Херодот
From Wikipedia, the free encyclopedia
Херодот од Халикарнас (484 п.н.е. - 425 п.н.е.) ― антички грчки историчар[1] кој се смета за татко на историјата.
Херодот | |
---|---|
Ἡρόδοτος | |
Римска копија (2 век) од грчка биста на Херодот од првата половина на 4ти век п.н.е | |
Роден(а) | ок. 484 BC Халикарнас, Персија |
Починал(а) | ок. 425 BC (околу 60) Турии, Голема Грција или Пела, Македонија |
Занимање | историчар |
Значајни дела | Историја |
Родители |
|
Роднини |
|
Според античките преданија, Херодот е роден во Халикарнас, грчка колонија на малоазиското крајбрежје. Бил во сродство со познатиот епски поет Панијасис, со кој и учествувал во буната против халикарнаскиот тиранин Лигамид. Поради тоа Херодот бил прогонет и морал да отиде со неговото семејство во прогонство на островот Самос. Тука веројатно останал подолго време, бидејќи добро го познавал островот и неговата историја. После симнувањето на Лигамид од власт, Херодот се вратил во родното место, но колку останал во неа не се знае најточно. Се претпоставува дека меѓу враќањето во Халикарнас и заминувањето во Туриј ги презел неговите познати големи патувања и дека останал во Атина која му станала и негов втор дом. Во Атина ги добил најважните податоци за своето дело за Грчко-персиските војни. Со политиката на Перикле ги освоил срцата на многу луѓе и во Атина се здобил со многу угледни пријатели. Пријателството со Перикле најверојатно било причина за Херодот да се придружи кон атинските колонисти кои во 444 ― 443 п.н.е на иницијатива на Перикле отишле во јужна Италија за на местото на разгорениот Сибарис да основат нов град кој го нарекле Туриј. Тука Херодот живеејќи во мир, се посветил во пишувањето на својата историја, преку која сакал да ја прослави Атина како спасителка на Грција и да ги истакне заслугите кои тој град ги стекнал во борбата за ослободување на цела Грција од персиска власт.
За времето на смртта на Херодот нема поточни податоци, па поради тоа тоа време приближно се одредува врз основа на податоци од неговото дело, каде можеме да видиме дека ја доживеал Пелопонеската војна (441 п.н.е.), но не знае за сицилијскиот пораз (415―413 п.н.е.). По тоа се заклучува дека умрел меѓу 430 и 424г. п.н.е. Како место на неговата смрт се споменуваат Атина, Туриј и Пела во Македонија, сепак најверојатно е дека починал во Туриј. Според Суда, Херодот бил погребан во македонска Пела и во агората во Туриј.[2]