македонски политичар From Wikipedia, the free encyclopedia
Зоран Заев (8 октомври 1974 во Струмица) — македонски политичар, стопанственик и економист. Премиер на Македонија е од 2017 до 2020 година и од 2020 до 2022 година. Градоначалник на општина Струмица е од 2005 до 2016 година. Пратеник во Собранието на Македонија е од 2003 до 2005 година. Претседател на СДСМ е од 2013 до 2021 година.
Зоран Заев | |
---|---|
Премиер на Република Македонија | |
На должноста 31 август 2020 – 16 јануари 2022 | |
Претходник | Оливер Спасовски |
Наследник | Димитар Ковачевски |
На должноста 1 јуни 2017 – 3 јануари 2020* | |
Претходник | Емил Димитриев |
Наследник | Оливер Спасовски |
Градоначалник на Струмица | |
На должноста 22 март 2005 – 22 декември 2016 | |
Претходник | Кирил Јанев |
Наследник | Костадин Костадинов |
Лични податоци | |
Роден(а) | 8 октомври 1974 Струмица, СР Македонија, СФРЈ |
Партија | СДСМ |
Сопружник | Зорица Заева (в. 1995) |
Установа | Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ |
Професија | економист |
* Од 3 јануари до 31 август 2020 година, претседател на преодната македонска Влада бил Оливер Спасовски, согласно Пржинскиот договор. Вториот премиерски мандат на Заев започнува од 31 август. |
Зоран Заев е роден во 1974 година во Струмица, но тој е од струмичкото село Муртино. Неговото семејство се преселило од Муртино во Струмица, кога Зоран имал четири години.[1] Основно и средно образование завршил во родниот град. Во 1997 година дипломира на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што и магистрира економија.
Со неговата сопруга Зорица Заева се познава од основно училиште, а се венчава во 1995 година.[2]
По дипломирањето во 1997 година ја започнува професионалната кариера како вработен во трговското друштво на неговото семејство, „Тргопродукт“ од Струмица. Од 2001 до 2003 година е директор во „Тргопродукт“. Од 1998 до 2003 година е член на управниот одбор на штедилницата „Пеон“ од Струмица, а од 2001 до 2003 година членува и во управниот одбор на Индустријата за градежни материјали „Еленица“ од Струмица.[3]
Од 2000 до 2003 година е претседател на управниот одбор на јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ – Струмица.
Заев се зачленува во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во 1996 година.
Заев учествува на парламентарните избори во 2002 година како кандидат за пратеник од листата на СДСМ од четвртата изборна единица,[4] но не успева да стане пратеник во Собранието. Сепак, во 2003 година престанува мандатот на пратеникот на СДСМ Ѓорѓи Спасов, кој е именуван за амбасадор во Обединетото Кралство, а Заев го наследува неговото пратеничко место како следен на листата.[5] Мандатот на Заев како пратеник во Собранието престанува откако е избран за градоначалник на локалните избори во 2005 година.
На локалните избори во 2005 година Заев победува како кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Струмица.
На 17 јули 2008 година Заев е уапсен заедно со уште петмина соработници и е осомничен за законски прекршувања при изградбата на трговскиот центар „Глобал“ во Струмица. Заев обвинува дека се работи за монтиран случај, политички прогон и обид за негов линч. Случајот е затворен по аболиција од претседателот на државата Бранко Црвенковски.[6]
Заев освојува уште два мандати како градоначалник на локалните избори во 2009 и во 2013 година. Се повлекува од функцијата по парламентарните избори во 2016 година.
Заев е назначен за вршител на должноста претседател на СДСМ во септември 2008 година.[7] По завршувањето на претседателскиот мандат на Црвенковски во 2009 година, Црвенковски се враќа на чело на СДСМ, а Заев е именуван за потпретседател на партијата.[8] Во јуни 2013 година Заев е избран за претседател на СДСМ по оставката на Црвенковски поради лошиот изборен резултат на локалните избори во 2013 година.
Во првата половина од 2015 година Заев објавува телефонски разговори за кои тврди дека се снимени од страна на УБК по нарачка на Никола Груевски и Сашо Мијалков како дел од прислушување на 20 илјади македонски граѓани.[9] Истите се основа за кривична истрага за злоупотреба на службената должност против раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Во април Заев е обвинет за насилство кон претставници на највисоките државни органи во случајот „Пуч“, а поранешниот разузнавач Зоран Верушевски и негови луѓе од МВР се обвинети за обид за државен удар.[10] Во текот на објавувањето на снимките, обвинителството отвора случај против Заев под името „Поткуп“, во кој Заев е осомничен за примање поткуп од струмичкиот стопанственик Иван Николов од околу 164 илјади евра за добивање дозвола за изградба на црква.[11]
Заев, како претставник на СДСМ, учествува во преговорите за надминување на политичката криза помеѓу водачите на најголемите македонски партии со странски посредници.[12] Партиските водачи го потпишуваат Пржинскиот договор, во кој се предвидува техничка влада за организирање предвремени парламентарни избори во 2016 година и формирање на Специјално јавно обвинителство (СЈО) со цел да ги истражи наодите за криминал од објавените снимки.[13] Во април 2016 година претседателот Ѓорге Иванов донесува одлука за помилување на 56 лица опфатени во истрагите на СЈО, помеѓу кои се и Груевски и Заев, но подоцна одлуката за аболиција е повлечена поради притисок од домашната и меѓународната јавност.[14] По изборите во декември 2016 година, Заев формира парламентарно мнозинство составено од СДСМ, ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците. На 17 мај 2017 година станува мандатар откако Иванов му го доделува мандатот за формирање влада.[15]
На 31 мај Собранието на Македонија со 62 гласа „за“ ја избира Владата на Заев која ја сочинуваат 25 министри.[16] Прв чекор на неговата влада во надворешната политика е потпишувањето на договор за добрососедство со Бугарија во август 2017 година.[17] Во септември се донесени законот за минимална плата од 12 илјади денари, законот за укинување на радиодифузната такса, а вратена е и евтината тарифа на струјата.[18][19]
На локалните избори во 2017 година партијата на Заев остварува убедлива победа со освоени 57 градоначалнички мандати и околу 420 илјади гласови на советничките листи.[20] Во јуни 2018 година е потпишан Преспанскиот договор со што е ставен крај на спорот за името помеѓу Македонија и Грција кој трае од независноста на Македонија.[21] Во септември е одржан референдум на кој гласаат 37% од лицата со право на глас, а од нив 91% или околу 610 илјади гласачи се изјаснуваат позитивно за договорот.[22]
Поради неговите залагања за Договорот со Грција во средината на декември 2018 година Заев заедно со грчкиот премиер Алексис Ципрас е номиниран за Нобеловата награда за мир за 2019 година од страна на добитничката на наградата во 2015 година, Тунижанката Уидед Бушамауи.[23]
По победата на коалицијата предводена од СДСМ на парламентарните избори во 2020 година, Заев продолжува да служи на премиерската функција откако успева да состави влада преку постизборна коалиција со ДУИ. До изборот на втората влада предводена од Заев на 31 август, Оливер Спасовски е претседател на техничка влада согласно Пржинскиот договор.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.