руски тенисер From Wikipedia, the free encyclopedia
Николај Владимирович Давиденко (руски: Никола́й Влади́мирович Давыде́нко) — поранешен руски професионален тенисер. Негово највисоко место на АТП листата било 3. место кое го постигнал во ноември 2006. Давиденко четири пати играл полуфинале на Гренд слем турнирите: двапати на Отвореното првенство на Франција и двапати на Отвореното првенство на САД, и трипати бил поразен од Роџер Федерер.
Николај Давиденко на Отвореното првенство на Франција 2012 | |
Земја | Русија |
---|---|
Место на живеење | Волгоград, Русија |
Роден на | 2 јуни 1981 |
Роден во | Северодоњецк, ССР Украина, СССР |
Спорт | Тенис |
Висина | м | 1,78
Професионалец | 1999 |
Пензинониран(а) | 2014 |
Игра со | • десна рака • дворачен бекхенд |
Заработка | $16,186,480 |
Победи-порази | 482–329 |
Титули | 21 |
Највисок пласман | Бр. 3 (6 ноември 2006) |
Австралијан Опен | QF (2005, 2006, 2007, 2010) |
Ролан Гарос | SF (2005, 2007) |
Вимблдон | 4R (2007) |
УС Опен | SF (2006, 2007) |
Други турнири | |
Мастерс куп | W (2009) |
Олимписки игри | 2R (2008, 2012) |
Победи-порази | 61–67 |
Титули | 2 |
Највисок пласман | Бр. 31 (13 јуни 2005) |
Австралијан Опен | 2R (2005) |
Ролан Гарос | 3R (2005) |
Вимблдон | QF (2004) |
УС Опен | 2R (2004, 2005) |
Ажурирано на: 29 септември 2014. |
Негов најголем успех во кариерата е победата на АТП завршниот Мастерс во 2009. Во кариерата тој освоил вкупно 21 АТП титула, од кои 3 на Мастерс 1000 турнирите. Во средината на октомври 2014, Давиденко се повлекол од тенисот.[1] Давиденко е познат како единствениот играч кој има позитивен резултат против Рафаел Надал на најмалку 10 натпревари, со резултат од 6 победи и 5 порази против шпанецот.
Давиденко е роден на 2 јуни 1981 година во Северодоњецк, Украина, како син на Владимир и Татјана. Тој започнал да игра тенис на 7 годишна возраст а на 11 годишна возраст ги напуштил своите родители во Украина и заминал да живее со својот постар брат Едуард во Волгоград, Русија, верувајќи дека во Русија ќе има поголеми шанса да стане професионален тенисер. Давиденко добил руско државјанство во 1999 година, и од тогаш игра за Русија.
Неговите навивачи го нарекувале „Коља“, што е руски прекар за Николај. Исто така го нарекувале и „Човек од железо“, поради тоа што играл на повеќе турнири во годината од било кој друг тенисер, исто како и неговиот сонародник и поранешен првопласиран играч на АТП листата, Евгениј Кафелников. Тој исто така бил нарекуван „Машина“, поради неговиот агресивен, доследен стил на игра.
Давиденко се оженил со својата девојка Ирина на 25 ноември 2006 во Москва. Тие имаат една ќерка, Екатерина.
Давиденко започнал да игра тенис на седум годишна возраст со неговиот постар брат Едуард кој бил тениски тренер. Додека бил јуниор, тој и неговиот брат се преселиле во Залмтал, Германија за повеќе да напредува и да учествува на повеќе турнири.
Тој станал професионалец во 1999 година. Во 2000, тој главно играл на фјучерс турнири, на кои освоил една титула и играл уште три финалиња. Давиденко својот прв АТП настап го имал во Амстердам, каде стигнал до полуфиналето. Подоцна во август, тој ја освоил својата прва челинџер титула во Менхенгладбах.
Во 2001, Давиденко заиграл на својот прв Гренд слем во кариерата, на Отвореното првенство на Австралија, каде стигнал до второто коло во кое загубил од поранешниот светски бр. 1, Патрик Рафтер во четири сета. Подоцна во февруари, тој добил повреда на долниот дел на грбот на челинџерот во Далас и бил надвор од терените шест недели. По повредата, тој се вратил на терените победувајќи на челинџер турнирите во Улм и Истанбул. Тој ја завршил сезоната со четвртфинале на АТП турнирот во Базел.
Во 2002, Давиденко продолжил да игра на АТП и челинџер турнири. Тој имал солидна сезона со четвртфинални настапи на АТП турнирите во Баштад и Виена, и исто така ја освоил својата четврта челинџер титула, во Шчеќин. Тој настапил на сите четири Гренд слем турнири, и стигнал до второто коло на Отвореното првенство на Франција и Отвореното првенство на САД.
