Старогрчка религија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Старогрчката религија вклучува религиозни верувања и практики на Старите Грци. Старогрчката религија не е иста како старогрчката митологија, која се занимава со традиционалните приказни, иако двете се тесно поврзани[1]. Интересно е дека во Стара Грција немало збор кој означува религија, односно вера. Најблиски поими кои се однесувале на верувањето биле "побожност", односно еусебеја (старогрчки: εὐ̓σέϐεια) и "култ", трескеја (старогрчки: θρησκεία)[2].
Старогрчката религија се однесува на збир од обреди и верски практики. Доминантните одлики на религијата се појавиле уште во архаjскиот период: политеизмот, боговите, антропоморфните форми надарени со атрибути и митологијата со нејзините јунаци.
Иако потеклото на верувањето може да се проследи до најоддалечените епохи, старогрчката религија во својата развиена форма траела повеќе од илјада години, од времето на Хомер (најверојатно во 9-ти или 8-от век п.н.е.) до времето на царот Јулијан (4 век од н.е.). Во текот на овој период нејзиното влијание се проширило на далечниот запад како Шпанија и низ целиот средоземен свет. Ефектот бил најзабележан кај Римјаните, кои ги идентификувале своите божества со оние на Грците[1]. Во христијанството, грчките јунаци, па дури и божества, преживеале како светци. Повторното откривање на старогрчката литература за време на ренесансата и, пред сѐ, класичната скулптура имале далекусежни ефекти врз христијанската верска уметност. Највпечатлива одлика на старогрчката религија било верувањето во мноштво антропоморфни божества под еден врховен бог. Сите божества тука постојат поврзани со другите во глобалниот систем на мноштвото други. Свештениците едноставно се грижеле за култовите. Тие не претставуваат свештенство и немало свети книги[1].
Секое божество може да се потпира на различни аспекти во зависност од местото, од култот и од функцијата што тоа ја исполнува. Овие моќни битија надарени со натприродни сили, можат да претставуваат мноштво аспекти. Епитетите што им биле давани укажуваат на нивната природа и нивното поле на делување. Постои, на пример, Зевс Уранос (односно, небесен, татко на сите богови), Зевс Полиеус (чувар на поредокот, на градот и на градските ѕидини), Зевс Хоркиос (гарант на спогодбите и пактите), Зевс Ктесиос (заштитник на куќата и на имот)[3], Зевс Херкеиос (чувар на трлото)[3], Зевс Ксениос (заштитник на гостите и странците), Зевс Катаибатес[4] (оној кој ги фрла молњите). Другите личности од грчкиот пантеон, исто така, го следат овој модел.
Религијата не била субјективно и лично верување на поединецот туку таа се однесува на заедницата па оттука и нејзините значајни влијанија во политичкиот живот. Впрочем, таа не се ограничувала на одредени сфери на секојдневниот живот туку ги засега сите аспекти на живот. Старите Грци воопшто не правеле разлика помеѓу светото и световното : секој момент од животот бил обележан со некаков помалку или повеќе формален обред или ритуал, молитва, верска практика. Главните ритуали на старогрчката религија се состоеле од молитви, принесување дарови, жртвување, јавни празнувања и игри. Овие ритуали не се исклучени едни со други, па така, дарувањето е придружено со молитва а жртвувањето може да биде главниот исход на јавната прослава.
Верувањата и обредите се структурирале во архајскиот период, во времето кога се родил обликот на политичко општествената организација, особено : градот (полисот), преку ширењето на пишаниот збор. Бидејќи терминот "религија" како таков, воопшто и не постои на старогрчки јазик, концептите кои ние ги користиме за да се опишат современите религиски феномени не одговараат на сфаќањата кои Старите Грци ги имале за божественото[5]. Во старогрчкото општество, религијата била целосно вградена во сите сегменти на постоењето (семејниот живот, јавниот и општествениот). Разликата меѓу световното и светото, границите помеѓу секуларното и верското, се толку неизвесни, што не се релевантни. Дејствувањата, однесувањата, церемониите, семејниот и општествениот живот како и политиката речиси секогаш содржат верски аспект.