From Wikipedia, the free encyclopedia
Првата кинеско-јапонска војна (1 август 1894 - 17 април 1895г.) била војна помеѓу Јапонското Царство и династијата Ќинг, главно за контрола на Кореја.[4] По шестмесечните постојани успеси на јапонските копнени и поморски сили и губењето на пристаништето Веихајвеи, владата на Ќинг побарала мир во февруари 1895 година.
Прва кинеско-јапонска војна | |||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Првата кинеско-јапонска војна, поголемите битки и движењата на трупите |
|||||||||
|
|||||||||
Завојувани страни | |||||||||
Династија Ќинг | Јапонско Царство | ||||||||
Сила | |||||||||
630,000 војници | 240,616 војници | ||||||||
Жртви и загуби | |||||||||
35,000 мртви и ранети[3] | 1,132 мртви 3,758 ранети 285 умреле од раните 11,894 умреле од болест |
Во војната Јапонија се стекнала со значителни територијални придобивки, но по интервенцијата на Русија, Германија и Франција била принудена да се откаже од дел од нив. Успехот на Јапонците создало чувство на национализам во земјата и била главна причина за империјалистичката политика на Јапонија во 20 век.
По реформите на царот Меиџи од 1868, јапонската армија и морнарица биле значително посилни и поефикасни. Затоа јапонските водачи почнале да водат поактивна надворешна политика.[5] Така, тие своето внимание го свртеле кон Кореја, која како кревка и застарена држава била ранлива на инвазија. Дури и најумерените Јапонци ја сфатиле заканата за нивната нација ако Кореја биде контролирана од друга странска сила. Провоените партии се залагале за итна акција за да се спречи таквата можност. Покрај тоа, Јапонија барала можности за инвестирање во странство.[6]
Од друга страна, и Кина под династијата Ќинг направила напори за модернизација на својата армија, но по својата сила заостанувала зад онаа на Јапонија. Исто така, Кина била значително ослабена по Опиумските војни (1839 - 1842 и 1856 - 1860) со Британците.
Во 1885 година, јапонскиот политичар Ито Хиробуми и кинескиот функционер Ли Хонгжан ја потпишале Ли- Ито конвенцијата. Според неа, во случај на немири во Кореја, секоја земја имала право да испрати војници, под услов другата страна да биде информирана.[7] Исто така, по воспоставувањето на ред, двете земји морале да ги повлечат своите сили.[7]
Кина долго време ја сметала Кореја за своја вазална држава, а корејскиот крал со малку поголема моќ од кинески владин министер,[8] нешто што Јапонија не сакала да го прифати. Кон крајот на април во 1894 г., во Кореја избувнало селанско востание во Донхак поради тоа што во Кореја се продавале евтини индустриски производи од Јапонија кои го уништувале тамошното занаетчиство. Тоа бил најголемиот селански бунт во корејската историја.[9] На 1 јуни, до бунтовниците стигнале гласини дека Кинезите и Јапонците биле спремни да испратат војници за да го задушат бунтот и затоа се согласиле за прекин на огнот, со што странските интервенции би биле беспредметни.[9]
На 2 јуни, јапонскиот кабинет одлучил да испрати војници во Кореја ако Кина го стори истото. Во мај, Кинезите презеле чекори за мобилизација на нивните сили во провинциите Жили, Шандонг и Манџурија поради напнатата ситуација на Корејскиот полуостров.[10] На 3 јуни, корејскиот крал Коџон побарал помош од кинеската влада во задушувањето на бунтот во Донхак. Била донесена одлука да се испратат 2.500 луѓе под команда на генералот Је Жичао во пристаништето Асан, на околу 70 км од Сеул. На 25 јуни пристигнале уште 400 војници. Па до крајот на јуни, Је Жичао под своја команда во Асан имал околу 2.800-2.900 војници.[10] [11]
Внимателно следејќи ги настаните на полуостровот, јапонската влада верувала дека бунтот ќе предизвика кинеска интервенција во Кореја. Затоа, веднаш штом дознала дека корејската влада побарала кинеска воена помош, на сите јапонски воени бродови кои биле во околината им било наредено да се упатат за Бусан и Чемулпо.[10] Според Јапонците, кинеската влада ја прекршила Конвенцијата од Тиенцин со тоа што не ја информирала јапонската влада за нејзината одлука да испрати војници, но Кинезите тврделе дека Јапонија ја одобрила одлуката.[12] Јапонците возвратиле со испраќање експедициски сили во Кореја. Првите 400 војници пристигнале во Сеул на 9 јуни, а на 12 јуни во Инчеон се истовариле 3.000 војници.[13] Кон крајот на јуни кај Чемпуло биле испратени уште околу 8.000 војници под команда на генералот Ошима Јошимаса.[10]
На почетокот на јуни 1894 година, 8.000 јапонски војници го окупирале Сеул и го заробиле корејскиот крал Коџон. На 25 јуни, постојната корејска влада била заменета со членови на пројапонската фракција.[13] И покрај тоа што силите на Ќинг веќе ја напуштале Кореја зошто сметале дека се непотребни таму, новата пројапонска корејска влада ја овластила на Јапонија да ги протера силите на Ќинг, а Јапонија испратила дополнителни војници во Кореја. Династијата Ќинг ја отфрлила новата корејска влада како нелегитимна.