Давиденко направил огромен напредок на АТП турата во 2003. Тој ја започнал сезоната со својата прва АТП титула на турнирот во Аделаида, победувајќи го Кристоф Флиген во финалето. Неколку месеци подоцна, на турнирот во Есторил, на земја, тој ја освоил својата втора АТП титула, победувајќи го Агустин Калери. Тој стигнал до четвртфиналето на Отвореното првенство на Барселона, каде бил поразен од Карлос Моја и до финалето на турнирот во Санкт Пелтен, каде бил поразен од Енди Родик. Давиденко сезоната ја завршил на 44. место на АТП листата, за првпат во најдобрите 50 во кариерата.
Давиденко ја започнал променливо новата сезона и сè до април не успеал да врзе две победи во серија. Сепак во средината на април, тој стигнал до четвртфиналето на Мастерсот во Монте Карло, каде бил поразен од Карлос Моја. На патот до таму, тој забележал победи над Маријано Забалета, Алекс Кореча и Иван Љубичиќ редоследно. Тој продолжил со исто темпо и следната недела на турнирот во Минхен, каде успеал да ја освои својата трета титула во кариерата победувајќи го Мартин Веркерк во финалето. Подоцна во сезоната, тој стигнал до полуфиналето на Отвореното првенство на Штутгарт, каде бил поразен од Гуљелмо Кањас
Во август, на Летните олимписки игри 2004, Давиденко бил поразен во првото коло од Роџер Федерер во три сета. На Отвореното првенство на САД, Давиденко забележал победи над Марк Филипусис и Робин Седерлинг во првите две кола, но во третото коло загубил од Карол Бек. Кон крајот на сезоната, тој успеал да ја освои четвртата титула во кариерата, откако бил подобар од Грег Руседски во финалето на турнирот во Москва. Заедно со Игор Андреев, тој во Москва ја освоил и титулата во двојки. Давиденко сезоната ја завршил на 28. место со резултат од 33 победи и 29 порази.
Давиденко ја започнал новата сезона со полуфинале на Отвореното првенство на Катар, каде бил поразен од Роџер Федерер. Тој заиграл за првпат во Гренд слем четвртфинале, на Отвореното првенство на Австралија, но загубил од Енди Родик. На турнирот во Ротердам, Давиденко забележал победи над Фернандо Вердаско и Томаш Бердих во првите две кола, но во четвртфиналето повторно бил запрен од Федерер. Една недела подоцна, тој стигнал до четвртфиналето и на турнирот во Дубаи, но таму бил поразен од Андре Агаси.
Сезоната на земјена подлога, Давиденко ја започнал со пораз од Ришар Гаске во третото коло на Мастерсот во Монте Карло. Потоа тој стигнал до полуфиналето во Барселона, каде бил поразен од Хуан Карлос Фереро. Тој одиграл одлично на Мастерсот во Хамбург каде забележал неколку одлични победи и стигнал до полуфиналето во кое бил поразен од Роџер Федерер. Сепак следната недела, на турнирот во Санкт Пелтен, тој ја освоил петтата титула во кариерата победувајќи го во финалето домашниот фаворит, Јирген Мелцер. Најголемиот успех во сезоната, Давиденко го доживеал на Отвореното првенство на Франција, каде стигнал до полуфиналето, во кое загубил во пет тесни сета од Маријано Пуерта. На патот до таму, тој забележал победи над Томи Хас, Гуљелмо Корија (финалист во 2004) и Томи Робредо.
Давиденко го повторил успехот од минатата година и повторно стигнал до полуфиналето на Отвореното првенство на Штутгарт, каде овојпат бил поразен од Гастон Гаудио. Тој ја завршил сезоната со четвртфиналните настапи на Мастерс турнирите во Синсинати и Париз. По одличната сезона, тој се квалификувал за тенискиот Мастерс куп во Шангај за првпат во кариерата. Тој завршил прв во својата група забележувајќи победи над Андре Агаси, Гастон Гаудио и Маријано Пуерта, но во полуфиналето бил поразен од Давид Налбандијан. Тој годината ја завршил како најдобар руски тенисер на 5. место на АТП листата.
По неговото брзо искачување во најдобрите пет на АТП листата во 2005, Давиденко останал таму и во 2006 година. Тој повторно стигнал до четвртфиналето на Отвореното првенство на Австралија, каде бил поразен од Роџер Федерер во четири тесни сета, 4–6, 6–3, 6–7, 6–7.
