From Wikipedia, the free encyclopedia
Публиј Овидиј Назон, познат како Овидиј (20 март 43 пр. н. е — 17/18 година) — римски поет кој живеел за време на владеењето на императорот Октавијан Август.[б 1] Тој бил современик на постарите поети Вергилиј и Хорациј, со кои се смета за темел на римската книжевност. Квинтилијан го сметал за последниот римски елегичар.[1] Уште за време на животот, Овидиј уживал огромна популарност, но Август го протерал од Рим во провинцијата на брегот на Црното Море, каде што останал до смртта. Самиот Овидиј своето прогонство го нарекол „поема и грешка“ (латински: carmen et error) но неговата дискретност при дискусијата за причините на прогонот, придонела за многу шпекулации меѓу историчарите.
Овидиј | |
---|---|
Роден/а | Публиј Овидиј Назон[a] 20 март 43 п.н.е Сулмо, Италија, Римско Царство |
Починат/а | 17 или 18 година од нашата ера (возраст 58–60) Томис, Мала Скитија, Римско Царство |
Занимање | поет |
Жанр | Елегија, Еп, Драма |
Овидиј бил првиот голем римски поет кој ја започнал својата кариера за време на владеењето на императорот Август.[2]. Тој е најпознат по делата: „Метаморфози“ (во 15 книги), „Уметноста на љубовта“ (латински: Ars Amatoria) и „Фасти“ (латински: Fasti), познато и како „Шесте книги на календарот“. Неговата поезија ја имитирале многу поети во Доцната антика и во средниот век и таа имала исклучително влијание врз западната уметност и книжевност. Делото Метаморфози се смета за еден од најважните извори на класичната митологија.[3]
Овидиј зборувал повеќе за својот живот отколку повеќето други римски поети. Информациите за неговата биографија потекнуваат пред сѐ од неговата поезија, а особено од делото „Таги“ (латински: Tristia 4.10), каде дава долг автобиографски извештај за неговиот живот. Други извори за неговиот живот даваат Сенека Постариот и Марко Фабиј Квинтилијан.
Овидиј се родил во Сулмо (денешна Сулмона), источно од Рим, во богато еквитанско семејство, на 20 март, 43 п.н.е.[4] Тоа била значајна година во римската политика[б 2] Овидиј учел реторика во Рим кај Арелиј Фуск и кај Порциј Латро, заедно со брат му, кој бил одличен во ораторство.[5]
Татко му сакал Овидиј да учи реторика за да се занимава со право и со политика, но веќе во раната младост Овидиј се определил за поезијата. Според Сенека Постариот, на Овидиј подобро му лежела емоционалната, отколку аргументативната реторика. По смртта на неговиот брат, на дваесетгодишна возраст, Овидиј се откажал од правото и почнал да патува во Атина, Мала Азија и Сицилија.[6] Извршувал помали јавни функции, како еден од триумвиратите,[7] еден од центумвирите[8] и еден од децемвирите[9] но си дал оставка за да продолжи со поезијата, веројатно околу 29-25 п.н.е, одлука која татко му ја осудувал.[10]
Овидиј почнал да пишува стихови уште во раната младост, како што самиот кажува во една своја автобиографска песна, сè што се обидел да напише било стих (quid-quid temptabam scribere versus erat).[4] Првиот рецитал на Овидиј е датиран околу 25 година п.н.е, кога тој имал осумнаесет години.[11] Тој бил еден од поетите околу патронот Марк Валериј Месала Корвин и бил пријател со поетите во кругот на Мецена. Во делото „Таги“ (Trist. 4.10. 41–54), Овидиј го споменува пријателството со Мацер, со Секст Проперциј и со Хорациј и сосем малку се познавал со Вергилиј и Албиј Тибул, соработник во кругот на Месала, на чии елегии во голема мера се восхитувал. Овидиј бил многу популарен во времето на неговите први дела, но подоцна, во 8 година од нашата ера, бил протеран од Рим од страна на императорот Август.
