Озонска обвивка
From Wikipedia, the free encyclopedia
Озонска обвивка — дел од атмосферата на височина од 19 до 48 км од Земјината површина, иако дебелината на слојот варира со годишните времиња и географски.[1] Според тоа каде се наоѓа озонот, тој може да го заштити или да му наштети на живиот свет. Најголем дел од озонот (над 91%) се наоѓа во озонската обвивка во стратосферата (обвивка на атмосферата меѓу 10 и 40 км над Земјата), каде делува како штит кој ја заштитува Земјината површина од штетното ултравиолетово зрачење[2]. Со слабеењето на оваа обвивка, луѓето и живиот свет би биле поизложени на УВ зрачења кои предизвикуваат рак на кожата, перде и имуни заболувања. Поблизу до Земјата во тропосферата (обвивка на атмосферата од површината до 10 км височина), озонот е штетен загадувач што предизвикува оштетувања на белодробното ткиво и на растенијата.
Количините на „добар“ - стратосферски и „лош“ - тропосферски озон зависат од балансот помеѓу процесите кои го создаваат и оние кои го уништуваат. Нерамнотежата на балансот може да има сериозни последици за животот на Земјата, бидејќи научниците добиваат докази дека се случуваат промени во нивоата на озонот, нивото на штетниот тропосферскиот озон се зголемува во воздухот кој го дишиме, а корисниот стратосферски озон се намалува во нашата заштитна озонска обвивка.