![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/3/30/University_of_Salamanca.jpg/640px-University_of_Salamanca.jpg&w=640&q=50)
Платерескен стил
From Wikipedia, the free encyclopedia
Платерескен стил (од шпански: plateresco со значење „кујунџиски“ ) — уметничко движење, поточно архитектонски стил, развиен во Шпанија и нејзините територии, кое се појавило во периодот помеѓу доцната готика и раната ренесанса кон крајот на XV век и се проширил во следните два века. Овој стил е модификација на готските просторни начела и е еклектична мешавина од стилови како Мудехар, заедно со примеси на ломбардски декоративни компоненти и ренесансни елементи од тосканско потекло.[1]
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/3/30/University_of_Salamanca.jpg/640px-University_of_Salamanca.jpg)
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/4/49/Hostal_dos_Reis_Cat%C3%B3licos._Praza_do_obradoiro._Santiago_de_Compostela.jpg/640px-Hostal_dos_Reis_Cat%C3%B3licos._Praza_do_obradoiro._Santiago_de_Compostela.jpg)
Примери за овој синкретизам се додавањето на штитови и шилести врвови на фасадите, столбови во ренесансно неокласичен стил и фасади поделени на три дела (во ренесансната архитектура се поделени на два). Својот врв овој стил го достигнал за време на владеењето на Карло V, Светиот римски цар,[2] и тоа особено во Саламанка, но исто така процветал и во други такви градови на Пиринејскиот полуостров како Леон и Бургос и на територијата на Нова Шпанија, денешно Мексико .[1]
Многу научници до скоро го сметале платерескот како вид на ренесансен стил. За некои други, тој претставувал стил сам по себе, а понекогаш бил карактеризиран и како проторенесанса .[3][4] Некои пак го нарекувале Првата ренесанса и одбивале да го сметаат за стил сам по себе, притоа разликувајќи го од не-шпанските а ренесансни дела.[5]
Стилот се одликува со декоративни фасади најчесто со цветни дизајни, лустери, фестони, фантастични суштества и слични конфигурации.[2] Просторната конфигурација од друга страна пак, е јасно инспирирана од готиката. Ваквото фокусирање на специфични делови и нивното меѓусебно растојание, без структурални промени на познатата готската шема, предизвикало овој стил да биде нарекуван еден вид варијација на ренесансниот стил.[6] Во Нова Шпанија, Платерескот се здобил со сопствена конфигурација, врзувајќи се за своето потекло од стилот Мудехар и мешајќи се со традициите на домородните американци кои живееле таму .
Во Шпанија, неговиот развој е најзабележителен во градот Саламанка, иако постојат примери во повеќе градови од различни региони на земјата.
Во 19 век со подемот на историзмот, платерескниот стил бил оживеан повторно под името Монтереј Стил .[7]