Идно проширување на Европската Унија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Прашањето околу идното проширување на Европската Унија (ЕУ) теоретски е отворено за секоја држава која се наоѓа на европскиот континент, која е демократизирана, земја во која функционира организацијата на слободен пазар и земја која е подготвена да ги спроведе сите претходни закони кои ги налага законодавството на ЕУ.[1] Денеска, Европската Унија претставува наднационална и меѓувладина унија (заедница) на 27 демократски земји-членки. Таа е најголемата конфедерација на независни држави во светот, основана под ова име во 1992 со Мастришкиот договор. Сепак, многу аспекти од Унијата постоеле и пред оваа година преку серија на претходни договори, кои датираат од 1951. Сепак, дали една земја ќе пристапи кон унијата е предмет кој се оценува од страна на институциите на ЕУ.[2]
Оваа статија можеби треба да се ажурира. Уредете ја статијата за да ги одразува скорешните настани или новодостапните информации, и отстранете ја оваа предлошка кога ќе завршите. |
Постојат пет кандидати за членство во Европската унија: Турција (аплицирала во 1987), Северна Македонија (аплицирала во 2004), Црна Гора (аплицирала во 2008), Албанија (аплицирала во 2009) и Србија (аплицирала во 2009). Сите имаат започнато со пристапните преговори.[3] Косово (чија независност не е признаена од пет ЕУ земји-членки) и Босна и Херцеговина се признаени како потенцијални кандидати за членство во ЕУ. Босна и Херцеговина има формално поднесено апликација за членство, додека Косово има Спогодба за стабилизација и асоцијација (ССА) со ЕУ, што вообичаено претходи на апликацијата за членство. Црна Гора и Србија, како најнапредни кандидати, се очекува да влезат во Унијата непорано од 2022, најверојатно во 2025.[4] Додека другите полека напредуваат, преговорите со Турција се засега замрзнати.
Од четирите главни западно европски земји кои не се ЕУ-членки, Исланд, Норвешка и Швајцарија имаат поднесено апликации за членство во минатото, но ги имаат замрзнато, додека Обединетото Кралство е поранешна членка. Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн учествуваат во внатрешниот пазар на ЕУ и во Шенген-зоната, што ги прави доста блиски со ЕУ. Во 2014, ЕУ потпишува договори за соработка со Грузија, Молдавија и Украина.[5] Европскиот парламент има донесено резолуција која ја признава „европската перспектива“ на сите три земји.[6]
За земјите од Источна Европа, Хедер Граби од Центарот за европски реформи рекол: „Белорусија е премногу авторитарна, Молдавија премногу сиромашна, Украина премногу голема, и Русија премногу страшна за ЕУ која би требало да размисли за понудата за нејзино членство во било кое време."[7] Сепак, Украина покажала силен интерес за членството во ЕУ.[8]