. на крајот на 1950-тите); Мите-Костадин-Малчо-Иљо-Сокол (предок кој живеел на Селиште, првобитното место на кое дошле од Дебарско).[3]
Од селото има иселеништво во голем број. Населението се иселувало во два брана: по Првата и по Втората светска војна. најголем број иселеници има во подпланинското село Истибања, но иселеници има и во другите села во Кочанската Котлина, како што се: Јакимово, Црн Камен, Градец, Виница и Блатец. Иселеници има и во селото Виничани.[3]
Од иселениците од селото, во Горни Подлог се преселиле Атанасови и Безиковци; во Лески заминале Тасеви, Арсови, Миленкови и Тодорови; во Јакимово се иселиле Алексови, Комарци, Ѓорѓијови, Јаневи и Пано; во Истибања отишле Чакмаци, Габерци, Стојовци, Кадијини, Шиндарци, Бошкови, Чукарци, Колевци, Калинци, Сребренови, Бојчевци, Манилци, Сарафци, Чешмарци, Чифлижани, Дејанови и Крлевци; во Калиманци се населиле Стаменковци, како и многу домаќинства од други родови; во Црн Камен заминале Алексови, Џамбазови и Карафилови, а таму изумрел и родот Мицеви; а домаќинства од повеќе родови се населиле и во Градец.[3]
Во селото во минатото имало училиште коешто се наоѓало во маалото Црвени Брег. Како последица на големата разбиеност на селото, селаните биле погребувани на четири места, односно во месностите: Селиште, Дабје, Ивањица и Пејов Камен.[3]
Селото влегува во рамките на Општина Кочани од 2004 година.
Во периодот 1996-2004, селото било дел од Општина Оризари.
Во периодот 1955-1996, селото било дел од Општина Кочани.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од Општина Оризари.
Во XIX век, Безиково било дел од Кочанската каза на Отоманското Царство.
Во селото постои избирачкото место бр. 893 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште на селото Прибачево.[15]
На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 9 гласачи.[16]
Селаните се собираат во месноста Селиште кај маалото Радиновец на празникот Духовден, а кај црквата „Св. Ѓорѓи“ во месноста Дабје се собираат на празникот Ѓурѓовден. За селска слава се смета вториот ден од празникот Духовден. Мештаните велат:
„Овде не постоит голем селски собор како во полските села.“[3]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.