Тој повторно имал солидна сезона на земјена подлога. Најпрво, тој стигнал до финалето во Есторил во кое загубил од Давид Налбандијан, а потоа до третото коло на Мастерсот во Рим каде бил запрен до Николас Алмагро. Тој забележал победи над Николас Масу, Андреас Сепи и Јарко Ниеминен редоследно и се пласирал во четвртфиналето на Мастерсот во Хамбург, каде бил поразен од Марио Анчиќ. Тој ја одбранил титулата во Санкт Пелтен и втора година по ред стигнал до четвртфиналето на Отвореното првенство на Франција, каде бил запрен од Давид Налбандијан. По воведните порази на трите турнири на трева, вклучувајќи го и Вимблдон, Давиденко ја повратил својата форма и стигнал до финалето во Баштад, каде загубил од Томи Робредо.
Тој ги продолжил одличните игри и ја освоил седмата титула во кариерата на турнирот во Сопот, победувајќи го Флоријан Мајер, а на само два дена пред Отвореното првенство на САД тој ја освоил и осмата титула во кариерата, победувајќи на турнирот во Њу Хејвен. Во њујорк, тој вторпат во кариерата заиграл Гренд слем полуфинале но загубил од Роџер Федерер. На патот до полуфиналето тој забележал победи над Николас Мау, Лукаш Кубот, Енди Мари и Томи Хас редоследно. Во средината на октомври, тој освоил нова титула на турнирот во Москва, победувајќи го Марат Сафин во финалето, а потоа за првпат во кариерата освоил АТП Мастерс 1000 титула, победувајќи го Доминик Хрбати во финалето на Мастерсот во Париз.
Тој по вторпат во кариерата заиграл на тенискиот Мастерс куп во Шангај, но не успеал да ја помине групата откако загубил од Џејмс Блејк и Рафаел Надал, а единствената победа ја забележал над Томи Робредо. Во декември, тој му помогнал на рускиот тим да победи во финалето на Дејвис купот против Аргентина. Давиденко годината ја завршил на 3. место на АТП листата.
Новата сезона Давиденко ја започнал со полуфинале на Отвореното првенство на Катар, каде бил поразен од Енди Мари. Тој третпат последователно стигнал до четвртфиналето на Отвореното првенство на Австралија и бил поразен во пет сета од Томи Хас. На турнирот во Ротердам, Давиденко го одиграл второто полуфинале во годината и повторно бил поразен, овојпат од Иван Љубичиќ.
Тој играл променливо на турнирите на земјена подлога, но конечно се вратил во форма и стигнал до полуфиналето на Мастерсот во Рим, каде загубил од Рафаел Надал во неверојатен натпревар со 6–7, 7–6, 4–6. Тој ја продолжил одличната форма и за вторпат во кариерата стигнал до полуфиналето на Отвореното првенство на Франција, во кое повторно загубил од Роџер Федерер со 5–7, 6–7, 6–7. На Вимблдон, тој го изненадил тенискиот свет со пласманот во четвртото коло на неговата најмалку омилена подлога.
Американската сезона на тврда подлога, Давиденко ја започнал со одлични настапи на Мастерс турнирите во Монтреал и Синсинати, каде стигнал до четвртфиналето и полуфиналето редолседно. Давиденко потоа вторпат последователно стигнал до полуфиналето на Отвореното првенство на САД каде бил поразен од Роџер Федерер со 5–7, 1–6, 5–7. До полуфиналето тој немал загубено ниту еден сет. Тој ја освоил единаесеттата титула во кариерата во Москва, победувајќи го Пол-Анри Матје во финалето.
Во ноември, тој третпат последователно се квалификувал за тенискиот Мастерс куп во Шангај. Во групната фаза, тој загубил од подоцнежниот победник Роџер Федерер со 2:0 во сетови и од Енди Родиик со 2:1 во сетови, а единствената победа ја забележал над Фернандо Гонсалес со 2:0 во сетови, со што завршил на третото место на табелата и не се пласирал во полуфиналето. Давиденко ја завршил сезоната на 4. место на АТП листата, трета година последователно во најдобрите пет.
Како и во 2007, Давиденко сезоната ја започнал на Отвореното првенство на Катар, каде повторно во полуфиналето бил поразен од Енди Мари. На Отвореното првенство на Австралија, тој бил четврти носител, и во првите три кола ги победил француските тенисери Микаел Лодра, Николас Мау и Марк Жикел редоследно. Сепак, во четвртото коло тој загубил од својот сонародник Михаил Јужни. На турнирот во Дубаи, тој во четвртфиналето му се реванширал на Енди Мари за поразот во Доха, но во полуфиналето загубил од Фелисијано Лопес во три сета.