До неговата триесетгодишна возраст, тој трипати се оженил и двапати се развел. Имал една ќерка, од која дочекал и внуци.[12] Неговата последна жена на некој начин го поврзала со влијателните патрикии Фабии кои му помогнале во неговиот егзил во Томис.[13]
Првите 25 години од книжевната кариера Овидиј ги поминал првенствено во пишување елегиски стихови со еротски теми.[14] Хронологијата на овие најстари дела не е сигурна но историчарите нив сепак ги подредиле според дати. За најстар труд се смета делото „Хероини“ (латински: Heroides), писма на митолошките хероини до нивните отсутни љубовници, кои можеби биле објавени во 19 година п.н.е, иако датумот останува неизвесен.[15] Автентичноста на некои од овие песни е дискутабилна, но веројатно ова прво издание ги содржело првите 14 песни од збирката. Првите пет книги од збирката „Љубови“ (латински: Amores), серија еротски поеми упатени до љубовницата Корина, се смета дека биле објавени во 16-15 година п.н.е. Првите три книги од зачуваната верзија, според епиграмот на првата книга, се смета дека биле објавени околу 8-3 година п.н.е. Меѓу публикациите на двете изданија на Љубови може да се датира премиерата на неговата трагедија „Медеја“, на која ѝ се восхитувале во антиката, но која повеќе не постои.
Следната поема на Овидиј, „Бојата на лицето“ (латински: Medicamina Faciei), фрагментарно дело за третманите на женската убавина, му претходела на делото, „Уметноста на љубовта“, пародија на дидактичка поезија и прирачник во три книги за заведувањето и интригата, кој се датира во 2 година од нашата ера (Книгите 1-2 некаде во 1 година п.н.е.[16]). Овидиј можеби во неговата поезија во прогонот го идентификува ова дело како песната, која била една од причините за неговиот егзил. По „Уметноста на љубовта“, следи делото „Љубовни лекови“ (латински: Remedia Amoris), истата година. Со овој корпус на елегиска, еротска поезија Овидиј си направил место помеѓу водечките римски елегичари Гал, Тибул и Пропертиј, меѓу кои себеси се гледал како четврти претставник[15].
До 8 година, тој го завршил неговиот најамбициозен труд, „Метаморфози“, хексаметарска епска поема во 15 книги. Делото е енциклопедиски каталог на преобразбите во грчката и римската митологија, од појавата на космосот до апотеозата на Јулиј Цезар. Приказните се следат една со друга во раскажувањето за човечки суштества преобразени во нови тела: дрва, карпи, животни, цвеќиња, соѕвездија и сл. Истовремено, тој работел на делото „Фасти“, поема во шест книги во елегичен дистих на тема на календарот на римските празници и астрономијата. Композицијата на оваа поема била прекината поради егзилот на Овидиј и се смета дека тој престанал да работи на поемата во Томис. Веројатно во овој период биле напишани, доколку се на Овидиј, двостраните писма во Хероините (16-21).
Во 8 година, Овидиј бил протеран во Томис, денешна Констанца, на Црното Море, со ексклузивна интервенција на императорот Август, без никакво учество на Сенатот или на било кој римски судија.[17] Овој настан оставил белег на цела негова следна поезија. Овидиј напишал дека причината за неговото прогонство биле carmen et error (песна и грешка),[4][18] тврдејќи дека неговото злосторство е полошо и од убиство,[19] поштетно и од поезија.[20]
Внуците на императорот, Јулија Помладата и Агрипа Постум, исто така, биле протерани приближно во истото тоа време. Сопругот на Јулија, Луциј Емилиј Паул, бил осуден на смрт за заговор против Август, заговор за кој Овидиј можеби знаел.[21] Јулискиот закон за брак од 18 година п.н.е., кој промовирал моногамен брак, а прељубата се сметала за престап, бил новина кај Римјаните. Пишувањата на Овидиј во „Уметноста на љубовта“ поттикнувале прељуба. Тој можеби бил протеран поради ова дело, кое се чинело субверзивно во однос на законите на императорот. Сепак, во поглед на долгото време кое поминало помеѓу објавувањето на делото (1 година п.н.е) и прогонството (8 година), некои автори сугерираат дека Август веројатно ја искористил поемата само како оправдание за нешто посериозно.[22]