Јапонската империја за време на Меиџи вложила огромни средства за модернизација и реорганизација на својата армија. Војската на почетокот била организирана според францускиот модел, а по 1886, врз основа на прускиот модел. Според тогашниот напис во Њујорк Тајмс, јапонските копнени сили биле составени од околу 50.000 војници.[7] Во истиот напис, се наведува дека резервистите се проценети на 50.000 војници, но подоцнежни извори наведуваат 200.000 резервни војници во 1890-тите.[14][15] Како и да е, Јапонците биле добро опремени и исклучително дисциплинирани.[7][14] За инвазијата на Кореја, армијата била поделена на две дивизии, Прв и Втор корпус.
Јапонската флота, иако не била голема, имала и некои бродови од прва класа, а нејзините команданти биле обучувани во европските училишта.[7] Јапонската морнарица беше создадена по примерот на Британската морнарица.
Кинеските вооружени сили кои биле употребени во војната биле познати како Пекиншка армија и Пекиншка флота и исто така биле модернизирани.
Во многу западни кругови преовладуваше мислењето дека модернизираната кинеска војска ќе ги уништи Јапонците. Кинеската армија била помногубројна од јапонската,[7] додека и била добро опремена.[14] Империјалната кинеска армија во 1894 била хетерогена мешавина од модернизирани, делумно модернизирани и речиси средновековни единици кои ниту еден командант не можел успешно да ги води. [16] Кинеските офицери не знаеле како да се справат со своите трупи и постарите офицери со повисок ранг сè уште верувале дека можат да водат војна како што тоа го правеле за време на бунтот Тајпинг од 1850-1864 година.[16] Исто така кинеските воени сили биле поделени на претежно независни регионални команди. Војниците биле регрутирани од различни провинции и имало нетрпеливост меѓу нив.[16] Проблем бил и моралот на кинеските трупи, а главна причина била тоа што многу од војниците не биле платени долго време.[16] Нискиот престиж на војниците во кинеското општество го попречувал и моралот, а употребата на опиум и други наркотици била распространета низ армијата.[16] Нискиот морал и лошото раководство сериозно ја намалиле ефикасноста на кинеските трупи и придонеле за порази, како напуштањето на добро утврдениот Веихајвеи. Исто така, немало воена логистика, бидејќи изградбата на железници во Манџурија била закочена.[16]
По опсежно истражување на кинеските историчари, тие откриле дека Циси не е причина за запуштањето на кинеската морнарица. Всушност, причина за поразот на Кина била незаинтересираноста на царот Гуангкси за развој и одржување на војската.[17] Неговиот близок советник, големиот учител Венг Тонге, го советувал сосема да прекине да ја финансира морнарицата и армијата, бидејќи тој не ја гледал Јапонија како вистинска закана, а имало и неколку природни катастрофи во раните 1890-ти каде што царот сметал дека треба да се пренаменат средствата. [17]
На 25 јули 1894 година, пред официјалното објавување на војна, јапонски крстосувачи и топовници потонале кинески бродови во близина на заливот Асан во денешна Јужна Кореја. Меѓу нив, бил и Коушинг, кој припаѓал на британска компанија а бил изнајмен на кинеската влада за транспорт на војници во Кореја.[18] Со бродот командувал британски офицер и имал екипаж од 64 луѓе.[18] Во оваа битка, се удавиле од 1.100 од 1.200 кинески војници, како и поголемиот дел од екипажот.[18] Ова создало тензии во односите меѓу Јапонија и Британија.[18]
