From Wikipedia, the free encyclopedia
Цивилизацијата е комплексно општество кое се одликува со урбан развој, социјална стратификација наметната од страна на културна елита, симболички системи на комуникација (на пример, системи на пишување), и значителна оддалеченост од и доминација над природната средина.[1][2][3][4][5][6][7][8]
Цивилизациите се интимно поврзани со и често се дополнително дефинирани од страна на други социо-правно-економски одлики, вклучувајќи ги централизацијата, припитомувањето и на луѓето и на другите организми, специјализацијата на трудот, културно вкоренетите идеологии за напредокот и супремацијата, монументалната архитектура, даноците, социјалната зависност од земјоделството и експанзионизмот. Историски, цивилизацијата била т.н. „напредна“ култура во контраст со наводно примитивните култури.[9] Во оваа широка смисла, цивилизацијата е во спротивност со нецентрализираните племенски општества, вклучувајќи ги и културите на номадските земјоделци и сточари и неолитските општества на ловците-собирачи. Цивилизацијата исто така се однесува на процесот на развој на општеството во централизирана, урбанизирана, стратифицирана структура. Цивилизациите се организирани во густо населени населби поделени во хиерархиски општествени класи со владејачка елита и подредено урбано и рурално население, кои се вклучени во интензивно земјоделство, рударство, производство во мал обем и трговија. Цивилизацијата ја концентрира моќта, проширувајќи ја човековата контрола врз природата, како и врз другите човечки суштества.[10]
Најраната појава на цивилизациите генерално се поврзува со завршната фаза на Неолитската револуција, кулминирајќи во релативно брз процес на урбана револуција и државна формација, политички развој поврзан со појавата на владејачката елита. Пораната неолитска технологија и начин на живот биле основани прво во Блискиот Исток, а подоцна и во басените на Жолта Река и Јангцекјанг во Кина (на пример пенгтушанската култура од 7.500 година п.н.е.), а подоцна се прошириле. Слични пред-цивилизациски "неолитски револуции" исто така независно започнале од 7.000 година п.н.е. во северозападниот дел на Јужна Америка (цивилизацијата Норте Чико)[11] и во Мезоамерика. Овие биле меѓу петте цивилизации во светот кои настанале независно.[12] Месопотамија е местото на најраниот развој на Неолитската револуција - околу 10.000 години п.н.е., со што цивилизациите почнале да се развиваат пред околу 6.500 години. Оваа област е идентификувана како област која има “инспирирано некои од најважните случувања во историјата на човештвото, вклучувајќи го пронаоѓањето на тркалото, развојот на курзивното писмо, математиката, астрономијата и земјоделството.“[13]
Цивилизациската урбана револуција пак била зависна од развојот на седентизмот, припитомувањето на животните и развојот на начини на живеење кои овозможиле економии од обем и акумулирање на вишок производство од страна на одредени општествени сектори. Преминот од комплексни култури во цивилизации, додека сè уште спорен, се чини дека е поврзан со развојот на државните структури, во кои силата била уште повеќе монополизирана од страна на елитна владејачката класа[14] која практикувала давање на човечки жртви.[15] Кон крајот на неолитскиот период, различни елитистички енеолитски цивилизации почнале да се зголемуваат во различни "лулки" од околу 3300 година п.н.е.. Енеолитските цивилизации исто така се развиле во Претколумбиска Америка, и покрај раниот почеток во Египет, Аксум и Куш, многу подоцна во потсахарска Африка. Колапсот на бронзеното време бил проследен со железното време околу 1200 година п.н.е., време во кое голем број на нови цивилизации се појавиле, кулминирајќи во периодот од 8 до 3 век п.н.е. кој германскиот психијатар и филозоф Карл Јасперс го нарекол аксиален пероид, и кој тој тврдеше дека била критична преодна фаза која довела до класичната цивилизација. Голема технолошка и културна транзиција кон модерноста започна околу 1500 година од н.е. во Западна Европа, што предизвика нови пристапи кон науката и правото брзо да се прошират низ светот, инкорпорирајќи ги пораните култури во индустриската и технолошката цивилизација на сегашноста.[16]
Англискиот збор "цивилизација" доаѓа од францускиот civilisé ("цивилизиран"), од латинскиот civilis ("граѓански"), поврзан со civis ("граѓанин") и civitas ("град").[17] Фундаменталното дело е Цивилизацискиот процес (1939) на Норберт Елијас, според кое социјалните обичаи на средновековното благородничко општество поттекнуваат од почетокот на модерниот период.[18] Во Филозофијата на Цивилизација (1923), Алберт Швајцер подвлекува две мислења: едно чисто материјалистичко и друго кое е и материјалистичко и етичко. Тој тврди дека светската криза произлегува од човековото губење на етичката идеја за цивилизацијата, "збирот на напредокот направен од страна на човекот во секоја сфера на дејствување и од секоја гледна точка сè додека напредокот помага кон духовното усовршување на поединците, како напредок на сите напредоци".
