![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/3/35/IPC_logo_%25282019%2529.svg/langmk-640px-IPC_logo_%25282019%2529.svg.png&w=640&q=50)
Параолимписки игри
From Wikipedia, the free encyclopedia
Параолимписките игри се Олимписки игри за спортисти со телесни нарушувања, параплегија, церебрална парализа, ампутација, како и оштетувања во видот. Тие произлегле од игрите на параплегичарите (Stoke Mandeville Games), чиј основач е Лудвиг Гутман, шеф на болницата во Ајлесбери во Англија, еден од најистакнатите светски експерти за оштетување на ’рбетниот столб.
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/3/35/IPC_logo_%282019%29.svg/320px-IPC_logo_%282019%29.svg.png)
Истиот ден, 29 јули 1948 година, кога биле отворени Олимписките игри во Лондон, на спортските терени на споменатата болница се отвориле параплегиските игри во кои учествувале само 16 припадници на британските вооружени сили (14 мажи и 2 жени).
Тоа била јавна демонстрација со која се сакало да се укаже дека лицата со тешки телесни пречки може да се занимаваат со спорт.
Во 1952 година, на овие игри учествувале и параплегичарите од Холандија, а од тогаш тие се одржувале на меѓународно ниво на крајот на август секоја година на теренот на Стоук Мандевил Бројот на земји учеснички се зголемувал секоја година, а со тоа и бројот на помлади конкуренти.
Почнувајќи од 1960 година, игрите се одржуваат секоја година во друга земја под името Параолимписки игри. Направени се напори за нивно одржување во онаа земјата каде се одржуваат и Летните олимписки игри.
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/0/05/Wimbledon_2005%2C_Wheelchair.jpg/640px-Wimbledon_2005%2C_Wheelchair.jpg)
Првите параолимписки игри се одржале во 1960 година во Рим. Се собрале околу 400 натпреварувачи од 22 земји. Вторите се одржале во Токио во ноември 1964 година, со 370 натпреварувачи од 22 земји, третите во Израел и четвртите во Хајделберг, Западна Германија, од 1 до 11 август, со учество на околу 1.000 натпреварувачи од 43 држави.
Со одлука на генералното собрание на Меѓународната спортска организација на инвалиди ИСОД, Параолимписките игри веќе не се одржувале како посебни настани, туку како дел од Олимписките игри за мултиинвалиди. Првите вакви Олимписки игри се одржале од 3 до 11 август 1976 година во Торонто. Поради учеството на натпреварувачи од Јужноафриканската Република, на овие игри учествувале само околу 1000 натпреварувачи од 38 земји.
Натпреварите на параплегичарите се планираат и адаптираат врз основа на правилата на одреден спорт. Ова се тимски спортски игри или поединечни натпревари во дисциплини на некои спортови како што се: стрелаштво, мечување, фрлање копје, фрлање дискови, куглање, кошарка, одбојка, пинг-понг, пливање и др. Бројот на дисциплини постојано се дополнува.
На игрите во Стоук Мандевил од Југославија учествувал само Радомир Стаменковиќ од Белград. На натпреварите во 1954, 1955 и 1956 година, тој ги освоил првите места и златните медали во пливање трипати по ред.
За првпат, тим од 21 параплегичар од Југославија учествувал на четвртите Параолимписки игри во 1976 година во Хајделберг. Освоиле четири медали: Петар Ситар 60м спринт во инвалидска количка, златен медал, Милка Милинковиќ 60м спринт во инвалидска количка, сребрен медал и бронзен медал во фрлање копје и Јожа Окорен во фрлање дискови, бронзен медал.
Првите зимски параолимписки игри се одржале во 1976 година во Шведска.