Синоним (таксономија)
алтернативен нучен назив на еден таксон / From Wikipedia, the free encyclopedia
Синоним — научен назив што се однесува на таксон во научната номенклатура кој денес има поинакво име,[1] иако во зоологијата има малку поинаква улога.[2] На пример, Линеј ѝ го дал првото научно име на обичната смрча, кое гласело Pinus abies. Денес тој назив не е во употреба и претставува синоним за тековното име Picea abies.
Синонимите во научна смисла важат само за научните називи, а не и за народните. На пример, „поскок“ и „камењарка“ обете се однесуваат на Vipera ammodytes и не претставуваат научни синоними, туку едноставно разни народни (тривијални) имиња за едно исто животно.
За разлика од синонимите во други области, таксономскиот синоним не е истоветен на другото име, бидејќи во таксономијата тие не се еднакви и имаат поинаков статус. Секој таксон може да има само по едно име што важи за исправно (согласно номенклатурен правилник). Синонимот е најчесто врзан за поинаков пристап во класификацијата и со тоа, поинаква положба во системот.