![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/4/4b/NuclearReaction.svg/langmk-640px-NuclearReaction.svg.png&w=640&q=50)
Енергија на сврзување
From Wikipedia, the free encyclopedia
Енергија на сврзување на атомското јадро или јадрена енергија на сврзување е енергијата која е потребна за „расцепување“ на атомското јадро на неговите составни делови – нуклеони (протони и неутрони). Јадрената енергија на сврзување е обично позитивен број. Масата на јадрото е секогаш помала од збирот на масите на мирување на слободните нуклеони. Оваа разлика е мерка за јадрената енергија на сврзување, која е резлутат на силите кои го одржуваат јадрото во целина. При расцепувањето на јадрото, дел од неговата маса (т.е. некои нуклеони) се претвора(ат) во огромни количини енергија (според Ајнштајновата релација E=mc2, па масата се отстранува од вкупната првобитна маса на честичките и недостасува на крајот од процесот. Недостатокот од маса се нарекува дефект на масата на атомското јадро, а е претставен преку ослободената енергија при формирањето на јадрото.
Терминот јадрена енергија на сврзување може да се однесува и на енергетската рамнотежа во реакции каде јадрото се раздвојува во делови кои содржат повеќе од еден нуклеон. Во овој случај, енергиите на сврзување на добиените делови имаат повисока енергија во споредба со онаа на првобитната целина. Доколку е достапна нова енергија на сврзување при врзување на лесни јадра или расцепување на тешки јадра, истата се ослободува и станува достапна како јадрена енергија. Може да послужи како извор на струја или како суровина за јадрено оружје. При расцепување на големо јадро вишокот енергија се емитува како фотони (гама-зрачење) и кинетичка енергија на производите на јадрено цепење.
Јадрените енергии и сили на сврзување се милиони пати поголеми од енергиите на сврзување на електроните на лесни атоми како водородниот.[1]
Дефект на масата на атомско јадро е разликата меѓу масата на јадрото и збирот од масите на неговите компоненти. За определување на енергијата на сврзување има три чекори на пресметки – создавање на дефектот на масата преку отстранување маса во вид на ослободена енергија.[2]