Блез Паскал
From Wikipedia, the free encyclopedia
Блез Паскал (француски: Blaise Pascal; 19 јуни 1623 - 19 август 1662 ) — француски математичар, физичар, пронаоѓач, филозоф и писател католик. Бил чудо од дете и покажувал натпросечни способности. Го образувал неговиот татко кој бил собирач на данок во Руан. Со својата генијалност во раните години ги вчудовидeл и најголемите научници во тоа време. Дал значајни придонеси за конструкцијата на механичките пресметувачи и за науката за флуидите.
Блез Паскал Blaise Pascal | |
---|---|
Портрет на Блез Паскал | |
Роден(а) | Клермон Феран, Франција |
Починал(а) | Париз, Франција |
Период | Филозофија на XVII век |
Подрачје | Западна филозофија |
Школа | континентална филозофија, претходник на егзистенцијализмот |
Претежна дејност | Теологија, Математика |
Значајни идеи | Паскалова опклада Паскалов триаголник, Паскалов закон, Паскалова теорема |
Влијанија од
| |
Пред сè бил математичар. Помогнал да се создадат две нови полиња за истражување. На возраст од само шеснаесет години го напишал неговото прво дело за конусните пресеци со што се смета за еден од основоположниците на проективната геометрија. Заедно со Пјер д'Фермá од 1654 работел на полето на теоријата на веројатност, со што извршиле огромно влијание врз развојот на модерната економија и социјалните науки.
Како и неговиот современик Рене Декарт работел и во применетите науки. Често пишувал во одбрана на научниот метод и добил неколку контроверзни резултати. Во 1642 година, уште како тинејџер започнал со конструкција на математички пресметувачи (калкулатори). После три години напор и 50 прототипа[1] измислил механички калкулатор.[2][3] Тој направил 20 вакви машини (наречени Паскалини) во следните десет години.[4] Со тоа се смета како еден од првите двајца пронаоѓачи на механичките пресметувачи. Напишал многу студии за флуидите и ги разјаснил концептите за притисок и вакуум,обопштувајќи ја работата на Евангелиста Торичели.
Во 1646, заедно со сестра му Жаклина се приклучиле на едно верско движење во рамки на католицизмот познато како Јансенизам.[5] Татко му починал во 1651 год. После едно свое мистично искуство, при крајот на 1654 година, ги напуштил математиката и физиката и се посветил на пишување во областа на филозофијата и теологијата. Неговите две најпознати дела „Провинциски писма“ и „Мисли“ датираат од овој период. Првото е поставено насреде конфликтот помеѓу Јансенистите и Језуитите. Во второто се содржи опкладата на Паскал, во оригиналот „Дискусија за машината“, фидеистички пробабилистички аргумент за постоењето на Господ.
Таа година напишал и важен трактат за аритметичкиот (Паскаловиот) триаголник. Меѓу 1658 и 1659 година пишувал труд за циклоидата и нејзината примена во пресметувањето на волуменот на цврстите тела.
Во текот на целиот негов краток живот Паскал имал нежно здравје особено после неговата осумнаесетта година. Починал многу млад, само два месеца после неговиот 39-ти роденден.[6]