Бајерово означување
From Wikipedia, the free encyclopedia
Бајерово означување — систем на ознаки на поединечни ѕвезди грчка буква, проследени од латинско име на матичното соѕвездие во генитивен облик. Изворниот Бајеров список содржел 1.564 означени ѕвезди.
Германскиот астроном Јохан Бајер во 1603 им го дал првото научно име на највеќето посјајни ѕвезди во неговиот ѕвезден атлас „Уранометрија“ (во чест на Уранија, музата на астрономијата и Уран, богот на небото). Бајер на ѕвездите им доделил мали грчки букви како алфа (α), бета (β), гама (γ) итн. заедно со латинскиот назив на нивните матички соѕвездија во генитивен (посвоен) облик[1]. На пример, Алдебаран е означен како α Tauri, што значи „Алфа од Бик“.
Едно соѕвездие може да има педесет и повеќе ѕвезди, но грчката азбука има само 24 букви. Кога буквите се потрошиле, Бајер почнал да им доделува мали букви од латиницата, како на пр. s Carinae (s од Кобилица) и d Centauri (d од Кентаур). Кај соѕвездијата со многу голем број ѕвезди се јавил недостаток од букви, па затоа Бајер продолжил со големи латинични букви, како што се примерите G Scorpii (G од Скорпија) и N Velorum (N од Едро). Последната буква што ја употребил е Q.