Придавките како "граѓанство" се развиле во средината на 16 век. Апстрактната именка "цивилизација", што значи "цивилизирана состојба", се појави во 1760-тите на француски јазик. Првата позната употреба на француски јазик е од 1757 година од страна на Виктор Рикети, а првата употреба на англиски јазик се припишува на Адам Фергусон, кој во својот Есеј за Историјата на Граѓанското Општество од 1767 напиша, "Не само што поединецот се развива од детството кон младоста, но и самиот род од барбарност кон цивилизација".[19]
Во доцните 1700-ти и раните 1800-ти, за време на француската револуција, „цивилизација“ се користи во еднина, никогаш во множина, и значи напредок на човештвото како целина. Ова е сè уште случајот во Франција. Употребата на „цивилизации“ била во повремена употреба во 19 век,[20] но стана многу почеста во доцниот 20 век, понекогаш само со значење на култура.[21] Само во оваа генерализирана смисла станува можно да се зборува за "средновековна цивилизација", што според смислата на Елијас би било оксиморон.
Веќе во 18 век, цивилизацијата не била секогаш гледана како подобрување. Една историски значајна дистинкција помеѓу културата и цивилизацијата поттекнува од делата на Русо, особено од неговото дело за образованието, Emile. Овде, цивилизација, сè повеќе рационалистички и социјално управувана, не е целосно во согласност со човековата природа, и „човековата целовност се постигнува само преку обновување на или доближување до оригиналното прерационално природно единство“. Врз основа на ова, еден нов пристап почна да се развива, особено во Германија, прво од страна на Јохан Готфрид Хердер, а подоцна и од филозофите како што се Кјеркегор и Ниче. Овој пристап ги гледа културите како природни организми, не дефинирани од "свесни, рационални, претпазливи дела", но од еден вид на пред-рационален "народен дух". Цивилизацијата, за разлика од тоа, иако порационална и поуспешна во однос на материјалниот напредок, е неприродна и доведува до "пороците на општествениот живот" како што се измамата, хипокризијата и зависта.[22] За време на втората светска војна, Лео Штраус, откако побегна од Германија, тврдел дека ова мислење за цивилизацијата било зад нацизмот и германскиот милитаризам и нихилизам.[23]
Општествени научници како В. Гордон Чајлд сметаат дека има голем број на особини според кои се разликува цивилизацијата од другите видови на општества.[25] Цивилизациите се разликуваат по нивните средства за опстанок, начини на живеење, видовите на населби, формите на владеење, социјалната стратификација, економските системи, писменоста и други културни одлики. Андреј Никифорук смета дека ропството била заедничка одлика на пред-современите цивилизации.[26]
Сите цивилизации зависеле од земјоделството за егзистенција, со исклучок на некои од раните цивилизации во Перу кои зависеле од поморските ресурси.[27][28] Вишокот на жито бил од особено голема важност, бидејќи зрното можело да се чува долго време. Вишокот на храна дозволи некои луѓе да се занимаваат и со други нешта покрај производството на храна за останок: раните цивилизации вклучувале војници, занаетчии, свештеници и свештенички, и други луѓе со специјализирани кариери. Вишокот на храна резултирало со поделбата на трудот и поразновиден спектар на човечка активност, дефинирачка одлика на цивилизациите. Сепак, во некои места и ловците-собирачи имале пристап до вишок на храна. Можно е вишокот на храна и релативно високото ниво на социјална организација и поделба на трудот да го предатираат растителното и животинското припитомување.[29]
Во споредба со другите општества, цивилизациите имаат посложена политичка структура, имено државата.[30] Општествата организирани во држава се постратифицирани од другите општества; кај нив е поголема разликата меѓу социјалните класи. Владејачката класа, која обично е концентрирана во градовите, има контрола над голем дел од вишокот и ја наметнува својата волја преку владата или бирократијата. Мортон Фрајд и Елман Сервис ги класифицирале човечките култури врз основа на политичките системи и социјалната нееднаквост. Овој систем на класификација содржи четири категории[31]
Економски, цивилизациите имаат посложени модели на сопственост и размена од помалку организираните општества. Живеењето на едно место им овозможило на луѓето да акумулираат повеќе личен имот од номадските народи. Некои луѓе исто така се стекнале и со приватната сопственост на земјиштето. Првите човечки култури функционирале преку подарок-економиите дополнети со ограничени системи на размена. До почетокот на железното време, современите цивилизации ги развиле парите како средство за размена при покомплексни трансакции. Од времето на најраните монетизирани цивилизации, монополистичките контроли врз монетарните системи им биле во корист на општествените и политичките елити.