Генерал-мајорот Ошима Јошимаса со бригада од околу 4.000 војници [19] тргнал на југ од Сеул за да соочи со кинеските сили кои биле сместени во Сеонгван, источно од Асан и Конџу. Кинеските војници под команда на генералот Је Жичао броеле околу 3.880 луѓе. Тие го очекувале пристигнувањето на Јапонците и се утврдиле[9] и чекале засилување. Засилувањето не стигнало затоа што било уништено во поморската битка кај Пунгдо.[9] Двете војски се судриле на 28 јули 1894 година и битката траела до следното утро. Кинезите не можеле да ги поразат супериорните јапонски сили и ги напуштиле одбранбените позиции. Тие се повлекле во Пјонгјанг оставајќи го оружјето, муницијата и сета нивна артилерија.[20] Таму пристигнало засилување од Кина, и кинеската армија сега располагала со 13.000 до 15.000 војници.[19]
Јапонската војска го нападнала Пјонгјанг на 15 септември. Бранителите на градот храбро се бореле, но се предале по нападот одзади. Искористувајќи ги силните врнежи во текот на ноќта, преостанатите кинески војници избегале од Пјонгјанг и се упатија кон североисток во крајбрежниот град Уиџу. Кај Кинезите имало 2.000 мртви, а 4.000 биле ранети, додека Јапонците изгубиле само 102 војници.[19]
На 17 септември 1894 година, јапонската флота и Пекиншката флота се судриле кај делтата на реката Јалу. Поморската битка, која траела од утрото до самрак, завршила со победа на Јапонија.[21] Осум од десетте кинески бродови биле уништени.[22] Со оваа победа, Јапонија се стекнала со контролата над морињата и го срушила моралот на кинеските поморски сили.[9] Битката кај реката Јалу била најголема поморска битка во оваа војна и била искористена како пропаганда во Јапонија.[9] [23]
По поразот во Пјонгјанг, кинеските трупи ја напуштиле северна Кореја и зазеле одбранбени позиции во утврдувања долж својата страна од реката Јалу во близина на Џулијанченг. Откако на 10 октомври Јапонците добиле засилување тргнале на север кон Манџурија. Ноќта на 24 октомври, Првиот корпус, под команда на Јамагата Аритомо, се обидел да изгради понтонски мост, веднаш до кинеските утврдувања. Тие биле незабележани и следното попладне го нападнале источниот пункт на непријателот. Кинезите, таа ноќ ги напуштиле своите позиции и до утрото целосно се повлекле.[24] По заземањето на Џилијанченг, Првиот армиски корпус го окупирал и соседниот град Дандонг. Во нападот загинале само 4 јапонски војници и 140 биле ранети.[24] Κατηγορία:Λήμματα που χρειάζονται παραπομπές Потоа, Првиот корпус бил поделен на два дела, под команда на Нозу Мичицура и Кацура Таро. Првите се упатиле кон градот Мукден (денешен Шенјанг), додека вториот бил испратен да ги гони кинеските сили кои се упатиле кон Полуостровот Лаодонг. Во декември, Кацура Таро окупирал дел од североисточна Кина, приближно областа на денешната провинција Љаонинг.
Дел од Вториот корпус, под Ојама Ивао, на 24 октомври 1894 година се истоварил на јужниот брег од полуостровот Лаодонг. Тие се движеле брзо и на 6-7 ноември ги зазеле градовите Чинжу и Талиегуан. Потоа го опколиле стратешкото пристаниште Лишункоу (Порт Артур), кое со многу мал отпор го зазеле на 21 ноември. Илјадници Кинези биле убиени, а злосторството станало познато како масакрот во Порт Артур.
