![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/c/c7/Illyrian_Tribes_%2528%25D0%259C%25D0%25B0%25D0%25BA%25D0%25B5%25D0%25B4%25D0%25BE%25D0%25BD%25D1%2581%25D0%25BA%25D0%25B8%2529.svg/langmk-640px-Illyrian_Tribes_%2528%25D0%259C%25D0%25B0%25D0%25BA%25D0%25B5%25D0%25B4%25D0%25BE%25D0%25BD%25D1%2581%25D0%25BA%25D0%25B8%2529.svg.png&w=640&q=50)
Илири
From Wikipedia, the free encyclopedia
Илири — древен народ сочинет од голем број на племиња, меѓу кои најпознати биле Таулантите, Патрините, Енхелејците, Доклеатите, Далматите, Аутаријатите, Даорсите и Пирустите. Овие племиња биле населени уште од 2 милениум п.н.е. на територијата на западниот дел на Балканскиот Полуостров, на запад по брегот на Јадранското и Јонското Море, на север до реката Дунав, а на југ до и со Епир.
Илирите главно се занимавале со сточарство, примитивно земјоделство, ископување на руда, како и лов и особено риболов. Најдобри сточари биле Аутаријатите, а најдобри трговци биле Даорсите. Илирите многу брзо ја развиле трговијата, а се развило и занаетчиството. Тие биле и познати морепловци, а и гусари кои им попречувале на туѓите бродови, а често и ги ограбувале.
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/c/c7/Illyrian_Tribes_%28%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B8%29.svg/640px-Illyrian_Tribes_%28%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B8%29.svg.png)
Како и во соседните земји, така и кај Илирите започнало да се распаѓа родовското уредување и да се создаваат класи. Се појавиле богати и имотни Илири, но и сиромашни и бедни. Во 7 век п.н.е. Галаур ја создал првата илирска држава и се прогласил за нејзин крал. Тој ги одредил границите, но тие многу често се менувале, бидејќи Илирите многу често војувале со соседите, а особено со Античките Македонци.
Најголем подем илирската држава постигнала во 5 век п.н.е., а најпознати владетели на илирската држава биле Грабос, Бардалис, Аргон, Гентиј, како и кралицата Теута. Најчесто престолнина на илирската држава бил градот Скадар.
Илирите ја одржувале својата држава сѐ до крајот на 3 век п.н.е. кога Римјаните за да го спречат гусарството на Илирите кои го попречувале слободното одвивање на трговијата на римските морепловци-трговци и во римско-илирските војни 229-228 година п.н.е. и 219 г.п.н.е. биле поразени и изгубиле голем дел од територијата која потпаднала под римска власт. Последен илирски крал бил Гентиј којшто дури склучил и сојузништво со последниот македонски крал Персеј, но сепак и двајцата биле поразени од Римјаните.
Илирите располагале со културни обележја, обичаи и верувања. Тие верувале во задгробен живот, а исто така ги толкувале и природните појави како желби на нивните богови. Најпознати богови биле Видасус, Магла, Биндус и др. Илирите исто така имале и свој јазик, но со потпаѓањето под римска власт настапил период на романизација, па постепено започнале да го прифаќаат латинскиот јазик, а својот јазик постепено го изгубиле.