поголема историска област во северозападна Европа From Wikipedia, the free encyclopedia
Ниски Земји (холандски: de Lage Landen или de Nederlanden, француски: les Pays Bas, германски: die Niederlande) — крајбрежните низински краишта на северозападна Европа кои ги сочинуваат долните сливови на реките Рајна, Меза и Шелда. Во средновековието регионот бил поделен на повеќе полусамостојни кнежевства кои доста подоцна прераснале во денешните држави Белгија, Луксембург и Холандија, како и областа Француска Фландрија.[1][2]
Историски, подрачјата без излез на море се здружувале политички и стопански со приморските, образувајќи разни сојузи на пристаништа и задгрбнини,[3] протегајќи се во континентален правец сè до Рајнската област во Германија. Ова е причината што делови од Ниските Земји имаат ридести предели, како Луксембург и јужна Белгија. Во рамките на ЕУ, регионот и денес се нарекува Бенелукс (скратено од Белгија-Холандија-Луксембург).
Во римско време, преку ова подрачје се протегала воената краина на царството, како место на конктакт помеѓу Рим и германските племиња.[4] Со распадот на царството, Ниските Земји први развиле самостојни трговски патишта кои ја овозможиле преродбата на Европа во XII век. Во тој период, ова биле најгусто населените краишта на Западна Европа заедно со северна Италија. Највеќето градови биле под управа на еснафи и совети, на чие чело стоел владетел кој бил само фигура и подлежел на строги ограничувања. Сите овие краишта зависеле претежно од трговија, мануфактурно производство и поттикнувањето на слободниот проток на стоки и занаетчии.[5] Главни јазици на градскиот живот биле месните дијалекти на холандскиот и францускиот јазик.
Во политички поглед, регионот води потекло од времето на Каролиншкото Царство и бил опфатен во војводството Долна Лотарингија.[6][7] По распадот на ова војводство, Ниските Земји потпаднале под власта на разни велможи, за потоа да прејдат под бургундските војводи од династијата Валоа. Затоа, доста голем дел од регионот почнал да го носи името Бургундски Ниски Земји. Со крајот на бургундското владеење, голем дел од Ниските Земји влегле во владение на Хабсбурговците и станале Хабсбуршки Ниски Земји, кои до 1581 г. се нарекувале и Седумнаесет Покраини. Дури и по отцепувањето од автономната Холандска Република (Обединетите Покраини) на север, поимот „Ниски Земји“ продолжил да се однесува на целиот регион. Помеѓу 1815 и 1839 г. земјите се здружиле во едно Обединето Нискоземско Кралство, за на крајот да бидат поделени на трите денешни земји — Холандија, Белгија и Луксембург.
Ниските Земји влегувале во состав на римските провинции Белгиска Галија и Долна Германија, чие население се состоело од белгиски и германски племиња. Во IV и V век, во регионот навлегле франкиски племиња, кои подоцна наметнале своја власт. Меѓу нив преовладала династијата Меровинзи, кои извршиле прехристијанизација на јужниот дел (под Рајна).
Кон крајот на VIII век, Ниските Земји станале срцевина на мошне пораснатата Франкија, а на местото на Меровинзите дошла династијата Каролинзи.[8] Во 800 г. папата го крунисал Карло Велики за цар, со тоа возобновувајќи го Рим во облик на Светото Римско Царство.
По смртта на Карло Велики, тројцата негови внуци ја поделиле Франкија на три дела.[9] Средна Франкија му припаднала на Лотар I и го добила името Лотарингија или Лорена. Освен изворната крајбрежна Грофовија Фландрија, која била во Западна Франкија, остатокот од Ниските Земји биле во низинскиот дел на оваа „Долна Лотарингија“.