По поразот кај Порт Артур, кинеската војска и флота се повлекле во утврдениот град Веихаи. Јапонците од 20 јануари до 12 февруари 1895 година го опколиле градот по копно и море.[25] Судирот се одвивал под неповолни временски услови и двете армии се бореле во снег и при екстремно ниските температури. На крајот, сепак, јапонската војска ја пробила одбраната на градот и го освоиле градот.[26]
По падот на Веихаи и подобрувањето на времето,[27] јапонските сили напредувале понатаму во јужна Манџурија и северна Кина. До март 1895 година, Јапонците имале утврдувања преку кои го контролирале пристапот до Пекинг преку море.[27] На 5 март следела уште една победа за Јапонците во битката кај Јинко. Оваа битка била последната голема битка во војната, иако имало уште неколку престрелки.[27]
Во март 1895 година, јапонските сили ги нападнале Пескадорските Острови во близина на брегот од Тајван. По кратка и речиси бескрвна операција,[28] Јапонците го поразиле кинескиот гарнизон и го зазеле главниот град Магун. Оваа операција им овозможила на Јапонците да бараат отстапување на Тајван во мировните преговори.[28]
По оваа војна, Јапонија била зафатена од патриотска треска. Според министерот за надворешни работи Муцу Мунемицу, луѓето „само се интересирале кога јапонското знаме ќе помине низ портите на Пекинг“.[8] Карактеристично е влијанието на војната врз јапонската уметност: победите над Кина биле пофалени од јапонските укијо-е уметници, чиј стил влијаел на развојот на графичката уметност од 20 век.[29]
Договорот од Шимоносеки бил потпишан на 17 април 1895 година. Кина ја признала целосната независност на Кореја и на Јапонија „засекогаш“ ѝ ги отстапила Полуостровот Лаодонг, Тајван и Островите Пенху. Јапонија добила воена репарација од 200.000.000 таели сребро.[30] Спорните острови познати како „Сенкаку/Дијаоју“ не биле наведени во овој договор, но Јапонија овие ненаселени острови ги припоила кон префектурата Окинава во 1895 година.
Меѓутоа, Русија, Германија и Франција за неколку дена направиле тројна интервенција и ја принудиле Јапонија да се откаже од Полуостровот Лаодонг во замена за дополнителни 30 милиони таели сребро (еквивалентно на околу 450 милиони јени).[6] Според Русија, јапонската контрола на полуостровот Лаодонг би била постојана пречка за мирот на Далечниот Исток.[31] Сфаќајќи дека ваков дипломатски јазик би значел објава на војна, јапонските лидери се откажале од барањето за полуостровот.[31]
Кореја себеси се прогласила за Корејско Царство и ја објавила својата независност од династијата Ќинг. Габовите реформи под закрила на Јапонија од 1894–1896 година ја трансформирале Кореја. Било укинато ропството во сите облици, била прогласена еднаквост на правото; бил воспоставен систем на еднакви можности без разлика на социјалното потекло, браковите меѓу деца биле укинати; Хангул требало да се користи во владините документи, корејската историја била воведена во училиштата, кинескиот календар бил заменет со грегоријанскиот календар, образованието било проширено и биле напишани нови учебници.[13]
Во 1898 година, Русија потпишала 25-годишен закуп на полуостровот Лаодонг и започнала со поставување на поморска станица во Порт Артур.[31] Иако тоа ги налутило Јапонците, тие биле позагрижени за руското навлегување во Кореја отколку во Манџурија. Тензиите меѓу Русија и Јапонија ќе се зголемат во годините по Првата кинеско-јапонска војна. Сите овие фактори подоцна довеле до избувнување на Руско - јапонската војна (1904-1905), која завршила со тежок руски пораз.
Неколку функционери од династијата Ќинг во Тајван решиле да се спротивстават на отстапувањето на Тајван на Јапонија според Договорот од Шимоносеки и на 23 мај ја прогласиле независната Република Формоза на островот. На 29 мај, јапонските сили под водство на адмиралот Мотонори Кабајама се истовариле на северното крајбрежје од Тајван и во петмесечна кампања ги поразиле републиканските сили и ги окупирале поголемите градови на островот. Кампањата завршила на 21 октомври 1895 година, со бегството на Лиу Јонгфу, вториот републикански претседател, и предавањето на републиканскиот главен град Тајнан.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.