From Wikipedia, the free encyclopedia
Пауло Бруно Ексекиел Дибала (роден на 15 ноември 1993 во Лагуна Ларга) е аргентински фудбалер, напаѓач на Рома и на аргентинската репрезентација.
Пауло Дибала | |||
---|---|---|---|
Лични податоци | |||
Полно име | Пауло Бруно Ексекиел Дибала | ||
Роден на | 15 ноември 1993 | ||
Роден во | Лагуна Ларга, Аргентина | ||
Држава | Аргентина | ||
Висина | м[2] | 1,77||
Позиција | напаѓач | ||
Клупски податоци | |||
Сегашен клуб | Рома | ||
Број | 21 | ||
Младинска кариера | |||
Институто | |||
Кариера* | |||
Години | Клуб | Наст. | (Гол.) |
2011-2012 | Институто | 38 | (17) |
2012-2015 | Палермо | 90 | (21) |
2015-2022 | Јувентус | 210 | (82) |
2022- | Рома | 1 | (0) |
Репрезентација ‡ | |||
2015– | Аргентина | 34 | (3) |
* Ажурирано на: 6 јануари 2011 ** Ажурирано на: 17 ноември 2010 |
Во Аргентина, тој бил наречен La Joya (превод на мак. скапоцен камен).[3][4][5][6]
Неговиот дедо Болеслав Дибала е по потекло од Полска;[7] додека неговото семејство, исто така, има италијанско потекло.[8] Благодарение на мајката на неговата баба, му било дозволено да добие италијанско државјанство на 13 август 2012 година.[9]
Од летото 2018 година е во врска со аргентинската актерка и пејачка Ориана Сабатини.[10][11]
Брз, креативен, елегантен и агилен играч, со одлични технички квалитети и низок центар на гравитација,[12][13][14][15][16][17] познат по моќен и прецизен удари надвор од шеснаесетникот, дриблинг, и добра контрола над топката на мал простор.[17][18].[19] Дибала е способен и да создава шанси за соиграчите, но и самиот да постигнува голови, поради неговата визија, додавања, игра за поврзување и способноста да падне длабоко и да игра со другите играчи, како и неговото моќно и прецизно удирање топка. способност од внатре и надвор од областа. Дибала е способен и да создава шанси за соиграчите, но и самиот да постигнува голови, поради неговата визија, додавања, способност да одигра двојно додавање со другите играчи, како и неговиот моќен и прецизен удар со неговата лева нога од внатре и однадвор од шеснаесеттникот.[20][21][22][23]
Дибала е разновиден напаѓач, способен да игра на која било офанзивна позиција: кариерата ја започнал како лево крило во Институто во Аргентина,[12] но откако се преселил во Италија, бил распореден во различни напаѓачки улоги, вклучително и како главен напаѓач, како втор напаѓач, како офанзивен играч за врска, во слободна улога како плејмејкер, како десно крило, и како лажна деветка.[12][23][24][25][26][27] Неговиот стил на игра и технички одлики му носат споредби со неговите сонародници Серхио Агуеро,[28] Хавиер Пасторе,[29] Карлос Тевес,[30] Омар Сивори,[31] Диего Марадона,[32] и Лионел Меси,[13] како и со поранешните италијански напаѓачи Винченцо Монтела,[33] Алесандро Дел Пјеро,[34] и Роберто Баџо.[35] Се смета, исто така, за одличен изведувач на пенали и на слободни удари.[36][37]
Растејќи како дете започнал да игра фудбал во екипата на Институто од Кордоба. На возраст од десет години бил поканет на проби во Њуелс Олд Бојс, но неговиот татко претпочитал тој да остане во Институто заради блискоста до дома. Кога имал петнаесет години, тој го загубил својот татко, па одлучил да се пресели во Кордоба каде ќе живее и ќе и се посвети на својата професионална кариера.
Сезоната 2011-2012 во која Институто се натпреварувале во Примера Б Насионал била неговата прва сезона како професионалец, со договор вреден 900 € годишно, (или 4.000 пезоси годишно) односно минималната плата во клубот. Тој дебитирал за првиот тим на Институто на 13 август 2011, во натпреварот Институто-Уракан 2-0, во првото коло од сезоната, играјќи како стартер до 71-вата минута кога бил заменет со Марсело Бергезе.
