Дахау (концентрационен логор)
концентрационен логор во Баварија, Германија / From Wikipedia, the free encyclopedia
Дахау (герм. Dachau) бил првиот концентрационен логор на Нацистичка Германија сместен на местото на напуштена фабрика за муниција, близу до местото Дахау во Баварија, Германија.
Логорот бил отворен во јуни 1933., и бил првиот концентрационен логор воспоставен од коалиционата влада на нацистите и Католичката централистичка партија (распуштена во јули 1933.). Хајнрих Химлер, тогашниот шеф на Минхенската полиција, официјално го опишал кампот како „прв концентрационен логор за политички затвореници“.[1] Дахау служел како пример и прототип на сите други нацистички концентрациони логори изградени подоцна.[2] Вкупно, преку 200.000 затвореници од преку 30 земји биле затворени во Дахау од кои речиси една третина биле Евреи.[3] Во логорот и придружните логори се верува дека умреле вкупно 35.613[4], и тоа најголемиот дел од болести, глад и самоубиства. На почетокот на 1945. имало голема епидемија на тифус поради која тој бил и евакуиран, а голем број послаби затвореници починале.
Доцна попладнето на 29 април 1945, концентрациониот логор Дахау бил ослободен од 42. Дивизија на Американската армија со посредство на претставник од Црвениот крст. Во моментот во логорот се наоѓале околу 32.000 затвореници од кои голем број заболени од тифус, и околу 300 стражари припадници на СС.[5]
Заедно со многу поголемиот Аушвиц, Дахау станал симбол на нацистичките концентрациони логори. Тој бил еден од првите ослободени логори во 1945., кои му ја откриле на светот реалноста и бруталноста на нацистичкиот режим.[6]