From Wikipedia, the free encyclopedia
Пингвините (науч. Spheniscidae) се група водни нелетачки птици од редот пингвиновидни (Sphenisciformes) кои живеат речиси исклучиво на јужната полутопка. Бројот на видови изнесува помеѓу 17 - 20, зависно од класификацијата. Спротивно на популарното уверување, само мал број видови живеат на Антарктикот. Повеќето видови, барем 10, живеат во потоплите предели, а еден вид е домашен на Галапагос, на Екваторот.
Пингвини Период: палеоцен-денес, | |
---|---|
Генту-пингвин, Pygoscelis papua | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Инфракласа: | Нововилични |
Ред: | Пингвиновидни Sharpe, 1891 |
Семејство: | Пингвини Bonaparte, 1831 |
Распространетост на пингвините (сите видови)
Aptenodytes |
Најголемиот вид е Царскиот пингвин - возрасните се високи околу 1,1 м и тешки и над 35 кг. Најмал е малиот син пингвин кој расте околу 40см и тежи околу 1кг. Некои преисториски видови растеле многу поголеми, приближно со димензии на возрасен човек и нивни фосили се најдени по целата јужна полутопкиа, сè до 2000 км јужно од Екваторот.
Повеќето пингвини се хранат со ракчиња, риби и лигни, како и со други форми на морски животни кои ги ловат додека нуркаат. Пингвините минуваат приближно половина од времето на суво, а половина во вода.
Пингвините се одлично приспособени на водниот живот. Крилјата им еволуирале во перки, неупотребливи за летање во воздух, но всушност пингвините нуркаат под вода како да летаат. Пловноста им е зголемена бидејќи задржуваат слој од воздух внатре во ситните пердуви кои им го покриваат телото. Овој слој од воздух им обезбедува и изолација во студените води. На суво, пингвините одржуваат исправена положба и рамнотежа со помош на крилјата и опашката.
Сите пингвини се двобојни, одзади црни, а однапред бели, што им обезбедува камуфлажа од водните грабливци. Додека пливаат, гледани одоздола, белата боја се претопува со одблесокот од површината, а одозгора црната боја се претопува со темното дно.
Пингвините нуркаат со брзина од 6-12 км/ч, но понекогаш можат да достигнат и до 27 км/ч. Малите пингвини не нуркаат многу длабоко, но големите можат да нурнат и до 500-600 м. Можат да останат под вода повеќе од 20 минути.
При движењето на суво, пингвините или се тетерават на двете нозе, или се лизгаат на стомакот. По потреба можат да скокнат на двете нозе.
Дебелиот слој од ситни пердуви ги изолира во вода и на суво. Можат и да го контролираат дотокот на крв во екстремитетите, со што ја регулираат загубата на топлина. На Антарктикот во суровите зими, забележано е дека пингвините се собираат во групи стиснати еден до друг, со што се штитат од суровиот студен ветер. Покрај тоа, постепено и си ги менуваат местата во групата, така што секој од нив дел од времето е и во средина и на крајот од групата.
Можат да пијат солена вода бидејќи имаат посебна супраорбитална (лат.„над очите“) жлезда која делува слично на бубрезите и ја филтрира солта од крвта.[1][2][3] Солта потоа се излачува како концентрирана течност низ носните канали.
Кога ќе се разделат од партнерот или од младенчето, пингвините се наоѓаат со довикување, дури и во многу големи јата.
Се чини дека пингвините немаат особен страв од луѓето и слободно им приоѓаат на истражувачите. Веројатно ова произлегува од фактот што пингвините немаат сувоземни природни непријатели, особено во пределите на Антарктикот. Најголем природен непријател на пингвините се леопард-фоките и други морски грабливци (ајкули, орка-китови итн.).
Некои видови пингвини живеат во семејство со еден партнер доживотно, други во текот на една сезона. Генерално може да се рече дека пингвините се сериски моногамни, односно исклучиво со еден партнер за определен период. Обично секоја година снесуваат по едно јајце, и двајцата родители се грижат за квачење на јајцето и за одледување на пилето. Родителите наизменично одат по храна во морето.
Кога мајките ќе го загубат пилето, се обидуваат да „украдат“ пиле од друга мајка, но обично не успеваат бидејќи другите мајки помагаат да се отера натрапничката. Кај некои видови, младите пингвини се собираат во големи групи.
Предците на современите пингвини живееле уште во времето на диносаурусите - пред околу 65 милиони години во областите на Нов Зеланд и Антарктикот. Најстариот фосил е ваиману манеринги кој живеел во раниот палеоцен на Нов Зеланд, или пред околу 62 милиони години. Иако не бил прилагоден на водната средина како денешниот пингвин, овој ваиману исто така не можел да лета, и крилата му биле трансформирани во перки[4].
Фосилите најдени во Перу стари 42 милиони години и во Аргентина околу 38-39 милиони години, укажуваат дека пра-пингвините до тогаш веќе биле раширени во Јужна Америка и кон Атлантикот[5]
Пингвините се многу популарни кај луѓето, пред сè поради нивниот исправен тетерав од и карактеристична боја и форма. Нивното бело-црно перје потсетува на свечен машки костум. Кај туристите се многу омилени бидејќи слободно им приоѓаат.
Пингвините се предмет на многу забавни и уметнички дела, како нпр. анимираниот филм Среќни стапала и документарниот филм Марш на пингвините.
Слободниот компјутерски оперативен систем „Линукс“ го има пингвниот Такс за свој заштитен знак.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.