Својот прв гол Дибала го постигнал во следното коло, на 20 август, во натпреварот Алдосиви-Институто 2-2; неговиот гол бил за моментален резултат 1-1. Во натпреварот против Атланта, кој се одиграл на 8 октомври во рамките на десеттото коло од првенството, Дибала за првпат бил повеќекратен стрелец, постигнувајќи хет-трик во убедливата победа со 4-0 во гости.
Регуларниот дел од сезоната го затворил со 38 настапи и 17 гола, вклучувајќи уште еден хет-трик во победата со 4-1 на гостувањето кај Спортиво Десампарадос на 26 март 2012 (26-то коло); иако за него ова била дебитантска сезона, бил еден од најдобрите играчи во лигата. Исто така, тој поставил четири рекорди: станал најмладиот играч кој постигнал гол кршејќи го рекордот на легендарниот Марио Кемпес, бил првиот кој одиграл 38 последователни натпревари во професионалната лига на земјата повторно надминувајќи го Кемпес, бил првиот кој успеал да постигне два хет-трика во една сезона и да постигне гол во шест натпревари по ред (од 22-рото до 27-мото коло), надминувајќи го претходниот рекорд за постигнување гол во четири последователни натпревари кој бил поставен од неколку играчи.
Откако бил откриен од страна на скаутот од Јужна Америка, Густаво Маскарди (кој во моментов е негов агент), тој му го препорачал на својот добар пријател Шон Солјано, тогашниот спортски директор на италијанската екипа Палермо, па клубот од Сицилија го купува Дибала од Институто уште во текот на сезоната. На 28 април 2012 година претседателот на Палермо неофицијално најавил купување на играчот за сума од 12 милиони € (вклучувајќи ги сите такси и бонуси, што претставува рекорден трансфер на клубот), плус аванс од 3.5 милиони евра кој веќе биле платени претходно. Два дена подоцна завршила исплатата на последната од петте рати од страна на британската компанија Пенсилхил Лимитед, која ги добила сите права на играчот; веднаш потоа аргентинската екипа најавила дека договорот за премин на Дибала во Палермо веќе не е во нивна надлежност.
Институто ја завршил сезоната на третото место после поразот во последното коло од сезоната поради што не успеале да изборат промоција во Првата лига на Аргентина; Дибала учествувал потоа и во двата натпревари од плејофот против Сан Лоренцо завршувајќи со вкупен резултат 3-1.
Откако ги поминал медицински тестови во месец мај, на 20 јули 2012 официјално потпишал договор со Палермо на четири години, за плата од 500.000 € која би можела да се зголеми во зависност според постигнатите цели, и лични и на тимот. По потпишувањето на договорот го избрал дресот со број 9., кој ќе го носи за време на целата своја кариера во Палермо.
Своето деби во италијанското првенство во дресот на Палермо го направил во второто коло од сезоната 2012-2013 во натпреварот Лацио-Палермо (3-0), влегувајќи во игра од клупата за резерви во 58-мата минута на местото на Фабрицио Миколи. Во осмата рунда на првенството, ремито 0-0 против Торино, за првпат играл како стартер до 55-тата минута кога бил заменет од Миколи. На 11 ноември, во дванаесеттото коло од сезоната, тој постигнал двата гола (негови први во Серија А) во својот втор натпревар како стартер, помагајќи им на росанеро да ја победат Сампдрорија со 2-0. Сезоната завршила со испаѓање на Палермо во Серија Б, откако на 12 мај 2013 биле поразени со 1-0 на гостувањето кај Фјорентина во 37-мото коло. Дибала ја завршил сезоната со 27 настапи и 3 гола (последниот бил против Лацио во 21-вото коло) во Серија А и еден настап во Купот на Италија. По завршувањето на италијанското првенство Дибала се вратил дома на одмор, каде што, како гостин на неговиот стар тим, бил прикажан во "Las Glorias del Futbol", галеријата, во која се претставени најистакнатите играчи во историјата на црвено-белите.[38]
Својот прв гол во сезоната 2013-2014 во Серија Б го постигнал на 1 март 2014 година, во победата со 2-1 над Бари и тој се покажал како одлучувачки. На 3 мај 2014 година, со победата над Новара на гости со 1-0, Палермо изборил промоција во Серија А - враќање во елитата по само една сезона отсуство. Сезоната ја завршил со 28 првенствени настапи (на кој постигнал 5 гола) и два во италијанскиот куп.
