From Wikipedia, the free encyclopedia
Индексот на среќна планета (HPI) е индекс на човековата благосостојба и влијанието врз животната средина што беше воведен од Фондацијата New Economics во 2006 година. Вредноста на HPI на секоја земја е функција на нејзиното просечно субјективно задоволство од животот, очекуваниот животен век при раѓањето и еколошкиот отпечаток по глава на жител. Точната функција е малку посложена, но концептуално приближно го множи задоволството од животот и очекуваниот животен век и го дели со еколошкиот отпечаток. Индексот е пондериран да дава прогресивно повисоки оценки на нациите со пониски еколошки отпечатоци.
Индексот е дизајниран да ги оспори добро воспоставените индекси на развој на земјите, како што се бруто домашниот производ (БДП) и Индексот на човеков развој (HDI), за кои се смета дека не ја земаат предвид одржливоста. БДП особено се смета за несоодветен, бидејќи вообичаената крајна цел на повеќето луѓе не е да бидат богати, туку да бидат среќни и здрави.[1] Понатаму, се верува дека поимот одржлив развој бара мерка на еколошките трошоци за остварување на тие цели.[2]
Од 178 земји испитани во 2006 година, земјите со најдобри резултати беа Вануату, Колумбија, Костарика, Доминика и Панама. Во 2009 година, Костарика беше земја со најдобар резултат меѓу 143-те анализирани земји,[3] а по неа биле Доминиканската Република, Јамајка, Гватемала и Виетнам. Танзанија, Боцвана и Зимбабве се најдоа на дното од листата.[4]
За рангирањето во 2012 година, беа споредени 151 земја, а земја со најдобар резултат вторпат по ред беше Костарика, а по неа биле Виетнам, Колумбија, Белизе и Ел Салвадор. Земјите со најниско рангирање во 2012 година беа Боцвана, Чад и Катар.[5][6] Во 2016 година, од 140 земји, Костарика се најде на врвот на индексот трет пат по ред.[7] По неа следуваа Мексико, Колумбија, Вануату и Виетнам.[8] На дното беа Чад, Луксембург и Того. Најновото ажурирање беше објавено во 2021 година од страна на Wellbeing Economy Alliance. Според тоа ажурирање, првите 10 земји (во 2019 година) беа Костарика, Вануату, Колумбија, Швајцарија, Еквадор, Панама, Јамајка, Гватемала, Хондурас и Уругвај.[9] Ажурирањето од 2021 година, исто така, за прв пат, ги истакна трендовите со текот на времето, забележувајќи на пример подобрување во Западна Европа и Африка, но опаѓачки резултати во Јужна Азија.
HPI се заснова на општи утилитарни принципи – дека повеќето луѓе сакаат да живеат долг и исполнет живот, а земјата што е најуспешна е онаа која им дозволува на своите граѓани да го сторат тоа, притоа избегнувајќи да ја наруши можноста на идните генерации и луѓето во другите земји да го сторат истото. Всушност, тој го операционализира повикот на IUCN (Меѓународен сојуз за заштита на природата) за метрика способна да го мери „производството на човековата благосостојба (не мора да значи материјални добра) по единица на екстракција или наметнување на природата“.[10] IUCN е меѓународна организација која работи на полето на зачувување на природата и одржливо користење на природните ресурси. Таа го мери она што е важно - одржлива благосостојба за сите.
Човечката благосостојба е конципирана како среќен животен век.[11] Наметнувањето над природата се оценува со мерење на еколошкиот отпечаток по глава на жител, со кој се проценува бројот на природни ресурси потребни за одржување на животниот стил во дадена земја. Земја со голем еколошки отпечаток по глава на жител користи повеќе од нејзиниот фер удел на ресурси, со црпење на ресурси од други земји како и со предизвикување трајна штета на планетата што ќе влијае на идните генерации.[12]
Како таков, HPI не е мерка за тоа кои се најсреќните земји во светот. Земјите со релативно високи нивоа на задоволство од животот, како што се мери во анкетите, се наоѓаат од самиот врв (Колумбија на третото место) до самото дно (САД на 108-то место) на ранг-листата. HPI е најдобро замислен како мерка за еколошката ефикасност за поддршка на благосостојбата во дадена земја. Таквата ефикасност може да се појави во земја со средно влијание врз животната средина (на пр Костарика) и многу висока благосостојба, но може да се појави и во земја со само просечна благосостојба, но минимално влијание врз животната средина (на пр. Виетнам).
Голем дел од критиките за индексот се должат на коментаторите кои погрешно го разбрале како мерка за лична среќа, кога тој всушност е мерка за „среќата“ на планетата. Со други зборови, тој е мерка за еколошката ефикасност во поддршката на благосостојбата.[13][14] Понатаму, индексот на среќна планета беше критикуван бидејќи користените податоци не се доволно сеопфатни. Во Извештајот на HPI од 2006 година било нагласено дека „биле принудени да ги проценат податоците за отпечатокот и задоволството од животот во неколку земји“ . Понатаму, тие додаваат дека „има очигледни проблеми со податоците од некои земји, особено кога тие се собираат и дистрибуираат од владата на земјата“.[15]
Покрај тоа, критиките се фокусираат на следново:
Индексот беше критикуван за преголемото значење кое било дадено на јаглеродниот отпечаток, до тој степен што САД ќе мораа да бидат универзално среќни и ќе мораа да имаат очекуван животен век од 439 години за да се изедначат со резултатот на Вануату во индексот од 2006 година.[16]
Сепак, HPI и неговите компоненти се разгледувани во политичките кругови. Еколошкиот отпечаток, промовиран од Светскиот фонд за природа, е широко користен и од локалните и од националните влади, како и од наднационалните организации како што е Европската комисија. Самиот HPI беше наведен во 2007 година во Британската конзервативна партија како можна замена за БДП.[17] Прегледот на индикаторите за напредок од 2007 година изготвен од Европскиот парламент[18] ги наведува следните добри и лоши страни за користење на HPI како мерка за националниот напредок:
При рангирањето во 2019 година, беа споредени истражувања во 152 земји, а осум од десетте врвни земји беа сместени во Централна и Јужна Америка, и покрај високите нивоа на сиромаштија. Ранг-листата беше предводена од Костарика со HPI оценка од 62,1, при што се смета дека ова се должи на нејзиниот многу долг животен век од 77 години.[19] Утврдено е дека граѓаните на Костарика доживеале поголема благосостојба од многу побогати нации, а земјата имала по глава на жител отпечаток помал од една третина од големината на САД.[20] Втората најсреќна земја беше Вануату. Највисоко рангирана земја од ОЕЦД беше Костарика,[21] на 1-во место, а највисоко-рангирана земја во Европа е Швајцарија, на 4-то место, веднаш зад Колумбија на третото место.[22]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.