Есента, во 8 година од нашата ера, со едноставен указ издаден од страна на императорот Октавијан Август[23], Овидиј бил прогонет од Рим и му било доделено живеалиште во Мала Скитија (денешна Добруџа), на брегот на Понт-Еуксин (денешно Црно Море), во Томис (денешна Констанца), место каде што живеело население составено од Гети и од Грци[24]. Указот стапилна сила без никакво судење, со тоа се избегнала правна дебата и причините за истиот остануваат мистерија. При прогонот добил статус на relegatus со што тој го изгубил правото на римско граѓанство и имотот му бил конфискуван, но тој останал слободен граѓанин, нему било одземено богатството и не му била нарушена слободата да ја продолжи кариерата како писател и да комуницира со сопругата и со пријателите.[25] Така тој со богатстото и со своите робови пристигнал во Томис во пролетта во 9 година, далеку од Рим, на остров во близина на брегот (кој денес се наоѓа во лагуната во северниот дел на Констанца) каде ја изградил својата вила и ги поминал последните години од животот. Казната на Овидиј била привремена, ад темпус, а не трајна, па врз основа на тоа, Овидиј зел обврска да молчи. Од самиот поет дознаваме дека тој со тек на овие години во прогонство, го научил јазикот на Гетите и Сарматите[26], развил односи со кралот Котис III од соседната Тракија[27] и по смртта на Август, во форумот на Томис пред Гетите прочитал песна што ја напишал на нивниот јазик во чест на императорот и која тие со ентузијазам ја прифатиле.[28] Тој во Томис ги напишал неговите последни стихови, „Таги“ и „Писмата“, кои содржат исповеди полни со меланхолија, изразувајќи ја неговата носталгија, неговата болка и тага поради егзилот. По егзилот ниедно од неговите дела повеќе го немало во јавните библиотеки.[29] Овидиј залудно се обидувал да се врати во Рим. Преку своите моќни пријатели, тој го молел императорот Август да му дозволи да се врати во Рим, а подоцна го молел и императорот Тибериј, но неговите молби не вродиле со успех.[4] По неговата смрт, и покрај неговата желба, семејството не можело да си дозволи да го донесе неговото тело во Рим и тој најверојатно бил закопан во Томис. Сепак, на островот не е најден гробот кој го носи неговото име, но точно е и дека површината на овој остров е намалена поради ерозијата од времето кога римската вила била таму, пред две илјади години.
Во прогонство, Овидиј напишал две збирки поезија, „Таги“ и „Писма од Црното Море“ (латински: Epistulae ex Ponto), во кои се покажува неговата тага и осаменост. Со тоа што бил далеку од Рим, тој немал пристап до библиотеките и на тој начин можеби бил принуден да престане да го пишува делото „Фасти“, поема за римскиот календар, од која се зачувани само првите шест книги, од јануари до јуни.
Петте книги на „Таги“, серија елегии кои го изразуваат очајот на поетот во егзил и бараат негово враќање во Рим, се датирани до 9-12 година. „Писма од Црното Море“, серија писма до пријатели во Рим од кои бара да му помогнат да се врати дома се сметаат за негови последни композиции. Првите три книги веројатно биле објавени во 13 година а четвртата книга меѓу 14 и 16 година. Поезијата во прогонот е особено емотивна и лична. Во „Писмата“ тој од жителите на Томис бара пријателство (во „Таги“ тие се застрашувачки варвари). Заради занимација напишал трактат на рибарството, имено, дидактичка поема со наслов „Рибарство“ (латински: Halieutica), од која останале 136 стиха, памфлет насловен „Ибис“, клетви за неверството на лажен пријател, како и некои описи на Тракијците кои живееле околу Томис.
Овидиј тагувал за Рим и за неговата трета жена, пишувајќи многу песни за неа. Дел од песните се за императорот Август а дел се за него, за пријателите во Рим, а понекогаш и за самите песни, изразувајќи ја неговата осаменост и надеж за повлекување на егзилот.[30]
За причините на прогонот биле изнесени различни хипотези. Самиот Овидиј пишува: „Две главни обвинувања ја предизвикаа мојата загуба, една песна и една грешка.“[31]. Песната поради која го налутил императорот, е „Уметноста на љубовта“[32] Оваа збирка му донела репутација на Овидиј на „учител на бесрамната прељуба“,[б 3] во времето кога Август се трудел со закон да го наметне новиот морал, а Римјаните биле принудени да ги почитуваат одредбите на новите закони[33]. За грешката која била фатална, Овидиј тврди дека тој само бил набљудувач:
„Не реков ништо, не изустив никаква навреда, виновни зборови не ми се измолкнаа при виното, само затоа што сум видел престап, без да го знам тоа однапред, удрија по мене. Вината ми е што сум имал очи“.