Сезоната 2014-2015 ја започнал со гол уште во првото коло од Серија А, ремито 1-1 на домашен терен со Сампдорија на 31 август 2014 година. На 2 ноември го изедначенил својот број на постигнати голови во една сезона во Серија А, 3, постигнувајќи гол во победата со 2-0 над Милан на Сан Сиро. На 24 ноември го постигнал својот петти гол за сезоната, во натпреварот Џенова-Палермо 1-1. Шест дена подоцна во победата над Парма со 2-1 го постигнал својот шести гол со што го надминал својот личен рекорд за постигнати голови во една сезона од неговото доаѓање во Италија. На 6 декември 2014 година, во натпреварот од 14-тото коло против Торино (што завршил 2-2), го постигна својот седми гол во сезоната; точно еден месец подоцна постигнал два гола во победата со 5-0 над Каљари. На 2 мај 2015 година, на гостувањето кај Сасуоло (0-0) во 34-тото коло од сезоната, за првпат бил капитен на тимот, поради отсуството на Едгар Барето, Стефано Сорентино и Синиша Анѓелковиќ. Сезоната ја завршил со 34 настапи во Серија А на кои постигнал 13 гола и имал уште 10 асистенции, формирајќи одлично партнерство во нападот со уште еден аргентинско-италијански фудбалер Франко Васкес.[39]
На 4 јуни 2015, Дибала потпишал петгодишен договор со Јувентус во трансфер вреден 32 милиони евра. Играчот бил претставен на 14 јули, кога го избрал дресот со број 21, претходно носен од славниот италијански фудбалер Андреја Пирло. Своето деби за Јувентус го направил на 8 август, влегувајќи од клупата за резерви на местото на Кингсли Коман во 61-вата минута од натпреварот за Суперкупот на Италија против Лацио во Шангај. Во 73-тата минута од истиот натпревар, тој го постигнал својот прв гол во дресот на Јувентус вториот гол за бјанконерите во натпреварот, на асистенција на Пол Погба во победата со 2-0.[40] Така, тој го освоил својот прв трофеи со новиот клуб уште во својот прв настап. Својот прв првенствен погодок го постигнал на 30 август против Рома во поразот на гости со 2-1.[41]
На 15 септември 2015 го направил своето деби во европските натпреварувања, на гостувањето во Англија кај Манчестер Сити во победата со 2-1 во првото коло од групната фаза на Лигата на шампионите, влегувајќи во игра од клупата за резерви во 77-мата минута на местото на Марио Манџукиќ.[42] Својот прв погодок за сезоната во Купот на Италија го постигнал на 16 декември 2015 против Торино за моментален резултат 3-0, во победата со 4-0, во натпревар од осминафиналето на турнирот.[43] На 23 февруари 2016 тој го постигнал својот прв погодок во својата кариера во европските натпреварувања во натпреварот Јувентус-Бајерн Минхен 2-2, стрелајќи прецизно за моментален резултат 1-2 и враќање на Јувентус во натпреварот.[44] Со двата гола против Сампдорија во победата на домашен терен со 5-0 во последното коло од Серија А 2015-2016, Дибала завршил на второто место на списокот на стрелците со 19 постигнати гола (зад Гонсало Игуаин кој имал 36), но она што е поважно го освоил своето прво скудето во кариерата. Дибала играл и во финалето на Купот на Италија, каде неговиот Јувентус го победил Милан со 1-0 по продолженија. Својата прва сезона во црно-белиот дрес ја завршил со 46 настапи во сите натпреварувања и 23 постигнати гола.