Пишувањето, развиено за првпат од Сумерите, се смета за еден белег на цивилизацијата и "се појавува паралелно со порастот на сложени административни бирократии или освојувачката државата".[34] Трговците и бирократите се потпирале на пишувањето за да чуваат точни записи. Како и парите, и пишувањето е произлезено од големината на населението во градот и сложеноста на трговијата меѓу луѓе кои не се лично познавале едни со други. Сепак, пишувањето не е секогаш неопходно за цивилизацијата, како во случајот на Инките, кои воопшто не го користеле пишувањето, со исклучок на еден комплексен систем на евидентирање.
Потпомогнати од поделбата на трудот и централното планирање, цивилизациите имаат развиено многу други различни културни одлики, вклучувајќи ја организираната религија, развојот на уметностите и безброј нови достигнувања во науката и технологијата.
Низ историјата, успешните цивилизации се шириле, инкорпорирајќи во себе сè повеќе и повеќе територијата, и асимилирајќи сè повеќе и повеќе претходно-нецивилизирани луѓе. Сепак, некои племиња или луѓе остануваат нецивилизирани дури и до овој ден. Овие култури се наречени од страна на некои како "примитивни", термин кој се смета од страна на други како пејоративен. "Примитивни", значи на некој начин дека нивната култура е "прва" (латински = primus), дека таа не е променета од зората на човештвото, иако ова е докажано како невистинито. Антрополозите денес го користат терминот "неписмени" за да ги опишат овие народи.
Цивилизацијата се ширила преку колонизација, инвазија, верско преобраќање, екстензија на бирократската контрола и трговијата, и со воведување на земјоделството и пишувањето кај неписмените народи. Некои нецивилизирани луѓе можат и доброволно да се прилагодат на цивилизираното однесување. Но цивилизацијата исто така се проширила и преку нејзината техничка, материјална и социјална доминација.
Процените за нивото на цивилизација што го достигнала општеството се засноваат на споредбите на релативната важност на земјоделските, наспротив трговските или производните капацитети, на територијалните екстензии на неговата моќ, на комплексноста на неговата поделба на трудот и на капацитетот на неговите урбани центри. Секундарните елементи вклучуваат развиен транспортен систем, пишување, стандардизирани мерења, валути, договорни и деловни правни системи, уметност, архитектура, математика, научно разбирање, металургија, политички структури и организирана религија.
Традиционално, општествата кои успеале да постигнат значајна воена, идеолошка и економска моќ се дефинирале како "цивилизирани", наспротив други општества или групи надвор од нивната сфера на влијание - нарекувајќи ги последниве варвари, дивјаци и примитивци. Во современиот контекст, "цивилизираните луѓе" се контрастирани со домородните луѓе или со племенските општества.
"Цивилизација" исто така може да се однесува на културата на едно сложено општество, не само на самото општество. Секое општество, цивилизација или не, има еден специфичен сет на идеи и обичаи, како и одредена група на производители и вештини кои го прават уникатно. Цивилизациите имаат тенденција да развиваат сложени култури, вклучувајќи државно-засновани апарати за донесување одлуки, литература, стручна уметност, архитектура, организирана религија и сложени форми на образование, принуда и контрола поврзани со одржувањето на елитата.
Сложената култура поврзана со цивилизацијата има тенденција да се шири и влијае на други култури, понекогаш асимилирајќи ги (класичен пример е кинеската цивилизација и нејзиното влијание врз соседните цивилизации, како што се Кореја, Јапонија и Виетнам). Многу цивилизации се всушност големи културни сфери кои содржат многу нации и региони. Цивилизацијата во која поединецот живее е неговиот најопфатен културен идентитет.