Тој ја освоил својата втора мастерс титула, и вкупно дванаесетта во кариерата на Мастерсот во Мајами. Како четврти носител, тој во четвртфиналето забележал лесна победа над Јанко Типсаревиќ, а во полуфиналето ја остварил својата прва победа над Енди Родик. Во финалето тој го победил Рафаел Надал со 6–4, 6–2, со што за првпат во кариерата успеал да го победи шпанецот.
На првиот турнир на земјена подлога, во Есторил, тој стигнал до финалето во кое за противник го имал светскиот бр. 1 Роџер Федерер. Тој го загубил првиот сет во тајбрејк, а во вториот сет при резултат 2–1, тој го предал натпреварот поради повреда на левата нога. Потоа тој стигнал до полуфиналето на Мастерсот во Монте Карло, каде загубил од Рафаел Надал. До тринаесеттата титула во кариерата, Давиденко стигнал на турнирот во Порчах, победувајќи го Хуан Монако во три сета. Давиденко разочарал на Отвореното првенство на Франција, и во третото коло бил поразен од Иван Љубичиќ. Сепак тој брзо го заборавил поразот, и веќе на следниот турнир, во Варшава, успеал да освои нова титула, победувајќи го Томи Робредо во финалето.
На Летните олимписки игри 2008, Давиденко како четврти носител, во првото коло бил подобар од Ернест Гулбис, но во второто коло бил неочекувано поразен од Пол-Анри Матје. Една недела подоцна, на Отвореното првенство на САД, русинот не успеал третпат последователно да се пласира во полуфиналето, и во четвртото коло загубил од квалификантот Жил Милер. Давиденко бил прв носител и најголем фаворит за титулата на турнирот во Москва, кој претходно го освоил трипати, но во четвртфиналето тесно загубил од Марат Сафин.
Давиденко стигнал до полуфиналето на Мастерсот во Париз, победувајќи ги редоследно Иван Љубичиќ, Томаш Бердих и Рафаел Надал. Сепак, во полуфиналето тој загубил од Давид Налбандијан со 1–6, 7–5, 4–6. Тој четврти пат последователно се квалификувал за тенискиот Мастерс куп во Шангај. Во групната фаза, тој ги победил Жо-Вилфрид Цонга и Хуан Мартин дел Потро, а бил поразен од Новак Ѓоковиќ, со што завршил на второто место на табелата и се пласирал во полуфиналето. Таму тој го победил Енди Мари и за првпат во кариерата заиграл во финалето на овој турнир. Во финалето, тој за противник го имал Ѓоковиќ, од кого бил повторно поразен. Давиденко сезоната ја завршил на 5. место на АТП листата.
Давиденко за започнал годината со егзибициски турнир во Абу Даби, на кој игале шест тенисери од најдобрите 10. Тој го победил Енди Родик со 6–4, 6–4, а загубил од Рафаел Надал со 6–2, 6–3.
Негов прв официјален турнир бил турнирот во Ченај, Индија, каде тој бил прв носител. Тој го победил Даниел Келерер во првото коло, но бил приморан да го предаде мечот од второто коло против Лукаш Длоуги поради повреда на петата на левата нога. Поради оваа повреда, тој морал да го откаже учеството на Отвореното првенство на Австралија. Во Ротердам, тој бил трет носител, но загубил од Жулијен Бенето во второто коло. Тој ја обновил повредата која ја заработил на турнирот во Ченај и бил приморан да се откаже од мастерс турнирите во Мајами и Индијан Велс. Поради тоа, тој паднал на АТП листата од 5. на 9. место во првата недела на април.
Давиденко се вратил на терените по двомесечна пауза. На Мастерсот во Монте Карло, тој забележал победи над Иво Карловиќ и Давид Налбандијан, но во четвртфиналето бил поразен од Енди Мари. Потоа, во Барселона, тој остварил победи во три сета над Фелисијано Лопес и Радек Штепанек, но во полуфиналето бил запрен од Рафаел Надал. И покрај добриот резултат, тој излегол од најдобрите 10 на АТП листата првпат по 23 мај 2005 година.
Давиденко стигнал до своето второ полуфинале во годината на турнирот во Есторил со победите над Хуан Карлос Фереро во второто коло и Марди Фиш во четвртфиналето. Во полуфиналето тој бил запрен од Џејмс Блејк со 7–6, 6–7, 3–6. На Мастерсот во Мадрид, Давиденко стигнал до третото коло, каде поради повреда на нога го предал натпреварот против Енди Родик. Сепак, тој бил подготвен да игра на Отвореното првенство на Франција и стигнал до четвртфиналето забележувајќи победи над Станислас Вавринка и Фернандо Вердаско во претходните два натпревари. Во четвртфиналето тој бил поразен од Робин Седерлинг (кој во четвртото коло сензационално го победил Рафаел Надал).
