![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/f/fb/Blue_Wildebeest%252C_Ngorongoro.jpg/640px-Blue_Wildebeest%252C_Ngorongoro.jpg&w=640&q=50)
Обично гну
From Wikipedia, the free encyclopedia
Обично гну или сино гну (науч. Connochaetes taurinus) — вид голема антилопа од родот гну (Connochaetes) во семејството на шуплорогите (Bovidae), во блиско сродство со белоопашестото гну (C. gnou). Има пет подвида. Животното има широки рамена, силна мускулатура и крупна муцка, а предницата му е покрупна од задниот дел на телото. Младите се раѓаат кафеави, и почнуваат да ја менуваат бојата веќе од вториот месец. Возрасните единки по боја можат да бидат темносиви, синкаво сиви до светлосиви, па дури и сивкаво кафеави. Двата пола имаат големи криви рогови.
Обично гну Период: плеистоцен - денес | |
---|---|
![]() | |
Мажјак во Нгоронгоро, Танзанија | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Цицачи |
Ред: | Парнокопитни |
Семејство: | Шуплороги |
Потсемејство: | Краволики антилопи |
Род: | Гну |
Вид: | Обично гну |
Научен назив | |
Connochaetes taurinus (Burchell, 1823) | |
Подвидови | |
C. t. albojubatus (Thomas, 1912) | |
![]() | |
Распространетост на подвидовите: C. t. taurinus C. t. cooksoni C. t. johnstoni C. t. albojubatus C. t. mearnsi |
Ова е растителнојадно животно и се храни претежно со ниски треви. Живее во проретчени стада, бидејќи животното е брзо и многу претпазливо. Сезоната за парење почнува на почетокот на влажната сезона, а бременоста трае 8-8,5 месеци. Младото живее со мајката 8 месеци, а потоа оди во младинско стадо. Гнуата живеат на краткотревни рамници и савани со акации и честак во јужна и источна Африка, а особено сакаат подрачја кои не се ни премногу суви, ни премногу влажни. Секоја година, дел од источноафриканските единки одат на далечна преселба, усогласени со дождливите периоди и растот на тревата.
Обичното гну живее во Ангола, Боцвана, Кенија, Мозамбик, ЈАР, Свазиленд, Танзанија, Замбија и Зимбабве. Денес е исзчезнато од Малави, но успешно е повратено во Намибија. Јужната граница на живеалиштето му е реката Орање, додека пак западната е ограничена од езерото Викторија и планината Кенија. Ова е географски мошне застапено животно како во дивината, така и на поединечните фарми, ловишта и заштитени подрачја. Поради ова, Меѓународниот сојуз за заштита на природата (МСЗП/IUCN) му го има доделено статусот „најмала загриженост“ (LC). Неговата вкупна бројност се проценува на 1,5 милиони единки.