Слух
From Wikipedia, the free encyclopedia
Слух — едно од петте сетила. Со него, организмите можат да ги слушнат звуците што ги опкружуваат, со помош на увото. Тоа служи како инка за собирање звучни бранови од воздухот околу копнените организми и од водата за животните кои живеат во водни средини.[1][2] Брановите минуваат низ ушниот канал и удираат во тапанчето. Вибрациите поминуваат долж три ситни коски, чеканче, наковална и стремен. Стременот испраќа вибрации до делот од увото кој е исполнет со течност и се нарекува полжав. Вибрациите се пренесуваат во бранови низ течноста и ги тресат микроскопски малите влакненца кои излегуваат од нервните клетки. Како што се движат влакненцата, клетките произведуваат нервни сигнали, кои патуваат долж слушниот нерв до мозокот.
Слухот е едно од петте сетила на ’рбетниците, вклучувајќи ги и луѓето. Кај нив, слушниот систем собира механички вибрации, кои предизвикуваат звучни бранови. Звукот се слуша бидејќи нервите во ушите ги претвораат вибрациите во сигнали, кои одат во мозокот.[3] Слушниот систем се состои од уво, слушен нерв и делови од централниот нервен систем кои се вклучени во сетилото за слух. Неможноста на слушните органи да примаат дразби се нарекува глувост.
Сетилото за слух е многу осетлив рецептор на надворешните дразби, кое има високо развиена способност механичката енергија на звучните бранови да ги претвора во биоелектрични импулси и да ги упатува на соодветните мозочни центри.[4][5] Механорецепторите на ова стило се сместени во т.н. Кортиев орган на внатрешното уво, главниот функционален дел на полжавот. До него звукот доаѓа преку надворешното и средното уво. Звучните бранови предизвикуваат треперење на ушното тапанче, кое се пренесува на слушните ковчиња: чекан, наковална и стремен. Бидејќи меѓусебно се поврзани со лигаменти, тие имаат постојана положба, но и особено значајна способност да делуваат како своевидна пружина, која јачината на примените треперења ги зголемува за повеќе од 20 пати. Од стременот овие вибрации (преку „овалното окно“) стигаат до полжавот.
Полжавот е 2,5 пати спирално свиткана цевка, чија внатрешност, со базната мембрана, е надолжно поделена на две шуплини. Тој е исполнет со слушна течност, преку која звучните вибрации се пренесуваат до базната мембрана, а од таму до сетилните клетки на Кортиевиот орган. Базната мембрана е потесна во основата отколку на врвот на полжавот, што овозможува да се слушнат високи тонови на почетокот и длабоки тонови на крајот на цевката од полжавот. Со ова се постигнува просторна анализа на звукот по висина. Механорецепторите на Кортиевиот орган опфаќаат три надворешни и еден внатрешен ред на цилијарни клетки. Крајните надворешни ќелии ги регистрираат најтивките звуци, на границата на чујност. Кон внатрешноста се распознаваат сè посилни тонови, што овозможува звукот да се разликува по јачина. Создадените биоелектрични импулси на сетилните клетки, преку слушниот нерв, стигнуваат до слепоочниот дел на кората на големиот мозок, каде што се врши не само изострување на звукот, туку и психоакустична анализа, особено кога станува збор за говорните елементи.