На трева, Давиденко стигнал до третото коло на Вимблдон во кое за првпат загубил од Томаш Бердих со 2–6, 3–6, 2–6. По Вимблдон, тој настапил на турнирот во Штутгарт како втор носител, и стигнал до четвртфиналето во кое бил поразен од Фабио Фоњини. Потоа тој во наредните две недели освоил две нови титули: на Отвореното првенство на Германија го победил Пол-Анри Матје со 6–4, 6–2 и на Отвореното првенство на Хрватска бил подобар од Хуан Карлос Фереро со 6–3, 6–0, губејќи само еден сет во 10 натпревари. Тој ја продолжил својата победничка серија на 12 натпревари на Мастерсот во Монтреал, но во четвртфиналето бил запрен од Енди Мари. На Отвореното првенство на САД, тој стигнал до четвртото коло, но поради повреда на бутот на левата нога го предал натпреварот против Робин Седерлинг.
Тој ја освоил третата титула во годината на Отвореното првенство на Малезија победувајќи го Гаел Монфис во четвртфиналето, Робин Седерлинг во полуфиналето и Фернандо Вердаско во финалето со 6–4, 7–5. По победата во Малезија, тој заиграл на Отвореното првенство на Кина, и загубил од Марин Чилиќ со 4–6, 4–6 во четвртфиналето. Азиската турнеја, Давиденко ја завршил на Мастерсот во Шангаj, каде на патот до финалето забележал победи над носителите Фернандо Гонсалес, Радек Штепанек и Новак Ѓоковиќ. Во финалето, тој остварил изненадувачка победа над Рафаел Надал со 7–6, 6–3, со што ја освоил својата трета мастерс титула во кариерата.
На завршниот АТП Мастерс во Лондон, Давиденко победил на четири од пет натпревари. Тој го загубил првиот натпревар во групната фаза од Новак Ѓоковиќ со 6–3, 4–6, 5–7, но во второто коло забележал победа над Надал од 6–1, 7–6. Во последниот натпревар од групната фаза, Давиденко бил подобар од Робин Седерлинг со 7–6, 4–6, 6–3 со што обезбедил пласман во полуфиналето. Тој ја остварил својата прва победа над Роџер Федерер во 13 натпревари во полуфиналето со 6–2, 4–6, 7–5. Со победата, тој вторпат последователно се пласирал во финалето на турнирот. Таму, тој го победил Хуан Мартин дел Потро со 6–3, 6–4, со што станап првиот руски тенисер со титула на завршниот мастерс во годината.[2]
Давиденко завршил на 6. место на АТП листата, петти пат последователно во најдобрите 10.
Давиденко ја започнал годината на егзибицискиот турнир во Абу Даби, но бил поразен во првото коло од Давид Ферер. Една недела подоцна, на Отвореното првенство на Катар, Давиденко ги победил Роџер Федерер со 6–4, 6–4, во полуфиналето и Рафаел Надал со 0–6, 7–6, 6–4 во финалето со што ја освоил својата дваесетта АТП титула во кариерата.[3] На Отвореното првенство на Австралија, Давиденко во првите три натпревари победил без да загуби сет, а во четвртото коло бил подобар од Фернандо Вердаско во пет сета. Во четвртфиналето тој бил поразен од Федерер со 6–2, 3–6, 0–6, 5–7.
На следниот турнир, во Ротердам, Давиденко бил втор носител и до полуфиналето забележал лесни победи редоследно над Фелисијано Лопес, Маркос Багдатис и Јирген Мелцер. Во полуфиналето против Робин Седерлинг, тој се здобил со повреда на зглобot на левата рака, но го продолжил натпреварот кој на крајот го загубил со 6–7, 4–6. Следно, тој настапил на турнирот во Дубаи, и поради повредата на зглобот бил принуден да го предаде натпреварот во второто коло против Михаел Берер.
На Мастерсот во Индијан Велс, Давиденко бил слободен во првото коло а во второто коло забележал победа над Ернест Гулбис. Пред натпреварот од третото коло против Виктор Троицки, тој се предал без игра откако му била констатирана скршеница на зглобот.[4] Давиденко се вратил на терените на турнирот на трева во Хале,[5] откако претходно го пропуштил Отвореното првенство на Франција. На првиот натпревар по тримесечната пауза, тој го победил домашниот играч Симон Гројл со 7–6, 6–0. Тој играл и покрај советите на неговиот доктор кој инсистирал Давиденко да го пропушти турнирот.[6] Сепак, во второто коло тој загубил од Бенјамин Бекер со 3–6, 4–6.