Следната сезона на Дибала му бил понуден дресот со број 10, по заминувањето на Пол Погба во Манчестер Јунајтед во летото 2016 година, меѓутоа аргентинецот го одбил претпочитајќи да го задржи дресот со број 21 што го носел за време на неговата прва сезона во клубот.[45] По тешкиот почетокот на сезоната без постигнат гол, својот прв погодок за сезоната 2016-2017 го постигнал на 27 септември, во победата со 4-0 на гости над Динамо Загреб во групната фаза на Лигата на шампионите.[46] Тој го постигнал својот прв гол во Серија А за време на викендот од истата недела, на 2 октомври, во победата со 3-0 над Емполи.[47] На 22 октомври во поразот со 1-0 од Милан, Дибала се здобил со повреда поради која пропуштил повеќе натпревари во првиот дел од сезоната.[48] Тој се вратил во акција на 7 декември во последното коло од групната фаза на Лигата на шампионите против Динамо Загреб во Торино, играјќи ги последните 10-тина минути од натпреварот во победата со 2-0. На 23 декември, во Суперкупот на Италија игран во Доха (натпреварот завршил 1-1 по продолженијата), Дибала го промашил одлучувачкиот пенал во пенал-серијата после кој Јувентус бил поразен.[49] На 28 февруари 2017, Дибала постигнал два гола во првиот натпревар од полуфиналето на Купот на Италија на домашен терен против Наполи (завршил 3-1 за Јувентус), и двата реализирајќи удари од белата точка. На 11 април, го одбележува својот прв натпревар во кој постигнал два гола во Лигата на шампионите против Барселона во победата со 3-0 во првиот натпревар од четвртфиналето.[50] На 13 април, Дибала потпишал нов договор со Јувентус во трајност до 2022 година.[51][52] На 17 мај, Јувентус го освоил првиот трофеј за сезоната триумфирајќи во Купот на Италија со победа од 2-0 над Лацио во финалето, втора титула по ред во ова натпреварување за Дибала;[53] четири дена подоцна, тој постигнал еден од трите гола на Јувентус во победата со 3-0 над Кротоне со која клубот го освоил своето шесттото скудето по ред (второ за Дибала).[54] На 3 јуни во Кардиф, Дибала бил стартер за Јувентус во неговото прво финале во Лигата на шампионите, во кое сепак бјанконерите биле поразени со 1-4 од Реал Мадрид.[55]
Третата сезона во Јувентус ја започнал со нов број, откако на 9 август 2018 било потврдено дека тој ќе го носи дресот со број 10, кој во минатото го носеле многу славни фудбалери на торинскиот клуб.[56] Во својот прв настап за сезоната, Дибала постигнал два гола во Суперкупот на Италија 2017, во поразот со 3-2 од Лацио на 13 август. На 15 август, тој се нашол на шестото место на листата за наградата Фудбалер на годината 2017[57]. На 26 истиот месец го постигнал својот прв хет-трик во кариерата во победата на Јувентус со 4-2 на гостувањето кај Џенова;[58] повторувајќи го истото на 17 септември во победата на бјанконерите со 3-1 над Сасуоло.[59] На 11 март 2018, Дибала ги постигнал двата гола во победата со 2–0 на домашен терен над Удинезе во Серија А; неговиот прв гол во натпреварот бил неговиот 100-ти гол во кариерата.[60] Сезоната ја завршил освојувајќи уште една домашна двојна круна со Јувентус, а тој бил најдобриот стрелец на клубот за сезоната со 26 гола во сите натпреварувања (22 од нив во првенството).
На 1 септември 2018, Дибала го имал својот 100-ти настап за Јувентус во Серија А, влегувајќи како замена во победата со 2–1 над Парма.[61][62] На 2 октомври, Дибала постигнал хет-трик во победата со 3–0 на домашен терен над Јанг Бојс во групната фаза од Лигата на шампионите.[63] Во следниот натпревар на Јувентус од Лигата на шампионите на 23 октомври, Дибала го постигнал единствениот погодок во победата со 1–0 на гостувањето кај Манчестер Јунајтед.[64] На 27 октомври, за првпат во кариерата излегол на терен како капитен на бјанконерите, во натпреварот против Емполи што завршил 2-1 за Јувентус.[65] Со доаѓањето на Кристијано Роналдо, Дибала често бил користен надвор од својата позиција во поповлечена улога од страна на тренерот Алегри; како резултат на ваквата промена на позицијата, како и борбата со повредите, тој имал евидентен пад во формата, а и неговата делотворност значително се намалила, бидејќи успеал да постигне само пет гола на 30 првенствени натпревари, односно 10 голови во 42 настапи во сите натпреварувања. Сепак, на 16 јануари 2019, тој го одиграл целиот натпреварот во Суперкупот на Италија игран во Џеда, во кој ја освоил својата втора титула во кариерата во ова натпреварување откако Јувентус го победил Милан со 1-0. На 20 април 2019, го освоил своето четврто скудето со Јувентус.
