From Wikipedia, the free encyclopedia
Валтер Теодор Сони Ролинс (роден на 7 септември 1930 година)[1] — американски џез музичар, кој е познат како еден од најважните и највлијателни џез музичари.[1] Во седумдецениска кариера, тој има снимено над шеесет албуми како водач на група. Голем број негови композиции, меѓу кои „Св. Томас“, „Олео“, „Докси“, „Пент-ап хаус“ и „Аирегин“, станале џез стандарди. Ролинс бил наречен „најголемиот жив импровизатор“.[2]
Сони Ролинс | |
---|---|
Ролинс, фотографија од октомври 2011 година | |
Животописни податоци | |
Родено име | Валтер Теодор Ролинс |
Роден(а) | 7 септември 1930 Њујорк, САД |
Жанрови | џез, хард боп |
Занимања | музичар, композитор, водач на група |
Инструменти | тенор саксофон, сопрано саксофон |
Период на активност | кон крајот на 1940-ти–2012 |
Издавачи | Prestige, Blue Note, Contemporary, RCA Victor, Impulse!, Milestone, Doxy, Okeh |
Соработници | Клифорд Браун, Мајлс Дејвис, Кени Дорхем, Арт Фармер, Дизи Гилеспи, Бабс Гонсалес, Џ.Џ. Џонсон, Џеки Меклин, Телониус Манк, Бад Пауел, Макс Роуч, Modern Jazz Quartet |
Мреж. место | sonnyrollins.com |
Ролинс е роден во Њујорк, како најмлад од тројца браќа и сестри. Израснал во централниот дел на Харлем и на Шугар Хил.[3] Својот прв алто саксофон го добил на возраст од седум или осум години.[4] Ролинс започнал како пијанист, потоа свирел алт саксофон, и конечно се префрлил на тенор саксофон во 1946 година. За време на средношколските години, свирел во група со идните легенди на џезот Џеки Меклин, Кени Дру, и Арт Тејлор.
По завршување на средното училиште во 1947 година, Ролинс започнал професионално да свири, а првата снимка ја направил во почетокот на 1949 година со бибап пејачот Бабс Гонсалес (Џ.Џ. Џонсон бил аранжер). Во текот на следните неколку месеци, тој почнал да создава име за себе, снимајќи со Џонсон, а настапувал под водството на пијанистот Бад Пауел, заедно со трубачот Фатс Наваро и тапанарот Рој Хејнс,
Во почетокот на 1950 година Ролинс бил уапсен за вооружен грабеж и поминал десет месеци во затвор. Во 1952 година, тој повторно бил уапсен поради кршење на условната казна, со употреба на хероин. Помеѓу 1951 и 1953 година, тој снимал со Мајлс Дејвис, Modern Jazz Quartet, Чарли Паркер и Телониус Монк.
Во 1955 година, Ролинс заминал на лечење од зависност во федералниот медицински центар во Лексингтон.[5] Се лечел со метадонска терапија, што во тоа време била експериментална, и откако ја надминал зависноста од хероинот, некое време живеел во Чикаго.[6]
Летото 1955 година, Ролинс накратко се приклучил на квинтетот на Мајлс Дејвис,[7][8] а подоцна, истата година, започнал да свири со групата на Клифорд Браун и Макс Роуч учествувајќи на студиските албуми „Клифорд Браун и Макс Роуч на улицата Басин“ и „Сони Ролинс Плус 4“. По смртта на Браун и на пијанистот на групата, Ричи Пауел, во несреќата во јуни 1956 година, Ролинс продолжил да соработува со Роуч и почнал да издава албуми под негово име.
Во 1957, Ролинс започнал да користи бас и тапани без пијано како придружба за неговото соло на саксофон.[9] Како трио, тенор, бас и тапани, снимил два албума Излез од запад и Ноќ во Вилиџ Вангард. Излез од запад била снимена за „Контемпорари рекордс“ од Калифорнија, со тапанарот од Лос Анџелес Шели Мен) и содржела кантри песни како „Вагонски тркала“.
Додека бил во Лос Анџелес во 1957 година, Ролинс се сретнал со алто саксофонистот Орнет Колман и заедно вежбале.[10] Колман бил пионир на стилот фри џез, и две години подоцна престанал да користи пијано во својата група.
Во 1958 година се појавува на фотографијата на Арт Кејн Голем ден во Харлем фотографија на џез музичарите во Њујорк;[11] во 2017 година, Ролинс е еден од двајцата живи музичари од фотографијата. Истата година Ролинс снимил уште еден албум за саксофон, бас и тапани: Слободнa суита.
