![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/1/10/%25D0%259E%25D1%2580%25D0%25B0%25D1%259A%25D0%25B5_%25D0%25B2%25D0%25BE_%25D0%259F%25D1%2580%25D0%25B8%25D0%25BB%25D0%25B5%25D0%25BF%25D1%2581%25D0%25BA%25D0%25BE_%25281920%2529.png/640px-%25D0%259E%25D1%2580%25D0%25B0%25D1%259A%25D0%25B5_%25D0%25B2%25D0%25BE_%25D0%259F%25D1%2580%25D0%25B8%25D0%25BB%25D0%25B5%25D0%25BF%25D1%2581%25D0%25BA%25D0%25BE_%25281920%2529.png&w=640&q=50)
Орање
обработка на земјата / From Wikipedia, the free encyclopedia
Орање — земјоделска техника која подразбира обработување на плодна земја со рало, со плуг или со трактор со цел да се раситни земјата и да се подготви за сеење[1]. Во основа, орањето претставува прокопување и раситнување (разровкување) на почвата на одредена длабочина со земјоделски алатки како рало или плуг прикачени на добиток или сосвремена земјоделска механизација како трактор или мотокултиватор (во градинарството на мали површини и со мотика и копач), со што таа се подготвува за засевање со различни култури.
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/1/10/%D0%9E%D1%80%D0%B0%D1%9A%D0%B5_%D0%B2%D0%BE_%D0%9F%D1%80%D0%B8%D0%BB%D0%B5%D0%BF%D1%81%D0%BA%D0%BE_%281920%29.png/640px-%D0%9E%D1%80%D0%B0%D1%9A%D0%B5_%D0%B2%D0%BE_%D0%9F%D1%80%D0%B8%D0%BB%D0%B5%D0%BF%D1%81%D0%BA%D0%BE_%281920%29.png)
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/4/41/%D0%9E%D1%80%D0%B0%D1%9A%D0%B5_%D1%81%D0%BE_%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%BA%D1%82%D0%BE%D1%80_03.jpg/640px-%D0%9E%D1%80%D0%B0%D1%9A%D0%B5_%D1%81%D0%BE_%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%BA%D1%82%D0%BE%D1%80_03.jpg)
Обработката на почвата претставува една од најстарите агротехнички мерки применувани од страна на човекот со цел да се задоволат барањата на културните растенија и да се постигнат високи приноси[2]. Со обработката на почвата се врши нејзино разровкување на одредена длабочина, а потоа се врши продлабочување на ораничниот слој со што се создаваат услови за пристап на воздухот, водата, топлината, хранливите материи и др[2]. Исто така, со обработката на почвата се делува против плевелите и прекумерното испарување на влагата, што значи дека со орањето се подготвува почвата за нормален развиток на растенијата[2]. Значењето на обработката на почвата се состои во тоа што во неа се враќаат и поправаат добрите особини кои почвата ги изгубила во претходниот посев, а особено со збивањето, како и при различни врнежи и со газењето на разните земјоделски машини[2]. Со обработката на почвата особено се подобруваат физичките својства и биолошките процеси на почвата, со што се овозможува и поголемо создавање на хранливи материи за исхрана на растенијата[2]. За правилно орање потребно е да се обрне внимание на формирањето на слогот, на самото орање и на орањето на разорот.