Многу историчари се фокусирале на овие крупни културни области и ги третирале цивилизациите како дискретни единици. Во почетокот на дваесеттиот век филозофот Освалд Шпенглер,[35] го користел германскиот збор Kultur, "култура", за она што многумина го нарекувале "цивилизација". Тој верувал дека доследноста на цивилизацијата се заснова на еден единствен примарен културен симбол. Културите имаат циклуси на раѓање, живот, опаѓање и смрт, често заменети од страна на една потенцијална нова култура, формирана околу еден нов културен симбол. Според Шпенглер цивилизацијата е почетокот на падот на една култура како "најголема надворешна и вештачка држава можна за развиеното човештво".
Семјуел Хантингтон ја дефинирал цивилизацијата како "највисокото културно групирање на луѓето и најопфатно ниво на културен идентитет што ги разликува луѓето од другите видови". Неговите теории за цивилизациите се дискутирани подолу.[36]
Друга група на теоретичари, употребувајќи ја системската теорија, ја сметаат цивилизацијата за комплексен систем. Цивилизациите можат да се гледаат како мрежи на градови кои произлегуваат од пред-урбани култури и се дефинирани од страна на економски, политички, воени, дипломатски, социјални и културни интеракции меѓу нив. Секоја организација е комплексен општествен систем и цивилизацијата е голема организација. Системската теорија помага при заштитата од површни, но и погрешни аналогии во изучувањето и описот на цивилизациите.
Системските теоретичари земаат предвид многу видови на односи помеѓу градовите, вклучувајќи ги и економските врски, културната размена и политичко/дипломатско-воените односи. Овие сфери често се појавуваат на различни нивоа. На пример, трговските мрежи биле, до XIX век, многу поголеми од кои било културни или политички сфери. Патот на свилата ги поврзувал римската империја, персиската империја, Индија и Кина од пред 2000 години, кога овие цивилизации едвај имале заеднички политички, дипломатски, воени или културни врски.[37]
Многу теоретичари тврдат дека целиот свет веќе стана интегриран во еден единствен "светски систем", процес познат како глобализација. Различни цивилизации и општествата во целиот свет се економски, политички, па дури и културно меѓузависни на многу начини. Постои дебата за тоа кога оваа интеграција започнала, и каков вид на интеграција – културна, техничка, технолошка, економска, политичка, или воено-дипломатска – е клучен индикатор за определување на степенот на цивилизација. Според Дејвид Вилкинсон економската и воено-дипломатската интеграција на месопотамската и египетската цивилизација резултираше во создавањето на она што тој го нарекува "Централна цивилизација" околу 1500 година п.н.е..[38] Централната цивилизација подоцна се прошири и на целиот Близок Исток и во Европа, а потоа се прошири на глобално ниво со европската колонизација, интегрирајќи ги Америка, Австралија, Кина и Јапонија од XIX век. Според Вилкинсон, цивилизациите можат да бидат културно-хетерогени како централната цивилизација, или хомогени како јапонската цивилизација. Она што Хантингтон го нарече "судир на цивилизациите" може да се одликува според Вилкинсон како судир на културните сфери во рамките на една глобална цивилизација. Други укажуваат на крстоносните војни како прв чекор во глобализацијата. Поконвенционална гледна точка е дека мрежите на здружување се шириле и смалувале уште од античките времиња, и дека актуелната глобализирана економија и култура е производ на неодамнешниот европски колонијализам.
Историски, се претпоставувало од страна на писатели како Аристотел дека цивилизациите се природната состојба на човештвото, затоа потеклото за грчкиот полис се сметало за непотребно. Сумерската Кралска Список на пример, тврди дека потеклото на нивната цивилизација е преку слегувањето од небото. Сепак, поморските откритија ги изложиле државите од западна Европа на културите на ловците-собирачи и на едноставните градинарски култури кои не биле цивилизирани. За да ги објаснат разликите, раните теоретичари се свртиле кон расистичките теории за културна надмоќ, теории за географски детерминизам или случајности на културата. По втората светска војна, овие теории биле отфрлени по разни основи и се барале други објаснувања. Се развиле четири училишта во модерниот период.