Гастон Боасие, во неговата студија посветена на прогонството на Овидиј, претпоставува дека љубовниот однос меѓу ќерката на Август - Јулија - и поетот го налутила императорот. Но, хронологијата апсолутно противречи на оваа хипотеза, бидејќи откако Август ги открил развратите на неговата ќерка, помеѓу 5 и 2 година п.н.е.[б 4] таа постојано била следена а потоа ја прогонил на островот Пандатарија, а од 5 година, во Региум во Калабрија, каде никој не смеел да ѝ се приближи, па затоа невозможно било да постоела некаква интрига помеѓу неа и Овидиј.[25] Некои од хипотезите тврделе дека грешката на Овидиј била поради учество на церемонии посветени на култот на египетската божица Изида[34][35] и наклоноста кон неопитагорејството[36]
Ваквите нејасни причини околу прогонот на Овидиј довеле до бројни теории од страна на историчарите. Средновековните текстови не даваат веродостојни објаснувања и нивните толкувања се чинат извлечени само од пишувањата на Овидиј.[37] Самиот Овидиј напишал доста во своја одбрана, честопати давајќи нејасни или противречни показатели.[38]
Во 1923 година, историчарот Џ.Џ Хартман предложил теорија која малкумина ја земаат предвид: дека Овидиј никогаш не бил протеран од Рим и дека целото негово дело од прогонот е резултат на неговата плодна имагинација. Оваа теорија била поддржана и отфрлена во 1930-тите. Во 1985 година, истражувачкиот труд од Фитон Браун изнесол нови аргументи во прилог на теоријата.[39] Меѓу причините дадени од страна на Браун се дека прогонството на Овидиј се споменува само во неговото дело и во „сомнителни“ пасуси на Плиниј Постариот[40] и Статиј[41] и кај ниеден друг автор сѐ до 4 век[42], дека авторот на „Хероини“ бил во можност да го одвои поетското "јас" од личниот и реалниот живот и дека информациите за географијата на Томис веќе биле познати според Вергилиј, Херодот па и самиот Овидиј, во неговите „Метаморфози“.[б 5][43] Потврдокорните историчари, се противеле на ваквите хипотези.[44] Еден од главните нивни аргументи е дека Овидиј никогаш не би го оставил делото „Фасти“ недовршено, главно затоа што тоа дело ќе му осигурало статус на врховен поет.[45]
Овидиј умрел во Томис, во 17 или 18 година.[46] Се смета дека делото „Фасти“, било објавено посмртно.[47] Во декември 2017, прогонот на Овидиј и официјално бил укинат од страна на Советот на градот Рим.[48]
Овидиј оставил богато и разновидно творештво кое се состои од повеќе дела: „Песни за љубовта“ (во три книги), „Хероики“, „Вештинана љубовта“ (во три книги), „Лекови за љубовта“, „Метаморфози“ (во 15 книги), „Фасти“ (во шест книги), „Песни на тагата“ (во пет книги) и „Писма од Понт“ (во четири книги). Овидиј бил „роден поет“ кој уживал голема популарност и, иако во неговата поезија нема возвишени мисли, тој се наметнал како пример на латинскиот уметнички облик.[49]
Делото „Хероиди“ (латински: Heroides („Хероини“) или Epistulae Heroidum - „Писма на хероините“) е збирка од 21 поема во елегичен дистих, напишани во форма на писма на жените упатени до нивните отсутни љубовници[50] во кои тие ги изразуваат нивните емоции на носталгија и копнеж, молби за нивно враќање и алузии за нивните идни дејства во рамки на личната митологија. Автентичноста на збирката е доведена во прашање. Таа опфаќа нов тип на композиција без паралела со претходната книжевност.[51]
Првите 14 писма се смета дека ја сочинувале првичната објавена збирка на поеми „напишани“ од хероините Пенелопа, Филида, Брисеида, Федра, Енона, Хипсипила, Дидона, Хермиона, Дејанира, Аријадна, Канака, Медеја, Лаодамија и Хиперместра до нивниот отсутен љубовник. Писмото 15 од историската Сафо до Фаон, се чини лажно (иако се спомнува во Љубови 2.18) поради неговата должина, недостатокот на интеграција во митолошката тема и неговото отсуство од средновековните ракописи.[52] Последните писма (16-21) се составени во пар и се состојат од писмо до љубовникот и одговор (Парис и Елена, Херо и Леандер, Аконтиј и Сидипа). Тие се сметаат за подоцнежно дополнување на корпусот, бидејќи Овидиј никогаш не ги споменува.
