Статистички белези
From Wikipedia, the free encyclopedia
Единиците од кои е конструирана статистичката маса имаат определени својства (одлики) по кои меѓусебно се разликуваат. Овие одлики по кои се разликуваат единиците ги нарекуваме статистички белези.[1]
Во зависност од целта на истражувањето за секоја единица на статистичката маса можеме да прибереме податоци за еден или повеќе нејзини белези.
Статистичкиот белег може да биде јасно издеференциран во ограничен број на модалитети, а честопати бројот на модалитетите (можните варијанти) на белегот е неограничен.
Пример, белегот пол можеме да го изразуваме, поточно се јавува во два модалитета: машки и женски пол на белегот; белегот писменост: писмен и неписмен (жител); белегот вработеност: вработен и невработен (работник) и сл.
Од друга страна, некои белези можат да имаат мошне голем број на модалитети и секогаш не е можно докрај да ги разграничиме. Така, на пример, индустриските производи можат да се разграничат на голем број видови, а во зависност од критериумите на класифицирање ќе имаме поголем или помал број на модалитети, чие разграничување претпоставува определено поблиско дефинирање. Староста на населението или должината на работниот стаж на работниците можеме да ги земеме како белези со неограничен број на модалитети, при што за ограничени маси во конкретни подрачја и претпријатија имаме и конечни големини.