’Рбетници
From Wikipedia, the free encyclopedia
‘Рбетниците (науч. Vertebrata, понекогаш и Craniata) се поттип на хордови животни на чиј антериорен крај се развил череп (што ги разликува од останатите поттипови на хордати). За разлика од другите хордати, ‘рбетниците активно ја набавуваат храната. Овој активен начин на исхрана е овозможен, пред се, со силниот развиток на осковиот скелет, сложените сетилни органи и диференцираниот черепен мозок.
’Рбетници Период: камбриум-денес,[1] | |
---|---|
Поединечни организми од секоја група ‘рбетници. Од горниот лев агол, па на десно:
огнен дождовник, морски крокодил, шлемоносен казуар, црвеноплеќа сурлеста ријачка, риба-месечина | |
Научна класификација [ у ] | |
Царство: | Животни |
Тип: | Хордови |
(нерангирано): | Черепни |
Поттип: | ’Рбетници Cuvier, 1812 |
Упростено групирање (повеќе во текстот) | |
‘Рбетниците стекнале подобра ориентација во својата конкретна животна средина благодарејќи на силниот развиток на сетилните органи, особено на органите за слух, мирис и вид, како и на развитокот на мозокот кој ја регулира целата активност на организмот. Затворениот крвоносен систем снабден со контрактилен орган - срце, како и крвта со крвните клетки обезбедуваат побрз и подобар транспорт на гасовите и хранливите материи, а со тоа и поголема енергетска потрошувачка. Интензивниот промет на гасовите е осигуран со добро развиени органи за дишење - жабри или бели дробови. Сите овие, како и некои други можности што ги стекнале ‘рбетниците во својот еволутивен развиток, дале можност да го достигнат врвниот степен на развитокот. Тоа максимално е постигнато кај човекот како единствено разумно живо суштество на нашата планета.