Во 1959 година, за првпат заминал на турнеја низ Европа. Настапувал во Шведска, Холандија, Германија, Италија и Франција.[12]
Речиси секој ден од летото 1959 година до крајот на 1961 година, Ролинс свирел на мостот, веднаш до патеките на подземната железница.[13] Во летото 1961 година, новинарот Ралф Бертон поминал покрај него и потоа објавил статија во списанието „Метроном“ за тоа што го видел.[14] Во текот на овој период, Ролинс почнал да вежба јога.[15] Во 1962 година, Ролинс изјавил: „Можев цел живот да го поминам свирејќи на мостот, но сфатив дека е подобро да се вратам во реалниот свет.“[16] Во 2016 година, започнала кампања со која се барало мостот да го именуваат по Ролинс, во негова чест.[13]
Во ноември 1961 година, Ролинс се вратил на џез сцената. Во март 1962 година, тој настапил во телевизиската серија Случаен џез.[17] Во текот на 1960-те години, живеел во Бруклин, Њујорк. Во 1962 година го снимил албумот Мостот,[18] кој станал еден од најпродаваните албуми во таа година, а во 2015 година бил воведен во „Сала на славните“ на Греми.[19]
Во 1963 година, ја направил првата од многуте турнеи низ Јапонија.[20]
Во 1968 година, за него бил снимен документарен филм, во режија на Дик Фонтејн, со наслов Кој е Сони Ролинс?[21]
Во 1969 година, Ролинс си зел одмор од јавните настапи во текот на следните две години. За тоа време, ја посетил Јамајка и поминал неколку месеци во изучување јога, медитација, и источна филозофија во ашрамот во Повај, Индија, област во Мумбај.[22]
Се вратил од вториот долг одмор со настап во Конгсберг, Норвешка, во 1971 година.[23] Во 1972 година во весникот The New Yorker се појавил текст за изведбите на Ролинс во ноќниот клуб Вилиџ Вангард во кој се велело дека „тој повторно прави измени, трча, извикува, гестикулира на својот рог, и како да ја повикува публиката во битка.“[24] Во текот на истата година, го издал албумот наречен Нареден албум.[25] Исто така во 1972 година, добил стипендија „Гугенхајм“.[26]
Во текот на 1970-те и 1980-те години, Сони Ролинс бил привлечен од стиловите R&B, поп и фанк. некои од неговите групи од овој период вклучувале електрична гитара, електричен бас, и тапанари кои свиреле поп и фанк музика.
Во 1974 година, Ролинс го вклучил во својата група Руфус Харли,[27] а групата била снимана на својот настап во живо во „Џез клубот на Рони Скот“ во Лондон.[28]
Во текот на 1980-те години, Ролинс престанал да настапува во мали ноќни клубови, и се појавувал само во концертни сали и на отворено, а кон крајот на 1990-те години повремено настапувал во големите рок клубови во Њујорк. Снимил импровизација на саксофон за албумот на Ролинг стоунс од 1981 година Tattoo You.[29] Во 1986 година, во документарниот филм насловен како Колоси на саксофон, биле прикажани две настапи на Ролинс.
Во 1993 година, во универзитетот во Питцбург биле прикажани архивите на Сони Ролинс.[30]
Собранието на градот Њујорк го прогласило денот 13 ноември 1995 година за „Ден на Сони Ролинс“.[31]
Во 1997 година, бил избран за „Џезер на годината“ во списанието Даунбит.[32]
Критичарите забележувале голема разлика меѓу изведбите на Ролинс на снимање и на концерти. Во мај 2005 година во Њујоркер се појавил текст за Ролинс:
Повторно и повторно, деценија по деценија, од доцните седумдесетти до осумдесеттите и деведесеттите години, тој е, Сони Ролинс, саксофонскиот колос, кој свири некаде низ светот, некое попладне или околу осум часот навечер, следејќи ја комбинацијата на емоции, меморија, мисла и естетски дизајн со команда која му овозможува да постигне спонтана грандиозност. Со своето тело од месинг, копчињата од бисери, и неговиот глас, рогот станува сад за епскиот талент на Ролинс и незатемнета моќност и знаење на неговите претходници во џезот.
Ролинс ја освоил наградата Греми за најдобар џез инструментален албум во 2001 година.[33] На 11 септември 2001 година,71-годишниот Ролинс кој живеел на неколку блока од нападите, морал да се евакуира, и заминал од станот само со саксофонот во рака. По пет дена, отпатувал во Бостон да настапува на концерт во музичкото училиште Беркли. Во 2004 година, на Ролинс му била доделена наградата „Греми“ за животно дело.[33]
Во текот на овие години, Ролинс настапувал на концерти ширум светот, во Европа, Јужна Америка, Далечниот Исток и Австралија, со просечна заработка од околу 100.000 долари по настап.[34] На 18 септември 2007 година, настапил во Карнеги хол на концерт по повод 50-годишнина од првиот настап таму.[35]
Во 2010 година, Ролинс ја добил наградата „Национален медал на САД за уметност“,[36] и медал „Едвард Мекдауел“.[37] Во текот на наредната година, за него бил снимен уште еден документарен филм, насловен како Зад нотите.[38]
Ролинс не настапува во живо од 2012 година,[39] поради болест на респираторните органи.[40]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.