По разочарувачката сезона, Дибала првично бил поврзуван со преселба во Премиер лигата, од каде интерес покажале екипите на Манчестер Јунајтед и Тотнхем, но на крајот тој сепак останал во Јувентус.[66] Иако првично не бил во преден план кај новиот тренер на клубот Маурицио Сари, тој сепак се пробил во стартната и го постигнал својот прв гол за сезоната на 6 октомври 2019 година, во победата со 2–1 на гости над Интер во Дербито на Италија, за да му помогне на неговиот тим да ги надмине „нероаѕурите“ на врвот на табелата во Серија А.[66][67] На 7 декември, тој го направил својот 200-ти настап за Јувентус во поразот со 3-1 на гостувањето кај Лацио во Серија А.[68] На 22 декември, против истиот противник во поразот со истиот резултат само сега во натпревар за Суперкупот на Италија, аргентинецот го постигнал единствениот гол за Јувентус, станувајќи најдобар стрелец досега во историјата на ова натпреварување. Со избувнувањето на Пандемијата на КОВИД-19, што довела до неодредено суспендирање на италијанското првенство и сите други натпреварувања, во март 2020 година и самиот Дибала се заразил со вирусот SARS-CoV-2,[69] од кои последователно оздравел.[70] По поразот во финалето на Купот на Италија против Наполи на пенали, за кој и самиот тој бил заслужен бидејќи бил еден од играчите на Јувентус кој промашиле, придонесот на Дибала по продолжувањето на првенството и последователниот успех на бјанконерите бил мошне важен затоа што тој забележал 4 гола и 2 асистенции во 9-те натпревари во Серија А во кои настапил.[71] По завршувањето на сезоната, тој бил прогласен за МВП на Серија А 2019-2020.[72]
Спротивно на претходната, сезоната 2020-2021 била многу разочарувачка за Дибала, бидејќи напаѓачот се соочил со голем број на повреди. Својот прв гол го постигнал на 4 ноември 2021, во победата со 4-1 над Ференцварош во Лигата на шампионите, по големата грешка на противничкиот голман Денеш Дибус.[73] На 12 мај 2021 година, во гостинската победа во домашното првенство над Сасуоло (3-1), Дибала го постигнал својот 100-ти гол за Јувентус во кариерата.[74] На 2 ноември 2021 година, со двата гола во Лигата на шампионите против Зенит Санкт Петербург (4-2), Дибала, со 106 гола, го надминал Мишел Платини во рангирањето на најплодните стрелци на Јувентус.[75] Во меѓувреме, и покрај предусловите на почетокот на сезоната, приближувањето на крајот на рокот за постигнување договор и ќор-сокакот во однос на преговорите за обновување помеѓу Дибала и „Старата дама“, резултирало на 21 март 2022 клубот од Пиемонт да прекине со понатамошни понуди да го убедува играчот, што дефинитивно го одредило неговото збогување со црно-белиот дрес.[76][77] Во исто време, за прв пат во седум сезони со Јувентус, Дибала ја завршил годината без да може да додаде ниту еден трофеј на своето конто, со оглед на поразите во финалето на Купот на Италија и во Суперкупот на Италија против Интер.[78] На 15 мај 2022, Дибала на друштвените мрежи објавил дека ќе го напушти Јувентус на крајот од сезоната.[79] Дибала го одиграл својот последен натпревар за Јувентус следниот ден, на домашен терен против против Лацио, кога бил заменет од Мартин Палумбо во 78-мата минута за да добие овации од навивачите.[80]
Тој го напуштил клубот од Торино со 293 настапи и 115 гола, што го прави моментално деветти најдобар стрелец во историјата на бјанконерите (изедначен со Роберто Баџо), и со освоени вкупно 12 трофеи.[81]
На 20 јули 2022, Дибала потпишал тригодишен договор со Рома во трајност до 30 јуни 2025.[82][83]
Во 2011 година тој бил повикан од страна на аргентинската репрезентација под 17 години за 16-тите Панамерикански игри,[84] но потоа не учествувал.