Процесот на седентизам за првпат се случи околу 12,000 години п.н.е. во Левантот во југозападна Азија и кратко потоа и во други региони низ светот. Појавата на цивилизацијата, генерално, се поврзува со неолитската, односно земјоделската револуција, која се случила на разни локации меѓу 8,000 и 5,000 година п.н.е., особено во југозападниот дел на Азија, северна/централна Африка и Средна Америка.[42] Потоа следеле повеќе други револуции по кои луѓето припитомувале животни не само за месо, но исто така и за млеко, волна, отпадни води и за влечење предмети. Потоа следувало напуштањето на малите селски заедници и појавата на заѕидани градови, што се поврзува со првите цивилизации. Оваа "урбана револуција" го означи почетокот на акумулацијата на вишокот, што помогнаа економиите и градовите да се развијат. Тоа било поврзано со државниот монопол на принудата, појавата на војничка класа и ендемско војување, брзиот развој на хиерархиите и појавата на човечкото жртвопринесување.[43]
Железото време е период карактеристичен по употребата на железото. Раниот период се одликува со широката употреба на железото или челикот. Ова се совпадна со други промени во општеството, вклучувајќи различни земјоделски практики, религиозни верувања и уметнички стилови.[44][45]
Според Карл Јасперс, германски историски филозоф, древните цивилизации биле погодени во голема мера од Аксиалниот период, во периодот помеѓу 800–200 година п.н.е., време во кое серија на мудреци, пророци, верски реформатори и мислители, од Кина, Индија, Иран, Израел и Грција, го смениле правецот на цивилизациите.[46]
Ширењето на зороастризмот, конфуцијанството и будизмот е поврзано со развојот на осниот период. Од голема важност било создавањето на големи милитаристички територијални држави. Тоа било исто така поврзано со ширењето на монетарните економии. Подемот на религиите придонел да се обединат држави поголеми од претходните.
Политичкиот научник Семјуел Хантингтон[47] тврди дека дефинирачка одлика на 21-от век ќе биде судирот на цивилизациите. Според Хантингтон, судирот помеѓу цивилизациите ќе ги замени конфликтите помеѓу државите и идеологиите, кои се карактеристични за 19 и 20 век. Роналд Инглхарт и Пипа Норис тврдат дека "вистинскиот судир на цивилизациите" меѓу муслиманскиот свет и Западот е предизвикан од муслиманското одбивање на полибералните западни вредности, а не разликата во политичката идеологија, иако тие напоменуваат дека овој недостаток на толеранција е веројатно да доведе до евентуалното одбивање на барањата за (вистинска) демократија.[48] Во Идентитетот и Насилството Сен прашува дали луѓето воопшто треба да бидат поделени според "цивилизацијата", дефинирана од религијата и културата. Тој тврди дека ова ги игнорира многу од другите идентитети кои ги имаат луѓето и води кон фокусирање на разликите.
Културниот историчар Морис Берман предлага во Среденовековна Америка: Крајот на империјата дека во корпоративниот консумеристички САД, факторите кои еднаш ја издигнале Америка―екстремен индивидуализам, територијална и економска експанзија, желбата за материјалното богатство―ќе доведат до колапс кој е неизбежен.[49] Тезата на Берман е слична со таа на Џејн Џејкобс која тврди дека петте столба на културата на САД се при сериозно распаѓање: заедницата; високото образование; делотворната практика на науката; оданочувањето и владата; и само-регулирањето на научните професии. Ова е поврзано со општествени зла како што се загрозувањето на животната средина, расизмот и зголемувањето на заливот меѓу богатите и сиромашните.[50]
Културниот критичар и автор Дерик Џенсен тврди дека модерната цивилизација е насочена кон доминација над животната средина и самото човештвото на еден суштински штетен, неодржлив и автодеструктивен начин.[51] Потребата на цивилизациите за увоз на сè повеќе ресурси, тој тврди, произлегува од нивната над-експлоатација и димуницијата на сопствените локални ресурси. Затоа, цивилизациите усвојувааат империјалистичка и експанзионистичка политика и, за да се одржуваат истите, високо милитаристички, хиерархиски-структурирани и принудно-засновани култури и начини на живот.
Кардашовата скала ги класифицира цивилизациите врз основа на нивното ниво на технолошки напредок, посебно мерејќи го количеството на енергија која цивилизација е во можност да го собере. Оваа скала прави одредби за цивилизациите далеку технолошки понапредни од тие на која било цивилизација што во моментов постои.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.