„Љубови“ (латински: Amores) е збирка (во три книги) љубовна поезија во елегичен дистих, следејќи ги конвенциите на елегичниот жанр што го развиле Тибул и Пропертиј. Елегијата потекнува од нив но Овидиј бил иноватор во жанрот. Овидиј го менува водачот на неговите елегии од поетот, во љубовта. Ова префрлање на фокусот од триумф на поетот кон триумф на љубовта е прв од ваков вид за овој жанр на поезија. Оваа иновација на Овидиј може да се сумира како користење на љубовта како метафора за поезијата.[53] Книгите ги опишуваат многуте аспекти на љубовта и се фокусираат на односот на поетот со љубовницата наречена Корина. Книга 1 содржи 15 песни. Во првата, Овидиј ја кажува намерата да напише епска поезија, која била спречена од Купидон кој му украл една стапка (претворајќи го хексаметарот во пентаметар). Песната 4 е дидактичка и ги опишува принципите кои Овидиј ќе ги развие во Уметноста на љубовта. Песната ја воведува Корина по име. Песните 8 и 9 се занимаваат со Корина, којашто ја продава нејзината љубов за подароци, додека 11 и 12 го опишуваат неуспешниот обид на поетот да оствари средба со неа. Песната 14 зборува за експеримент на Корина во боење на косата а 15 ја нагласува бесмртноста на Овидиј и на љубовните поети.
Втората книга има 19 песни. Воведната песна раскажува како Овидиј ја напуштил гигантомахијата во корист на елегијата. Песните 2 и 3 се молби да му дозволат на поетот да ја види Корина а песната 6 е жалење за мртвиот папагал на Корина. Песните 7 и 8 се занимаваат со врската на Овидиј со слугинката на Корина и нејзиното откривање, а 11 и 12 се обидуваат да ја спречат Корина да отиде на одмор. Песната 13 е молитва до Изида за болеста на Корина, 14 е песна против абортусот а 19 е предупредување до мажите.
Книгата 3 има 15 песни. Воведната песна ги опишува олицетворената Трагедија и Елегија во борба за Овидиј. Песна 2 опишува посета на трките, 3 и 8 се фокусираат на интересот на Корина за другите мажи, 10 е поплака упатена до Церера поради нејзиниот празник кој бара воздржување, 13 е песна за празникот на Јунона а 9 тажалка за Тибул. Во песната 11 Овидиј повеќе не сака да ја љуби Корина и жали за песните што ги напишал за неа. Последната песна е збогување со еротската муза.[54]
Трето датирано дело е „Грижа за лицето“ (латински: Medicamina Faciei Femineae). Околу стотина елегии останале од оваа песна за третмани за убавина на женското лице, што се чини како пародија на сериозната дидактичка поезија. Стилот не е различен од пократските хеленистички дидактички дела на Никандер и Аратус.
Si quis in hoc artem populo non novit amandi,
hoc legat et lecto carmine doctus amet.[55]
„Уметноста на љубовта“ или „Вештината на љубовта“ (латински: Ars Amatoria) е дидактичка елегична песна во три книги, за вештината на заведувањето и љубовта. Првата книга им се обраќа на мажите и ги учи како да ги заведе жените; втората, исто така, им се обраќа на мажите и ги учи како да ги задржат љубовниците; додека третиот дел ги поучува жените на техниките на заведување.[50] Првата книга започнува со повикување на Венера, каде Овидиј се воспоставува себеси како аморис (1.17) - учител на љубовта. Втората книга се повикува на Аполон и започнува со раскажување на приказната за Икар. Овидиј ги советува мажите да избегнуваат да даваат премногу подароци, да се грижат за својот изглед, да ги кријат работите, да ги пофалат љубовниците. Опишана е грижата на Венера за прокреацијата, како и помошта на Аполон во задржувањето на љубовникот. Книгата завршува со барањето на Овидиј, „учениците“ да ја шират неговата слава.