Со смртта на Лотар, краиштата станале јаболко на раздорот помеѓу Западна и Источна Франкија, кои пробувале да ги припојат кон себе. Така, Ниските Земји се состоеле од феудални лена, над кои власт имало или кралството Франција или Светото Римско Царство. Борбите помеѓу овие две сили продолжиле со векови, во кои секој владетел настојувал да се здобие со титулата Војвода на Лотир.[10]
Во текот на XIV и XV век, владетелите почнале да склучуваат бракови и со тоа да ги спојуваат одделните владенија. Овој процес го достигнал својот врв во династијата Валоа, која владеела со Војводството Бургундија. Под нивната власт, Ниските Земји доживеале голем процут како политичко и стопанско средиште на Северна Европа, познато по занаетите и луксузните стоки; на културен план се истакнале ранофламанските сликари, кои работеле во просперитетните градови како Бриге, Гент, Мехелен, Левен, Турне и Брисел — сите во денешна Белгија.
Во 1477 г. бургундските поседи прешле во рацете на династијата Хабсбурговци преку наследничката Марија Бургундска. Ниските Земји биле поделени на седумнаесет покраини, кои во 1549 г. се обединиле во една неделива територија согласно указот „Прагматичната санкција“ на царот Карло V.[11] Сепак, одделните покраини ги задржале своите обичаи, закони и управни уредувања.[12] Со ова, Карло се прогласил за „Господар на Ниските Земји“ (Heer der Nederlanden), титула која му припаѓала само нему и на неговиот син.
Со овој државнички потег, Карло од покраините направил една неделива целина и, по абдикацијата, во 1555 г. му ги предал на неговиот син, шпанскиот крал Филип II.[13]
Указот за обединување на Ниските Земји претставувал најсилниот чин на Хабсбурговците во нивната борба против партикуларизмот, но наишол на силен отпор и довел до Холандската побуна. Новонаметнатата политика предизвикала револт меѓу жителите на одделните покраини, кои ги доживувале своите краишта како посебни земји. Покрај тоа, царската власт создала нови епископии и наложила закони против кривоверство кои дополнително го зголемиле незадоволството меѓу народот.[14]
Како последица од побуната, во 1581 г. северните покраини прогласиле независност од Хабсбуршка Шпанија, создавајќи Република на Седумте Обединети Покраини. Останатите десет покраини на Јужните Ниски Земји останале под окупација на Фламанската армија во служба на Шпанија и затоа се нарекуваат Шпански Ниски Земји. Шпанската власт се задржала сè до склучувањето на Договорот од Утрехт (1713) по Војната за шпанското наследство, кога шпанските нискоземски владенија ѝ припаднале на Австрија и станале Австриски Ниски Земји.
Ниските Земји доживеале привремено единство во облик на Обединетото Нискоземско Кралство (1815–1830), за потоа да бидат поделени на денешните држави Холандија, Белгија и Луксембург.
На почетокот на Првата светска војна (1914) Централните сили навлегле во Луксембург и Белгија и воспоставиле воена окупација. Напредувањето на војската кон Франција било запрено, и завојуваните страни се нашле во безизлез кој траел целата војна. На крајот од војната инвазијата предизвикала 56.000 жртви.[15]
Втората светска војна во регионот започнала со одлуката на Вермахтот да ја заземе Франција. Ниските Земји претставувале лесен начин да се заобиколат огромните француски утврдувања наречени Мажинова линија. Германците решиле дека Ниските Земји мора да се заземат што побргу, со цел да се добие временска предност над Франција. Ова ѝ овозможуалое на германската војска да се справува со сојузничката закана од воздушно бомбардирање на важната област Рур.[16] но и појдовно место (северот на Франција) за поморските и воздушни походи на Британија.[17] Германија го зазела регионот за само две недели благодарение на тактиката блицкриг.
Белгија, Холандија и Луксембург биле под окупација од 1940 до 1945 г. и нивните влади пребегале во Британија. Во 1944 г. ја потпишале Лондонската царинска спогодба, удирајќи ги темелите на економската заедница на Бенелукс[18] — претходник на ЕЕЗ (подоцна ЕУ).[19]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.