Епидемија на големи сипаници во Југославија, 1972
From Wikipedia, the free encyclopedia
Епидемијата на големи сипаници во Југославија во 1972 година била последната епидемија на големи сипаници (латински: Variola vera) во Европа, која траела во текот на март и април. Епидемијата започнала во селото Дањане, во близина на Ѓаковица во САП Косово, а според официјалната верзија, била донесена од страна на Ибрахим Хоти по неговото враќање од аџилак на Мека. Болеста наскоро се проширила и на другите делови на СР Србија - Нови Пазар, Чачак и Белград, а имало и заразени лица во Плав во СР Црна Гора.
Првите сомнежи за големи сипаници се појавиле на 14 март, по прегледите на пациенти кои се пријавиле во болниците во Призрен и Ѓаковица. По потврдувањето на болеста, започната е вакцинација на здравствените работници и населението во загрозените области, а масовната вакцинација подоцна се проширила на цела Југославија, при што биле вакцинирани 18 милиони луѓе. После заболувањето на работник од Нови Пазар, на 22 март, било утврдено дека неговиот покоен брат, учителот Латиф Мумџиќ (1943-1972) бил првата жртва на големите сипаници, и дека тој ја пренел болеста во болниците во Чачак и Белград, по што во нив бил прогласен карантин. Покрај карантините во болницата, формирани биле и амбулантски карантини, во кои престојувале лица кои биле во контакт со заразените.
За време на борбата против големите сипаници, епидемиолошките служби и здравствените работници покажале голем напор и жртва, спречувајќи епидемија од големи размери, поради што на 21 април добиле признание од Светската здравствена организација, која го испратила д-р Рајнхард Линдер, познат епидемиолог од Австрија, во Југославија.
За време на епидемијата, 184 лица се разболеле - 123 во САП Косово и 32 во Белград, а вкупно 40 починале (смртност 21,7%).[1] Меѓу заболените имало шест здравствени работници - тројца лекари и три медицински сестри, од кои две починале - Душица Спасиќ (1951—1972), медицинска сестра од Белград и Милка Ѓурашиќ (1947— 1972), медицинска сестра од Чачак. Епидемијата била официјално објавена дури на 25 март и траела до 23 мај, а карантините постепено биле укинати од 12 до 19 мај.
Врз основа на мотивите од овој настан, но со многу уметничка слобода, режисерот Горан Марковиќ во 1982 година го снимил филмот Вариола вера.