Едвард Олби
From Wikipedia, the free encyclopedia
Едвард Френклин Олби III (англиски: Edward Albee; Вашингтон, 12 март 1928 — Монтаук, 16 септември 2016 ) — американски драмски писател. Покрај Јуџин О’Нил, Тенеси Вилијамс и Артур Милер го сметаат за најголем драмски писател во американската книжевност во дваесеттиот век.[1][2]
Едвард Олби | |
---|---|
Роден/а | 12 март 1928 Вирџинија, Соединетите Држави |
Починат/а | 16 септември 2016(2016-09-16) (возр. 88) Монток, Њујорк, Соединетите Држави |
Занимање | драмски писател |
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/6/6b/Edward_Albee.jpg/220px-Edward_Albee.jpg)
Вниманието во јавноста го привлекол со својата прва драма Животинска приказна (The Zoo Story, 1958). Напишана во традицијата на францускиот Театар на апсурд, драмата премиерно е изведена во Берлин во 1959, како двојна претстава со бекетовата едночинка Последната лента на Крап.[2] Веќе следната година Животинска приказна е поставена во Гринич Вилиџ, при што е една од претставите кои ја основале алтернативната драмска сцена во Њујорк, која ќе стане позната под името Оф Бродвеј (Off Broadway).[1] Опсесивна тема во драмите на Олби е мрачната позадина на американскиот сон, со посебен фокус на мотивот на самозалажување и на идејата дека меѓусебното уништување ги зацврстува меѓучовечките односи. Ова е најочигледно во неговата најпозната драма Кој се плаши од Вирџинија Вулф? (Who's Afraid of Virginia Woolf? - 1962). Во центарот на овој драмски заплет е средовечен брачен пар. Универзитетскиот професор Џорџ и Марта која е ќерка на декан, понесени од алкохолот започнуваат вербална игра на меѓусебно ибвинување и злоставување, вовлекувајќи ги и своите гости во играта. Темната слика на брак на академски граѓани и употребата на пцовки во дијалозите предизвикале големо внимание и кај публиката и кај театарската критика. За овој текст ја добива наградата Тони за најдобра драма, но од друга страна жири комисијата му ја скратила Пулицеровата награда. Драмата е екранизирана во 1966 година во режија на Мајк Николс со Елизабет Тејлор и Ричард Бартон во главните улоги.
Во Македонија Кој се плаши од Вирџинија Вулф?, премиерно беше одиграна на сцената на МНТ[3] на 16 март 2012 година во режија на Синиша Евтимов и Весна Петрушевска и Сенко Велинов во улогите на Марта и Џорџ.
И покрај комерцијалниот успех и успехот кај критиката со Кој се плаши од Вирџинија Вулф? Олби не сакал да се претвори во сопствена имитација ниту да го поддржува вкусот на публиката, туку продолжува да експериментира со формите и содржината во рамките на театарската уметност. Во неговата понатамошна кариера посебно се издвојуваат: драмите Деликатна рамнотежа (A Delicate Balance, 1966), мрачна драма за богата фамилија, во која членовите го изразуваат сопственото незадоволство во вербален конфликт, за што ја добива првата Пулицерова награда; потоа Крајбрежје (Seascape, 1974) црн хумор составен од злокобни медитации за Моногамија, еволуција и смртта, кои се водат во разговор на крајбрежје на океанот помеѓу брачен пар и пар антропоморфни гуштери (втора Пулицерова награда); Три високи жени (Three Tall Women, 1991) длабоко интимна драма заснована на односот на Олби со неговата мајка, односно жената која го има посвоено (трета Пулицерова награда) и драмата Коза или Која е Силвија? (The Goat, or Who Is Sylvia? 2002) симболична драма за маж кој се заљубува во коза (втора Тони награда за најдобра драма). Олби е познат и како писател на драмски адаптации на романи Појадок кај Тифани од Труман Капоте, Лолита на Владимир Набоков и приказните Балада за тажното кафе Карсон Макалерс. Во интервју за магазинот Тајм своето творештво го опишал со зборовите: Сите мои драми се за луѓе кои ја изгубиле контролата над својот живот, кои е предале млади, кои доаѓаат до крајот на својот живот жалејќи за работите кои не ги направиле... Сметам дека поголемиот дел од луѓето премногу време трошат живеејќи како никогаш да нема да умрат.[2] Функцијата на драмската уметност во интервју за Гардијан во 2004 година ја окарактеризирал на следниот начин: Сите драми, ако се барем малку добри, се напишани да го поправат човештвото. Тоа е работата на писателот - да држи огледало пред луѓето.[1]
Тони Михајловски своето режисерско деби го имал со Брачна игра премиерно изведена на 8 мај 2016 на сцената на МНТ со Игор Џамбазов и Весна Петрушевска во улогите на Џек и Џилијан.[4]
Коза или која е Силвија во Македонија премиерно е изведена на 3 јули 2008 година од страна на Драмски театар Скопје во режија на Дино Мустафиќ. Мето Јовановски за улогата во оваа претстава ја има добиено наградата за најдобро глумечко остварување на фестивалот Ристо Шишков во 20018 година.