Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Анафилакса е сериозна алергиска реакција која започнува ненадејно и може да предизвика смрт.[1] Анафилаксата обично се манифестира со одредени симптоми, вклучувајќи исип кој чеша, отечено грло и низок крвен притисок. Вообичаени причинители се убоди од инсекти, храна и лекови.
Анафилакса | |
---|---|
Ангиоедем на лицето, поради што детето не може да ги отвори очите Оваа реакција е предизвикана од изложеност на алерген. | |
Специјалност | Ургентна медицина, Имунологија |
Анафилаксата е резултат од ослободување на белковини од одредени видови на бели крвни клетки. Овие белковини се супстанци што можат да ја отпочнат или да ја влошат алергиската реакција. Нивното ослободување може да биде предизвикано или како реакција на имунолошкиот систем или од друга причина која не е поврзана со него. Воспоставувањето дијагноза за анафилаксата се врши врз основа на симптомите и знаците кои ги манифестира поединецот. Примарен третман е инјекција на адреналин, кој понекогаш се комбиира со други лекови.
Од 0.05 до 2% од луѓето во светот имаат анафилакса во одреден период од нивниот живот. Се чини дека стапките се зголемуваат. Терминот доаѓа од грчките збофови ἀνά (ана) - „против“, и φύλαξις (филаксис) - „заштита“.
Анафилаксата обично се манифестира со многу различни симптоми во текот на неколку минути или часови.[2][3] Доколку причината е супстанција која е внесена директно во крвотокот (интравенски), симптомите во просек се јавуваат во рок од 5 до 30 минути. Но, доколку причината е храна, тогаш симптомите во просек се појавуваат за 2 часа.[4] Најчесто, опфатени се следниве области: кожата (80–90%), белите дробови и дишните патишта (70%), желудникот и цревата (30–45%), срцето и крвните садови (10–45%) и централниот нервен систем (10–15%).[3] Обично се опфатени два или повеќе од овие органски системи.[5]
Вообичаени симптоми се исип на кожата, јадеж, црвено лице или кожа (уртикарија) или отечени усни.[6] Оние коишто имаат поткожен оток (ангиоедем) наместо јадеж, може да почувствуваат горење на кожата.[4] До 20% од случаите може да манифестираат отекување на грлото и јазикот.[7] Други симптоми може да бидат: течење на носот и отекување на слузокожата на окото и очниот капак (конјуктивитис).[8] Исто така, поради недостиг на кислород, кожата може да добие сина боја (цијаноза).[8]
Симптоми и знаци на дишниот систем се: отежнато дишење, нискотонско тешко дишење (свирење во градите), или високотонско тешко дишење (стридор).[6] Нискотонското дишење обично се јавува поради грчење на мускулите во долниот дел на дишните патишта (бронхијални мускули).[9] Високотонското дишење се јавува поради оток во горните дишни патишта, поради што тие се стеснуваат.[8] Исто така, може да се јави засипнатост, болка при голтање или кашлица.[4]
Може да дојде до ненадејно контрахирање на срцевите крвните садови (коронарен артериски спазам) поради ослободување на хистамин од одредени срцеви клетки.[9] Ова го попречува крвотокот во срцето, што може да предизвика изумирање на срцевите клетки (миокарден инфаркт) или може да доведе до успорено или забрзано чукање на срцето (срцева аритмија), или пак, може да дојде до прекин на работата на срцето.[3][5] Оние коишто веќе имаат срцево заболување имаат поголем ризик од срцев удар поради анафилакса.[9] Иако е повообичаено пулсот да е забрзан поради низок крвен притисок,[8] 10% од луѓето кои страдаат од анафилакса може да имаат забавен пулс (брадикардија) со низок крвен притисок (комбинацијата на бавен пулс и низок крвен притисок е позната како Безолд-Јаришов рефлекс).[10] Поради пад на крвниот притисок, поединецот може да почувствува вртоглавица или да ја изгуби свеста. Нискиот крвен притисок може да биде предизвикан од ширење на крвните садови (дистрибутивен шок) или од слабеење на срцевите комори (кардиоген шок).[9] Во ретки случаи, многу нискиот крвен притисок може да е единствен знак за анафилакса.[7]
Симптоми од стомакот и цревата може да се грчеви во стомакот, пролив и повраќање.[6] Лицето може да биде збунето, да изгуби контрола врз мочниот меур и да има болки во карлицата, слични на грчеви на матката.[6][8] Проширувањето на крвните садови околу мозокот може да предизвика главоболки.[4] Лицето, исто така, може да чувствува вознемиреност и страв од смрт.[5]
Анафилакса може да биде предизвикана од реакција на организмот на било која туѓа супстанца.[11] Вообичаени причинители се отров од убод од инсект или осило, храна и лекови.[10][12] Храната е највообичаена причина кај деца и млади луѓе. Лекови и убоди од инсекти се повообичаени кај повозрасните.[5] Помалку вообичаени причини се физички фактори, биолошки агенси (на пр. сперма), латекс, хормонални промени, адитиви во храната (на пр. мононатриум глутаминат и прехранбени бои) и лекови за надворешна употреба (топикални лекови).[8] Исто така, вежбањето или надворешната температура (и висока и ниска) можат да предизвикаат анафилакса, со тоа што ќе доведат до ослободување на хемикалии од клетките на одредени ткива (познати како мастоцити), кои ја отпочнуваат алергиската реакција.[5][13] Често анафилаксата која е последица од вежбање е поврзана со јадење на одредена храна.[4] Доколку анафилаксата се јави додека лицето прима анестезија, највообичаени причини се одредени лекови кои предизвикуваат парализа (невромускулни блокатори), антибиотици и латекс.[14] Кај 32-50% од случаите причината е непозната (идиопатска анафилакса).[15]
Многу јадења можат да предизвикаат анафилакса, дури и кога храната се јаде за првпат.[10] Највообичаени причинители во западните култури се јадењето или контактот со: кикирики, пченица, јаткасти плодови, морски плодови, риба, млеко и јајца.[3][5] На Блискиот Исток, сусамот е вообичаен причинител. Во Азија, оризот и леблебијата често предизвикуваат анафилакса.[5] Тешките реакции обично се предизвикани поради ингестија на храната,[10] но, некои луѓе имаат тешка реакција поради допир со причинителот. Децата може да ги надминат алергиите. До 16-годишна возраст, 80% од децата со анафилакса од млеко или јајца и 20% со еден случај на анафилакса на кикирики можат повторно да ги јадат овие производи.