Книга 3 започнува со одлуката на Овидиј да ги насочи жените против неговото учење во првите две книги. Овидиј им дава на жените детални упатства за изгледот, укажувајќи им да избегнуваат премногу украси, ги советува да читаат поезија, да научат да играат игри, да спијат со луѓе од различна возраст, да флертуваат и да воздивнуваат. Книгата завршува со желбата жените да го следат неговиот совет и да ја прошират неговата слава, велејќи: "Учител ни беше Овидиј" (латински: Naso magister erat).
„Лекови за љубовта“ (латински: Remedia Amoris) е елегија која предлага лек за љубовта. Песната им се обраќа на мажите и го критикува самоубиството како средство за бегање од љубовта а потоа, повикувајќи се на Аполон, продолжува да им кажува да не одложуваат, да не бидат мрзливи при справување со љубовта, да ги избегнуваат своите партнерките, да не прават магија, да ја видат љубовницата неподготвена, да имаат други љубовници, да ги изгорат старите писма и никогаш да не бидат љубоморни. Некои ја толкуваат оваа песна како затворање на дидактичкиот циклус љубовна поезија на Овидиј и крај на неговата еротска елегиска поезија.[56]
„Метаморфози“, најамбициозното и најпознато дело на Овидиј, се состои од каталог од 15 книги напишани во дактилен хексаметар за преобразби во грчката и римската митологија поставени во лабава мито-историска рамка. Зборот „метаморфози“ е од грчко потекло и значи „преобразби“. Соодветно, ликовите во ова дело се подложени на многу различни преобразби. Во рамки на речиси 12.000 стихови, се споменуваат речиси 250 различни хеленски и италски митови.[50] Секој мит е поставен на отворено, каде што смртниците често се чувствителни на надворешни влијанија. Песната стои во традицијата на митолошката и етиолошката каталошка поезија, како што е „Каталог на жените“ на Хесиод, Етија на Калимах, „Хетереумена“ на Никандер и „Метаморфози“ на Партениј.
Првата книга го опишува формирањето на светот, возрастите на човекот, поплавата, приказната за силувањето на Дафне од страна на Аполон и Ија од страна на Јупитер. Втората книга започнува со Фетон и продолжува да ја опишува љубовта на Јупитер со Калиста и Европа. Третата книга се фокусира на митологијата на Теба со приказните на Кадмо, Актеон и Пентеј. Четвртата книга се фокусира на три пара љубовници: Пирам и Фисба, Салмакида и Хермафродит, Персеј и Андромеда. Петтата книга се фокусира на песната на Музите и се опишува силувањето на Прозерпина. Шестата книга е збирка приказни за соперништвото помеѓу боговите и смртниците, почнувајќи од Арахна и завршувајќи со Филомела. Седмата книга е за Медеја, како и за Кефал и Прокрида. Осмата книга е за летот на Дедал, ловот на калидонски свињи и разликата помеѓу Филемон и Бавкида и Ерисихтон. Деветтата книга е за Херакле и инцестуозната Библида. Десеттата книга се приказни за осудената љубов, како онаа на Орфеј.
Единаесеттата книга го споредува бракот на Пелеј и Тетија со љубовта на Кеик и Алкиона. Дванаесеттата книга ги опишува подвизите на Ахил, битката на кентаурите и Ифигенија. Тринаесеттата книга зборува за натпреварувањето на Ахил и Полифем. Четиринаесеттата го опишува патувањето на Енеас, Помона и Вертонус и Ромул. Последната книга започнува со филозофско предавање на Питагора и обожување на Цезар. Крајот на песната е пофалба за Август и го изразува верувањето на Овидиј дека неговата песна му ја донела бесмртноста.
