Нинџа
From Wikipedia, the free encyclopedia
Нинџа (јапонски: 忍者) или шиноби (јапонски: 忍び) — таен агент или платеник во Феудална Јапонија, стручен за неконвенционални начини на војување. Задачите на нинџата биле шпионажа, саботажа, инфилтрација и атентати, како и отворена борба во одредени ситуации.[1] Нинџите користеле прикриени методи за водење војна, за разлика од самураите, кои имале строги правила за чест и борба.[2]
Во неговата книга Буке Мјомокушо, воениот историчар Ханава Хокиноичи го пишува следното за нинџите:
„ | Патуваа маскирани во други територии за да ја проценат положбата на непријателот и со измама му се приближуваат за да откријат празнини и влегуваат во замоци за да ги запалат, извршуваа атентати, пристигнувајќи во тајност.[3] | “ |
Потеклото на нинџите е нејасно и тешко да се утврди, но се претпоставува дека потекнуваат од околу XIV век.[4] Сепак, се смета дека претходниците на нинџите постоеле уште од хејанскиот[5] и раниот камакурански период[6]. Постојат малку пишани докази во кои детално се опишуваат активностите на нинџите. Зборот шиноби до XV век не се користел за да се опишат агенти слични на нинџите и е малку веројатно шпионите и платениците пред тоа време да биле сметани за специјализирана група. Во немирите во периодот Сенгоку (XV–XVII век), платеници и шпиони за изнајмување се појавиле во регионите Ига и Кога во Јапонија и заклучено е дека подоцнежното знаење за нинџите е добиено од овие кланови. По обединувањето на Јапонија под власта на шогунатот Токугава, нинџата повторно исчезнала во заборав.[7] Но, во XVII и XVIII век, прирачници како Бансеншукаи (1676), често насочени кон кинеската воена филозофија, се појавиле во значителен број.[8] Овие текстови открија асортиман на филозофии, религиозни верувања, нивната употреба во војувањето, како и техники за шпионирање што ги формираат основите на уметноста на нинџата. Зборот нинџуцу подоцна ги објаснувал големиот број на практики поврзани со нинџата.
Мистериозната природа на нинџата одамна ја привлекувала имагинацијата во Јапонија, а подоцна и во целиот свет. Нинџите играле значајна улога во фолклорот и легендите и како резултат, често било тешко да се разликува историски факт од мит. Како некои легендарни способности се вбројуваат невидливост, одење по вода и контрола над природните елементи. Нинџата е широко распространет во народната култура, појавувајќи се во многу форми на забавни медиуми.