Секој лек може да предизвика анафилакса. Најзастапени се бета-лактамските антибиотици (како пеницилин), потоа аспирин и нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ).[3][16] Обично, ако некој е алергичен на еден НСАИЛ, тој може да користи друг без да предизвика анафилакса.[16] Други вообичаени причини за анафилакса се хемотерапија, вакцини, протамин (се наоѓа во спермата) и лекови од растително потекло.[5][16] Некои лекови, како што се ванкомицин, морфиум и лекови што се користат за подобрување на рендгенските снимки (радиоконтрастни агенси) предизвикуваат анафилакса со тоа што оштетуваат одредени клетки во ткивата, доведувајќи до ослободување на хистамин (дегранулација на мастоцити).[10]
Колку често се јавува реакција на лекарства делумно зависи од тоа колку често лекот се користи и делумно од начинот на кој лекот делува.[17] Анафилакса на пеницилин или цефалоспорин се јавува откако тие ќе се врзат со белковините во телото, а некои се врзуваат полесно.[4] Анафилакса на пеницилин се јавува кај секои 2.000 до 10.000 лекувани луѓе. До смрт доаѓа помалку од еднаш на секои 50.000 лекувани луѓе.[4] Анафилакса на аспирин и НСАИЛ се јавува еднаш на секои 50.000 луѓе.[4] Ако некој има реакција на пеницилин, постои поголем ризик дека ќе има реакција и на цефалоспорин, но сепак ризикот е помал од 1 во 1.000 случаи.[4] Постарите лекови што се користеле за да ги подобрат рендгенските снимки (радиоконтрастните агенси) предизвикуваат реакција кај 1% од случаите. Понови лекови со понизок осмоларен радиоконтрастен агенс предизвикуваат ракција кај 0,04% од случаите.[17]
Отровот од инсекти што касаат или боцкаат, како што се пчелите и осите (Hymenoptera) или Triatominae може да предизвика анафилакса.[3][18] Доколку претходно се јавила реакција на отров (повеќе од локална реакција), во иднина постои поголем ризик од анафилакса.[19][20] Но, половина од смртните случаи претходно немале општа (систематска) реакција.[21]
Луѓе со атописки болести како астма, егзем или алергиски ринитис имаат висок ризик од анафилакса од храна, латекс и радиоконтрастни агенси. Кај овие луѓе ризикот не е зголемен од инјектирани лекови и убоди од инсекти.[5][10] Едно истражување покажало дека 60% од децата со анафилакса имале историја од претходна атописка болест. Повеќе од 90% од децата кои умираат од анафилакса имаат астма.[10] Ризикот е зголемен кај луѓето што имаат нарушувања предизвикани од премногу мастоцити во ткивата (мастоцитоза) или оние кои се побогати.[5][10] Колку подолго време е поминато од последното изложување на агенсот кој ја предизвикал анафилаксата толку е помал ризикот од нова реакција.[4]
Анафилаксата е сериозна алергиска реакција што започнува ненадејно и опфаќа многу органски системи.[1][22] Таа се јавува поради ослободување на воспалителни посредници и цитокини од мастоцитите и базофилите. Нивното ослободување обично се јавува како резултат на реакција на имунолошкиот систем, но може да биде предизвикано и од оштетување на овие клетки, што не е поврзано со имунолошка реакција.
Кога анафилаксата е предизвикана од имунолошка реакција, имуноглобулинот Е (ИгЕ) се врзува со туѓа материја која ја започнува алергиската реакција (антиген). Комбинацијата на врзување на ИгЕ за антиген ги активира ета-рецепторите за Fc (FcFcεRI) на мастоцитите и базофилите. Мастоцитите и базофилите реагираат со ослободување на воспалителни посредници, како што е хистаминот. Овие посредници го зголемуваат контрахирањето на бронхијалните мазни мускули, предизвикувајќи проширување на крвните садови (вазодилатација), го зголемуваат пропуштањето на течности надвор од крвните садови и ја намалуваат работата на срцевиот мускул.[4][22] Исто така, постои имунолошки механизам кој не е зависен од ИгЕ, но не е познато дали ова се случува кај луѓето.[22]
Кога анафилаксата не е предизвикана од имунолошка реакција, реакцијата е предизвиката од агенс што директно ги оштетува мастоцитите и базофилите, предизвикувајќи ги да лачат хистамин и други супстанци што вообичаено се поврзани со алергиска реакција (дегранулација). Агенсите што можат да ги оштетат овие клетки се контрастно средство за рендген, опиоиди, температура (топло или ладно) и вибрации.[13][22]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.