При анализата на „Метаморфози“, фокусот е во организацијата на огромниот материјал и податоци. Г. Б. Конте ја нарекол поемата „галерија на различни литературни жанрови“.[57]
Делото „Фасти“ или „Слави“ се нарекува и „Книга на календарот“ и во него хронолошки се толкуваат разни римски празници и обичаи.[50] Од оваа втора амбициозна поема, на која Овидиј работел пред прогонот, се зачувани шест книги. Шесте книги го покриваат првиот семестар од годината, со тоа што секоја книга е посветена на друг месец од римскиот календар (од јануари до јуни). Такво нешто претходно не било забележано во римската литература. Се чини дека Овидиј планирал да ја опфати целата година, но не можел да го заврши делото поради неговото прогонство. Како и Метаморфози, Фасти требало да биде долга песна што ја следи етиолошката поезија на постари писатели како Калимах и некои понови како Пропертиј, во неговата четврта книга. Песната минува низ римскиот календар, објаснувајќи ги потеклото и обичаите на важните римски празници, навраќајќи се на митски приказни и давајќи астрономски и земјоделски информации соодветни на сезоната. Песната на почетокот најверојатно му била посветена на Август, но можеби смртта на царот го поттикнала Овидиј да ја промени посветата во чест Германик.[58]
„Ибис“ е елегија во 644 реда напишана во егзил, во која Овидиј користи блескава низа митски приказни за проколнување и напад на непријателот. Тој го цитира Калимах како инспирација и ги повикува сите богови да ја направат неговата клетва ефикасна. Песната завршува со молитва дека боговите му ја исполнуваат клетвата.
„Таги“ (латински:Tristia) се состои од пет книги елегии кои Овидиј ги напишал во прогонот во Томис. Книга 1 содржи 11 песни. Првата е обраќање на Овидиј до неговата книга за тоа како треба да дејствува кога ќе пристигне во Рим. Песната 3 ја опишува неговата последна ноќ во Рим, песните 2 и 10 патувањето на Овидиј во Томис, 8 е за предавството на пријателот, и 5 и 6 за лојалноста на неговите пријатели и сопруги. Во последната песна Овидиј се извинува за квалитетот и тонот на неговата книга, чувство кое одекнува низ целата збирка.
Книга 2 се состои од долга песна во која Овидиј се брани себеси и својата поезија, користи преседани за да го оправда своето дело и го моли императорот за прошка.
Книгата 3 во 14 песни е за животот на Овидиј во Томис. Првата песна го опишува пристигнувањето на неговата книга во Рим за да ги пронајде делата на Овидиј. Песните 10, 12 и 13 се за годишните времиња поминати во Томис, 9 за потеклото на местото, а 2, 3 и 11 се за неговото емотивно страдање и копнежот за дома. Последната песна е извинување за неговата работа.
Книга 4 има 10 песни кои се обраќаат на пријателите. Песната 1 ја изразува неговата љубов кон поезијата и утехата што таа ја носи а 2 го опишува триумфот на Тибериј. Песните 3-5 се за пријатели, 7 барање за преписка и 10 е автобиографија.
Последната книга со 14 песни е за сопругата и пријателите. Песните 4, 5, 11 и 14 се наменети за неговата сопруга, 2 и 3 се молитви до Август и Бах, римскиот бог на виното, 4 и 6 се за пријатели, 8 за непријателот. Песната 13 бара писмо, додека со 1 и 12 им се извинува на неговите читатели за квалитетот на неговата поезија.