Во првото коло на Вимблдон, Давиденко во рамноправен натпревар тесно го победил Кевин Андерсон во пет сета. но во второто коло загубил од Даниел Брандс. На следните неколку турнири, Давиденко не успеал да врзе две победи во серија, сè до Мастерсот во Синсинати, каде остварил победи над Роби Џинепри и Давид Ферер, а потоа во четвртфиналето загубил од Роџер Федерер со 4–6, 5–7. Следно, на Отвореното првенство на САД, тој бил подобар од Мајкл Расел во првото коло, но во второто коло бил поразен од Ришар Гаске.
До крајот на сезоната, Давиденко стигнал до четвртфиналето на турнирот во Монтпелје, во кое бил поразен од Алберт Монтањес, како и до четвртфиналето на турнирот во Валенсија, во кое бил поразен од Жил Симон. На последниот турнир во сезоната, на Мастерсот во Париз, тој ги победил Томаш Белучи и Томаш Бердих редоследно, но во четвртфиналето загубил од Микаел Лодра. Тој за првпат по 2005 година не успеал да се квалификува за завршниот мастерс во сезоната и годината ја завршил надвор од најдобрите 20 на АТП листата за првпат во последните пет и пол години.
Тој ја започнал сезоната на Отвореното првенство на Катар, каде забележал победа над Рафаел Надал во полуфиналето, но во финалето загубил од Роџер Федерер. На Отвореното првенство на Австралија, Давиденко разочарувачки бил поразен во првото коло од Флоријан Мајер во четири сета. Тој исто така доживеал порази во првите натпревари на турнирите во Ротердам и Марсеј од француските тенисери Микаел Лодра и Жил Симон редоследно. Тој му се реванширал на Мајер за поразот во Мелбурн, и го победил во финалето на турнирот во Минхен, со што ја освоил својата 21. титула во кариерата. Со оваа победа, тој се вратил во најдобрите 30 на АТП листата.
На мастерс турнирите во Мадрид и Рим, Давиденко бил поразен уште во првите натпревари од Марсел Гранољерс и Виктор Троицки редоследно, а лошата форма ја продолжил и на Отвореното првенство на Франција, каде бил поразен од 227. тенисер во светот, квалификантот Антонио Веиќ во пет сета. Тој исто така бил поразен во првото коло на Вимблдон од Бернард Томиќ. На подготвителниот период пред последиот Гренд слем во годината, Давиденко не заиграл подобро и не успеал да врзе две победи во серија на ниту еден турнир. На Отвореното првенство на САД, тој ги победил Иван Додиг и Потито Стараче во првите два натпревари, но во третото коло загубил од Новак Ѓоковиќ.
На турнирот во Москва, тој третпат во сезоната стигнал до полуфинале, но овојпат не успеал да се избори за финале и бил поразен од Јанко Типсаревиќ. Во ноември, Давиденко заиграл на турнирот во Валенсија, и стигнал до четвртфиналето во кое загубил од домашниот тенисер, Давид Ферер во два сета. Последен турнир за Давиденко во 2011 година бил Мастерсот во Париз, каде бил поразен од Андреас Сепи уште во првото коло. Тој годината ја завршил на 41. место на АТП листата.
Давиденко ја започнал сезоната со пораз од Роџер Федерер во првото коло на Отвореното првенство на Катар. Тој не успеал да ја забележи првата победа во сезоната на Отвореното првенство на Австралија и уште во првото коло загубил од Флавио Ципола во пет сета. Во февруари, тој стигнал до полуфиналето во Ротердам, во кое загубил од Федерер.
Сезоната на земја, Давиденко ја започнал на Мастерсот во Мадрид, каде во првото коло бил подобар од Иво Карловиќ, но во второто коло загубил од Рафаел Надал. Две недели подоцна, на турнирот во Ница, Давиденко забележал победа над Џон Изнер во четвртфиналето, но разочарал со поразот од квалификантот Брајан Бејкер во полуфиналето. На Отвореното првенство на Франција, тој загубил во првото коло од Андреас Сепи. На Вимблдон, Давиденко имал тешка задача бидејќи уште во првото коло бил извлечен да игра против Енди Мари, кој го добил натпреварот лесно со 1–6, 1–6, 4–6.[7]
Во јули, Давиденко настапил на тениското натпреварување на Летните олимписки игри 2012, во Лондон коe се одржалo на терените на кои се игра Вимблдон. Во првото коло тој победил против Радек Штепанек, но во второто коло бил поразен од Кеј Нишикори. Тој настапил и во двојки заедно со Михаил Јужни и тие во првото коло биле подобри од германскиот пар Филип Печнер и Кристогер Кас. Сепак во второто коло, тие загубиле од златните медалисти Боб и Мајк Брајан од САД со 7-6 (8-6), 7-6 (7-1).
