![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/d/dd/Thomas_the_Slav_negotiates_with_the_Arabs.jpg/640px-Thomas_the_Slav_negotiates_with_the_Arabs.jpg&w=640&q=50)
Тома Славјанинот
From Wikipedia, the free encyclopedia
Тома Славјанинот е византиски војсководец од словенско потекло. Роден е во Мала Азија, во тогашната тема Арменијакон. Бил близок пријател со византискиот цар Лео V. Штом разбрал дека Михаил II го убил Лео V и си го обезбедил престолот, Тома одлучил да крене бунт. Бунтот започнал во Мала Азија, а подоцна се проширил и на целата територија на Византиското Царство. Историчарите сметаат дека поддршката што ја добил, била резултат на лошата социјална и економска состојба во државата. Тома се прогласил себеси за заштитник на сиромашните и затоа имал голем број приврзаници. Исто така, на негова страна се приклучиле скоро сите Словени од Мала Азија, како и Ерменците, Персијанците, Грузијците,Арапите и други народи кои биле во составот на Византија. Востанието имал и верски аспект, бидејќи востаниците биле противници на владејачките иконоборци. Со помош на Багдадскиот Калифат, Тома ја освоил власта речиси на цела територија на Мала Азија. Борбите се префрлиле и на европското подрачје на царството, па Тома во декември 821 година го опсадил Цариград, опсада која траела скоро цела година. Меѓутоа, неорганизираните востаници кои ги предводел Тома не успеале да ги пробијат градските ѕидини, и опсадата била прекината во пролетта 823 година, што се должи на несогласувањата во редовите на востаниците, но и на воената интервенција на бугарскиот хан Омуртаг. Тома после тоа, се повлекол во Аркадиопол, со многу помал број бунтовници. Од таму пружал отпор уште неколку месеци, за на крајот, да биде фатен и после свирепото мачење да биде убиен во октомври истата година.