Пупка (лат. gémma) во ботаниката означува зачеток на изданок; обично се образува кај растенијата во пазувите на листот (пазувна пупка), на крајот на изданокот (врвна или терминална пупка) или на возрасните органи (стебло, лист, корен; во овој случај не е поврзана ниту со врвовите на изданокот, ниту со нодиумите и не покажува јасна закономерност во својата местоположба) - адвентивна (дополнителна) пупка. Откога ќе се појави, пупката може и да не се доразвие одреден период и да се наоѓа во фаза на мирување (спиечка или дормантна пупка), или, пак, од неа да започне да се развива изданок. Вегетативните пупки, од кои се развиваат вегетативните изданоци, се состојат од зачеточно (ембрионално) стебло и зачеточни (ембрионални) листови. Генеративните пупки, од кои се развиваат цветови или соцветија, се состојат од зачетоци на соцветија и цветови.

Thumb
Класификација на растителните пупки
Thumb
Пупка на чинар
Thumb
Цветни и лисни пупки на нарцис

Пупките кај многу дрвенести растенија, особено во умерената или студена клима, се препокриени со видоизменети листови наречени лушпи. Ваквите пупки се познати како скриени или заштитени. Ако не постојат лушпи, ваквите пупки се нарекуваат голи или незаштитени.

Кај кактусите постојат посебни пупки - ареоли, а лушпите на пупките кај нив се видоизменети во игли. Понекогаш лушпите на пупките се препокриени со смолеста материја со цел подобра заштита. Кога пупката ќе се отвори, лушпите може да се зголемат, но почесто отпаѓаат, оставајќи на површината на стеблото ред од хоризонтално издолжени лузни. Врз основа на бројот на вакви лузни можно е делумно да се определи возраста на растението, бидејќи во текот на една сезона стеблото кое расте образува на својот крај само една пупка, по што се создава лузна. Со текот на времето ваквите лузни постепено исчезнуваат, така што определувањето на возраста со овој метод е отежнато.

Кај голата пупка слаборазвиените лисја често се препокриени со голем број на влакна. Голите пупки се присутни кај таквите грмушки, како Rhus и Viburnum, а исто така и кај тревестите растенија. Кај последните пупките најчесто се помали и се состојат од еднообразна маса на клетки во пазувите на листот.

Ако пупките се формираат во пазувите на листовите, нивниот распоред на стеблото е аналоген на распоредот на листовите: тие може да се расположени наспрамно, спротивно, спирално, а исто така и врвно на крајот од стеблото. Кај некои видови на растенија пупките можат да се појават на места каде вообичаено не се развиваат - ваквите пупки се нарекуваат дополнителни. На пример, кај дрвенестите растенија дополнителните пупки можат да се развијат на кореновиот систем, со што се добиваат изданоци чија основа е на коренот. Некои тревести растенија, како на пример, Cirsium setosum, ја преживуваат зимата благодарение на дополнителните пупки, бидејќи главното стебло изумира уште во првата година.

Ако во внатрешноста на пупката се наоѓаат зачетоци на цветови (еден или неколку), тогаш станува збор за цветна пупка. Цветните пупки се разликуваат од лисните, кои во себе кријат само зачетоци од обични листови, и од мешаните во кои, покрај листови, се наоѓаат и зачетоци на цветови.

Мајчинска пупка е пупка која се образува на изданоците кои растат или престанале со растење. Во мајчинските пупки се создаваат ќеркините. По отворањето на мајчината пупка од која се развива изданок, самите ќеркини пупки стануваат мајчински.

Литература

  • Н. Е. Булыгин, В. Т. Ярмишко Дендрология. — М.: изд-во Московского государственного университета леса, 2003. — стр 19. ISBN 5-8135-0048-0

Надворешни врски

Wikiwand in your browser!

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.

Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.