На Отвореното првенство на САД, Давиденко во првото коло забележал победа над Гвидо Пеља, но во второто коло во пет сета бил поразен од Марди Фиш. Две недели подоцна, тој стигнал до полуфиналето на турнирот во Мец, во кое во три сета загубил од Жо-Вилфрид Цонга. Последен турнир за Давиденко во годината бил турнирот во Базел. Тој во првото коло го победил Станислас Вавринка, но во следното коло загубил од Пол-Анри Матје На крајот на годината, тој завршил на 44. место на АТП листата, три места пониско од минатата година.[8]
Давиденко ја започнал сезоната на Отвореното првенство на Катар, каде стигнал до финалето во кое бил поразен од Ришар Гаске. На патот до финалето, тој остварил победи над Симоне Болели во четвртфиналето и над светскиот бр. 5, Давид Ферер во полуфиналето. На Отвореното првенство на Австралија, тој бил поразен од Роџер Федерер во второто коло, откако претходно во првото коло забележал победа над Дуди Села. Еден месец подоцна, тој повторно бил поразен од Федерер, овојпат во четвртфиналето на турнирот во Дубаи.
Тој лошо ја одиграл сезоната на земја и на шест турнири успеал да забележи само две победи. На последниот турнир на земја, на Отвореното првенство на Франција, Давиденко во три сета редоследно ги победил Флорент Сера и Денис Истомин во првите два натпревари, но во третото коло во три сета загубил од Ришар Гаске.
Американската турнеја, Давиденко ја започнал на Мастерсот во Монтреал, каде врзал три победи но во четвртфиналето поради бронхитис го предал натпреварот против Вашек Поспишил.[9] Сепак, тој следната недела настапил на Мастерсот во Синсинати и загубил од Хуан Мартин дел Потро во второто коло, откако претходно во првото коло бил подобар од Беноа Пер. На Отвореното првенство на САД, Давиденко бил елиминиран во второто коло од Иван Додиг.
Тој годината ја завршил на 53. место на АТП листата.
Во 2014, Давиденко не успеал да врзе победи во серија. Тој загубил од Даниел Брандс во првото коло на Отвореното првенство на Катар, а на Отвореното првенство на Австралија бил поразен од Ришар Гаске во второто коло. На турнирот во Монпелје, тој во првото коло забележал победа над Жулијен Бенето, но во второто коло бил разочарувачки поразен од 248. тенисер во светот, Албано Оливети. На турнирите во Монпелје и Дубаи, тој двапати бил поразен од Жо-Вилфрид Цонга. На Мастерсот во Индијан Велс, Давиденко во првото коло забележал победа над Давид Гофан, но во второто коло бил поразен од Џон Изнер.
Давиденко ја започнал сезоната на земја со пораз во првото коло од Алберт Рамос на Отвореното првенство на Барселона. Во Минхен, тој повторно загубил во првото коло, овојпат од Федерико Делбонис. Првата и единствена победа во годината на земја, Давиденко ја постигнал на турнирот во Диселдорф над Дуди Села. По поразот од Робин Хасе во првото коло на Отвореното првенство на Франција, тој ја прескокнал сезоната на трева за да одлучи дали ќе се повлече или не. На 16 октомври, тој го објавил своето повлекување од тенисот на прес-конференција во Москва.[10]
Давиденко напаѓал од основната линија, со длабоки удари на двете страни. Неговите удари биле технички ефикасни и на форхенд и на бекхенд. Неговата огромна брзина и антиципација му овозможувале да го удира топчето рано со што ја диктирал играта и ги фаќал противниците надвор од позиција, слично како поранешниот светски бр. 1, Андре Агаси. Негов најдобар удар бил бекхендот кој го користел паралелно, дијагонално или при погаѓање на екстремни агли. Тој исто така е познат по неговите удари при трчање кои ги изведувал рано и често ги претворал во неодбранливи бодови. Неговиот сервис бил коректен и многу постојан, иако не бил многу силен.
