Јефер
From Wikipedia, the free encyclopedia
From Wikipedia, the free encyclopedia
Јефер (германски: Jever) — град и административно седиште на округот Фризија, во сојузната покраина Долна Саксонија, Германија.
Јефер
Jever | |
Фризиската пиварница, каде се произведува пивото Јефер | |
Управа | |
Земја | Германија |
---|---|
Покраина | Долна Саксонија |
Округ | Фризија |
Градоначалник | Јан Едо Алберс (независен) |
Основни податоци | |
Површина | 42,13 км2 |
Надм. височина | 9 м |
Население | 14.847 (31 декември 2022)[1] |
- Густина | 352 жит/км2 |
Други информации | |
Часовен појас | CET/CEST (UTC+1/+2) |
Рег. табл. | FRI |
Пошт. бр. | 26441 |
Повик. бр. | 04461 |
Портал | www.stadt-jever.de |
Местоположба на градот Јефер во рамките на округот Фризија | |
Координати | 53°34′28″N 7°54′3″E |
Името Јефер обично се поврзува со познатиот бренд на пиво, кое се произведува тука. Градот исто така е популарно одморалиште. Јефер добил статус на град во 1536 година. Неофицијално Јефер понекогаш се споменува како Мариенштат (Marienstadt, букв. „град на Марија“), што се однесува на Марија од Јефер, последната независна владетелка во градот.
Јефер се наоѓа во областа Јеферланд, североисточниот дел на Источнофризискиот Полуостров. Градот се наоѓа во близина на брегот на Северното Море, околу 15 километри западно од Вилхелмсхафен и Јадскиот Залив.
На север, Јефер се граничи со општината Вангерланд, на исток и на југ со градот Шортенс, додека на запад со градот Витмунд. На југозапад Јефер дели мала гранична линија со источнофризиската општина Фридебург.
Градот се состои од градското јадро, како и од местата Морварфен, Рардум, Клевернс, Зандел и Занделерменс.
Археолошките наоди во близина на Јефер покажуваат дека областа била населена уште од неолитскиот период. Во близина на градот бил сместен долмен во околу 1880 година, но бил отстранет кон крајот на XIX век поради земјоделски проширувања. Покрај тоа, алати како бодежи и српови биле пронајдени на истата област. Од подоцнежните периоди од околу VI век п.н.е таму биле откриени голем број на урни како и бронзени врвови од копја и секири.
За време на римско време хаучите имале населба во областа на Јефер. Околу 826 година, дел од Фризија бил даден од Лудвиг Побожниот на данскиот крал Харалд Клак поради неговото преобраќање во христијанството; Харалд побарал засолниште од Лудвиг откако бил протеран од својата татковина. Во епот Кудрун кој датира од IX век се спомнува данската доминација на Фризија и содржи спомнување на „Гиверс“ во областа Занде кој најверојатно е првиот запис за Јефер. Уште еден запис од 1158 година бележи град со името „Геверае“, латинизација на долногерманскиот Геверен или Гаверен („пасиште“, или алтернативно „место на тингот“).
Монети со печатот на Јефер биле пронајдени подалеку во Финскиот Залив и во реката Варта во Полска кои служат како доказ за важноста на Јефер како трговски град. За време на X и XI век Јефер бил пристаниште и имал пристап до Северното Море преку реката Јаде и Харлебухт. Сепак со текот на движењето на земјата пристапот до морето исчезнал, а подоцнежните изградби на брани го оставиле Јефер оддалечен од брегот. Сепак, Јефер ја задржал важноста на трговски центар. Во 1546 година, Хоксиел станал надворешно пристаниште за Јефер и со продолжувањето на поплочените патишта од Јефер до Хоксиел повеќе немало потреба од мали бродови да пловат до Јефер. Денес, во центарот на Јефер, детско игралиште со рамка во облик на брод служи како потсетник за важното поморско минато на градот.
Саксонски војводи, а потоа и велфската династија владееле со Јефер, а кон крајот на XII век, Јефер потпаднал под власт на Олденбург. На Јефер му биле доделени права за град во 1347 година. Пред крајот на XV век, градот продолжил да биде успешен трговски центар, ова привлекувало не само трговци туку и пирати.
Последен барон на Јефер бил Едо Вимкен кој, во 1505 година, ја завршил изградбата на замокот и е закопан во градската црква. По смртта на Едо, градот бил под власт на грофот Едвард I. Сепак, Марија од Јефер, ќерката на Едо ја повратила независноста на градот, и во 1536 година додека бил под нејзина власт, Јефер добил официјален статус на град што довело до неофицијалното име „Мариенштат“.
Марија починала во 1575 година, но нејзината смрт била чувана во тајност поради стравот од враќањето на источните Фризи. Наместо тоа, Јефер станал еден од териториите на Олденбург како последна желба на Марија. Во 1667 година Јефер бил даден под контрола на Анхалт-Цербст. Откако принцот Фридрих Август починал во 1793 година, машката линија на Анхалт-Цербст исчезнала и нејзините територии биле поделени. Јефер тогаш бил даден на Катерина II, родена како принцеза Софија од Анхалт-Цербст, и единствена жива роднина на Фридрих Август. Градот останала под нејзина власт сѐ додека не бил окупиран од војските на Наполеон во 1807 година. Помеѓу 1808 и 1810 година, градот бил дел од Кралството Холандија, кое било вазалска држава на Наполеон. Кога Французите биле приморани да се повлечат во 1813 година, Русија го повратила Јефер и го дала на големите војводи од Олденбург во 1818 година.
Јефер бил поврзан во железничката мрежа во 1871 година со линија од Занде. Од 1881 година, градот се поврзал кон западните делови со Витмунд, Езенс и Дорнум, а од 1888 година и северно со Каролиненсил. Железничката станица во Јефер до ден денес сè уште има соба за чекање за исклучива употреба на војводата на Олденбург.
Поради то што Анхалт-Цербст гарантирал безбедност и слобода за Евреите, Јефер станал центар на еврејскиот живот во Фризија, достигнувајќи го својот врв во XIX век. Подоцна многу млади луѓе заминале во поголемите градови со надеж за подобри екоонмски можности. Ова предизивикало населението да се намали на половина од поранешниот број: во 1933 година, во градот биле останати само 98 Евреи. Синагогата (отворена во 1802 г.) била целосно уништена во Кристалната ноќ и околу 63 евреи од Јефер биле убиени во Холокаустот.
Градскиот совет се состои од 30 избрани членови, што одговара за градови со број на жители помеѓу 12.001 и 15.000 жители.[2] Членовите се избираат на општи избори на секои пет години.
На последните општински избори на 11 септември 2016 година биле добиени следниве резултати:[3]
* Социјални избирачки групи Јефер и Фризија
Градската управа на Јефер од 12 ноември 2013 година е предводена од градоначалникот Јан Едо Алберс (независен).[4] На изборите на 6 октомври 2013 година ги освоил изборите со 51,11% пред соперникот Дитмар Ристман.
Јефер е збратимен со следниве градови:
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.