Остаток од супернова
остатоци од избувната ѕвезда / From Wikipedia, the free encyclopedia
Остаток од супернова (крат. ОСН или SNR, од англиски: supernova remnant) — образба настаната од избувот на ѕвезда во супернова. Се одликува со ударен бран и составена е од исфрлениот материјал кој се шири со избувот, како и меѓуѕвездениот материјал кој го нафаќа при ширењето.
Суперновата може да настане на два начина. Првиот начин е кога една масивна ѕвезда ќе снема гориво (што значи престанок на соединувањето во јадрото) и ќе се сруши навнатре поради својата тежа и ќе создаде неутронска ѕвезда или црна дупка. Друг начин на настанок е кога едно бело џуџе ќе насобере доволно материјал од придружната ѕвезда за да постигне критична маса и да се случи термојадрен избув.
Во обата случаја, настанатата супернова го исфрла ѕвездениот материјал со брзина до 10% од онаа на светлината, т.е. 30.000 км/с. Претпоставувајќи вообичаена температура на меѓуѕвездената средина од 10.000 K, исфрлениот материјал има првична брзина од преку 1000 маха. Поради оваа голема надзвучна брзина, материјалот пред себе создава ударен бран кој ја загрева претстојната плазма до температура од милиони келвини. Бранот постепено се забавува додека нафаќа материјал од околината, но може да се шири стотици или илјадници години на простор од десетици парсеци пред брзината да му падне под месната звучна брзина.
Најпознат пример за остаток од супернова е оној на SN 1987A од Големиот Магеланов Облак забележан во февруари 1987 г. Други познати остатоци се Раковидната Маглина, која е остаток од Тиховата Супернова и наречена по Тихо Брахе кој ја забележал сјајноста на избувот, и оној од Кеплеровата Супернова (SN 1604), наречена по Јоханес Кеплер. Најскорешен остаток во нашата галаксија е G1.9+0.3, откриен во нејзиното средиште.[1]