Тектоника на плочите
From Wikipedia, the free encyclopedia
Тектониката на плочите е геолошка теорија која го објаснува поместувањето на Земјината кора од поголеми размери. Теоријата ја вклучува и воедно ја заменува постарата хипотеза за придвижување на континентите, која датира од првата половина на XX век. Концептот за ширење на морското дно (спрединг) е развиен во текот на 1960-тите. Надворешниот дел од Земјата се состои од два слоја: надворешен, кој се нарекува литосфера и ја опфаќа кората и крутиот горен дел од плаштот, додека под литосферата се наоѓа астеносферата. Иако е во крута состојба, астеносферата има релативно ниска вискозност, па затоа во временската геолошка скала може да се однесува и како течност. Под астеносферата се наоѓа покрутиот долен плашт, чија фазна состојба не е последица на ниските температури, туку на високиот притисок.
Литосферата е разделена на т.н. литосферни плочи (тектонски плочи). Постојат седум главни и неколку помали плочи. Литосферните плочи пловат на астеносферата. Постојат три типа на граници меѓу плочите: приближувачки (конвергентни) граници, разидувачки (дивергентни) граници и трансформни раседи. Земјотреси, вулканска активност, издигнување на планински ланци и обликување на океанските гребени се појави кои се забележуваат долж границите на плочите. Страничното поместување на плочите најчесто се одвива со брзина од 0,66 до 8,50 сантиметри годишно.