„Писма од Црното Море“ (латински: Epistulae ex Ponto) е збирка од четири книги, со вкупно 40 песни, напишани за време на прогонството. Песните главно се барања до пријателите да се заземат кај членовите на империјалното семејство, дискусии за пишување со пријателите и описи на животот во прогонство.[50] Првата книга има 10 песни во кои Овидиј ја опишува состојбата на неговото здравје (10), неговите надежи, спомени и копнежот за Рим (3, 6, 8) и неговите потреби во прогонството (3). Книгата 2 содржи барања до Германик (1 и 5) и разни пријатели да зборуваат во негово име во Рим, додека тој го опишува својот очај и животот во прогонството. Книга 3 има девет песни во кои Овидиј ѝ се обраќа на неговата сопруга (1) и на разни пријатели. Вклучено е раскажувањето на приказната за Ифигенија во Таврис (2), песната против критики (9) и сонот на Купидон (3). Книга 4, последното дело на Овидиј, во 16 песни зборува за пријателите и го опишува својот живот во егзилот. Песните 10 и 13 ја опишуваат зимата и пролетта во Томис, песната 14 е пофалба за Томис, 7 ја опишува географијата и климата, а 4 и 9 се честитки до пријателите за нивните совети и барања за помош. Песната 12 му е упатена на Тутикан, чие име, се жали Овидиј, не се вклопува во стихот. Последната песна му е упатена на непријателот кого Овидиј го моли да го остави на мира. Последниот елегичен дистих е следниот: „Каде е радоста во прободување на вашиот челик во моето мртво месо? / Не остана место каде што можат да се направат свежи рани.“[59]
Делата на Овидиј се толкувале на различни начини во текот на вековите со ставови кои зависеле од општествените, религиозните и книжевните контексти на различни периоди. Познато е дека во тек на својот живот, тој веќе бил познат и критикуван. Во „Лекови за љубовта", Овидиј ги критикува луѓето кои сметале дека неговите книги се дрски.[60]
Подоцна, Овидиј станал еден од најпознатите и највлијателните римски поети во средниот век и ренесансата.[61]
Писателите во средниот век го користеле неговиот труд како начин да читаат и пишуваат за теми пошироки од тие што ги налагала Библијата.[62] Во средниот век, било напишано обемно француско дело „Морализираниот Овидиј“ (француски: Ovide moralisé) кое морализира 15 книги од „Метаморфози“. Делото извршило големо влијание во европската книжевност а поезијата на Овидиј дала инспирација за ренесансната идеја за хуманизмот, и поттикнало многу ренесансни сликари и писатели.
За првпат ги засакав книгите откако уживав во приказните на „Метаморфози“ од Овидиј. На околу седум или осум години почнав да ги читам, бидејќи беа на мојот мајчин јазик и тоа беше најлесната книга што ја знаев и чија содржина најдобро одговараше на мојата нежна возраст. („Есеи“, Мишел де Монтењ).[63]
Во Шпанија, Сервантес исто така се повикал на „Метаморфози“ како платформа за инспирација на неговиот роман „Дон Кихот“, каде укажува на тоа да се биде внимателен со сатирите бидејќи тие можат да испратат поети во егзил, судбина што го снашла Овидиј.[64]
Во 16 век, некои езуитски школи во Португалија истргнале неколку пасуси од Метаморфозите на Овидиј. Иако Езуитите во неговите песни гледале елегантни композиции достојни да им се презентираат на учениците за образовни цели, сепак сметале дека неговите дела како целина можат штетно да влијаат на учениците.[65]
Во Англија, во 16 век, делата на Овидиј биле критикувани. Архиепископот од Кентербери и епископот од Лондон наредиле современиот превод на љубовните песни на Овидиј јавно да бидат запалени во 1599 година. Пуританците од следниот век го гледале Овидиј како пагански поет кој шири неморално влијание.[66] Џон Драјден составил познат превод на Метаморфози во текот на 17 век, кога Овидиј бил преработен [...] според неговата слика[67]
Романтичното движење од 19 век, Овидиј и неговите песни ги сметале „задушени, досадни, прекумерно формализирани и без вистинска страст“.[67] Романтичарите ги претпочитале неговите поезии од времето на прогонството.[68] Сликата Овидиј меѓу Скитите, насликана од Делакроа, ги отсликува последните години на поетот во егзил во Скитија, а неа ја виделе Бодлер, Готје и Едгар Дега.[69] Бодлер ја искористил можноста да напише долг есеј за животот на прогонет поет како Овидиј.[70] Ова покажува дека романтичарите споделувале интерес за темата која ја опфаќа и онаа на несфатениот гениј.[71] Во минатото, поемите од егзилот не поттикнувале некој посебен интерес.[72]
Во романот „Наспроти“, францускиот писател Жорис-Карл Уисманс ја нарекува поезијата на Овидиј „водникави блуеници“.[73]
Во Италија, на Овидиј му е посветена улица во Рим, во близина на Кастел Сант Ангело. Исто така, името на Овидиј го носат и:
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.