На 19 јули 2012 година го добил првиот повик од репрезентацијата под 20 години, но во сите натпревари во кој бил повикан останал неискоритена замена.[85]
На 22 септември 2015, Дибала го добил својот прв повик во сениорската репрезентација на Аргентина од Херардо Мартино.[86] Заради неговото полско и италијанско потекло, исто така, Дибала бил во можност да настапува и за полската и за италијанската репрезентација, но играчот изјавил отворено дека се чувствува како аргентинец и дека тој отсекогаш сонувал да игра за гаучосите.[87] Дебитирал за сениорската репрезентација на 13 октомври 2015, во натпреварот Парагвај - Аргентина (0-0), во квалификациите за Светското првенство во Русија, влегувајќи во игра во 74-тата минута на местото на Карлос Тевес.[88]
Во мај 2018, бил повикан на списокот од 23 фудбалери на селекорот Хорхе Сампаоли за Светското првенство 2018 во Русија.[89] Дебитирал на турнирот на 21 јуни 2018, влегувајќи како замена на местото на Енцо Перес во поразот со 3-0 од Хрватска во групната фаза.[90] Тоа бил неговиот единствен настап на првенството, на кое Аргентина била елиминирана во осминафиналето од Франција со 4–3.[91][92][93]
Својот прв гол за репрезентацијата, Дибала го постигнал на 21 ноември во победата со 2-0 против Мексико во пријателски натпревар одигран во Мендоса.[94]
Во мај 2019, Дибала бил повикан од селекторот Лионел Скалони во составот на Аргентина за Копа Америка 2019 во Бразил.[95] Својот прв настап на турнирот го направил на 23 јуни против Катар, влегувајќи од клупата за резерви на местото на Лаутаро Мартинес и му асистриал на Серхио Агуеро за вториот гол во победата со 2-0.[96] Во натпреварот за третото место против Чиле на 6 јули, Дибала го направил својот прв старт на турнирот, и го постигнал вториот гол за Аргентина во победата со 2–1, помагајќи и на својата репрезентација да го освои бронзениот медал.[97]
Статистиката е ажурирана на 6 јуни 2015.
Сезона | Клуб | Првенство | Национален куп | Континентален куп | Останати купови | Вкупно | |||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Лига | Наст | Гол | Лига | Наст | Гол | Лига | Наст | Гол | Лига | Наст | Гол | Наст | Гол | ||
2011-2012 | Институто | БН | 38+2[98] | 17+0 | КА | 0 | 0 | - | - | - | - | - | - | 40 | 17 |
2012-2013 | Палермо | А | 27 | 3 | КИ | 1 | 0 | - | - | - | - | 28 | 3 | ||
2013-2014 | Б | 28 | 5 | КИ | 2 | 0 | - | - | - | - | - | - | 30 | 5 | |
2014-2015 | А | 34 | 13 | КИ | 1 | 0 | - | - | - | - | - | - | 35 | 13 | |
Вкупно Палермо | 89 | 21 | 4 | 0 | - | - | - | - | 93 | 21 | |||||
2015-2016 | Јувентус | А | 34 | 19 | КИ | 4 | 2 | ЛШ | 7 | 1 | СИ | 1 | 1 | 46 | 23 |
2016-2017 | А | 31 | 11 | КИ | 5 | 4 | ЛШ | 11 | 4 | СИ | 1 | 0 | 48 | 19 | |
2017-2018 | А | 33 | 22 | КИ | 4 | 1 | ЛШ | 8 | 1 | СИ | 1 | 2 | 46 | 26 | |
2018-2019 | А | 30 | 5 | КИ | 2 | 0 | ЛШ | 9 | 5 | СИ | 1 | 0 | 42 | 10 | |
2019-2020 | А | 33 | 11 | КИ | 4 | 2 | ЛШ | 8 | 3 | СИ | 1 | 1 | 46 | 17 | |
2020-2021 | А | 20 | 4 | КИ | 1 | 0 | ЛШ | 5 | 1 | СИ | 0 | 0 | 26 | 5 | |
2021-2022 | А | 29 | 10 | КИ | 4 | 2 | ЛШ | 5 | 3 | СИ | 1 | 0 | 39 | 15 | |
Вкупно Јувентус | 210 | 82 | 24 | 11 | 53 | 18 | 6 | 4 | 293 | 115 | |||||
2022-2023 | Рома | А | 0 | 0 | КИ | 0 | 0 | ЛЕ | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 |
Вкупно во кариерата | 339 | 120 | 28 | 11 | 53 | 18 | 6 | 4 | 426 | 153 |
Хет-трикови | |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
|
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.