Најголема слабост на Давиденко биле неговите волеј удари, и неговата повремена неспособност да заврши натпревар во своја полза. Неговите волеј удари иако биле едни од најдобро изведуваните, не биле постојани како неговите останати удари. Многу тениски аналитичари исто така го критикувале Давиденко за недостигот на варијација во неговата игра поради фактот што тој главно играл од основната линија со неговите постојани удари. Сепак тој почнал да ја менува својата игра со примена на слајсови и со почесто движење напред на мрежа. Поради неспособноста да ги завршува натпреварите, Давиденко често губел натпревари на кои водел. Тоа било очигледно на натпреварите против Џејмс Блејк и Рафаел Надал на АТП завршниот Мастерс во 2006[11] кога тој го освоил првиот сет и имал водство во вториот сет, а на крајот сепак загубил. На Отвореното првенство на Австралија во 2006, против Роџер Федерер, тој имал три сет топки за водство од 2–1 во сетови, но тој го загубил сетот а потоа и натпреварот.[12]
|
|
Исход | Бр. | Датум | Турнир | Подлога | Противник | Резултат |
---|---|---|---|---|---|---|
Победник | 1. | 5 јануари 2003 | Аделаида, Австралија | Тврда | Кристоф Флиген | 6–2, 7–6(7–3) |
Победник | 2. | 13 април 2003 | Есторил, Португалија | Земја | Агустин Калери | 6–4, 6–3 |
Финалист | 1. | 26 мај 2003 | Санкт Пелтен, Австрија | Земја | Енди Родик | 3–6, 2–6 |
Победник | 3. | 2 мај 2004 | Минхен, Германија (1) | Земја | Мартин Веркерк | 6–4, 7–5 |
Победник | 4. | 17 октомври 2004 | Москва, Русија (1) | Тепих | Грег Руседски | 3–6, 6–3, 7–5 |
Победник | 5. | 21 мај 2005 | Санкт Пелтен, Австрија | Земја | Јирген Мелцер | 6–3, 2–6, 6–4 |
Финалист | 2. | 8 мај 2006 | Есторил, Португалија | Земја | Давид Налбандијан | 3–6, 4–6 |
Победник | 6. | 27 мај 2006 | Порчах, Австрија (1) | Земја | Андреј Павел | 6–0, 6–3 |
Финалист | 3. | 17 јули 2006 | Баштад, Шведска | Земја | Томи Робредо | 2–6, 1–6 |
Победник | 7. | 6 август 2006 | Сопот, Полска | Земја | Флоријан Мајер | 7–6(8–6), 5–7, 6–4 |
Победник | 8. | 26 август 2006 | Њу Хејвен, САД | Тврда | Агустин Калери | 6–4, 6–3 |
Победник | 9. | 15 октомври 2006 | Москва, Русија (2) | Тепих | Марат Сафин | 6–4, 5–7, 6–4 |
Победник | 10. | 5 ноември 2006 | Париз, Франција | Тепих | Доминик Хрбати | 6–1, 6–2, 6–2 |
Победник | 11. | 14 октомври 2007 | Москва, Русија (3) | Тврда | Пол-Анри Матје | 7–5, 7–6(11–9) |
Победник | 12. | 6 април 2008 | Мајами, САД | Тврда | Рафаел Надал | 6–4, 6–2 |
Финалист | 4. | 20 април 2008 | Есторил, Португалија | Земја | Роџер Федерер | 6–7(5–7), 2–1, предадено |
Победник | 13. | 24 мај 2008 | Порчах, Австрија (2) | Земја | Хуан Монако | 6–2, 2–6, 6–2 |
Победник | 14. | 9 јуни 2008 | Варшава, Полска | Земја | Томи Робредо | 6–3, 6–3 |
Финалист | 5. | 16 ноември 2008 | АТП завршен Мастерс, Шангај, Кина | Тврда | Новак Ѓоковиќ | 1–6, 5–7 |
Победник | 15. | 26 јули 2009 | Хамбург, Германија | Земја | Пол-Анри Матје | 6–4, 6–2 |
Победник | 16. | 2 август 2009 | Умаг, Хрватска | Земја | Хуан Карлос Фереро | 6–3, 6–0 |
Победник | 17. | 3 октомври 2009 | Куала Лумпур, Малезија | Тврда | Фернандо Вердаско | 6–4, 7–5 |
Победник | 18. | `8 октомври 2009 | Шангај, Кина | Тврда | Рафаел Надал | 7–6(7–3), 6–3 |
Победник | 19. | 29 ноември 2009 | АТП завршен Мастерс, Лондон, ОК | Тврда | Хуан Мартин дел Потро | 6–3, 6–4 |
Победник | 20. | 9 јануари 2010 | Доха, Катар | Тврда | Рафаел Надал | 0–6, 7–6(10–8), 6–4 |
Финалист | 6. | 8 јануари 2011 | Доха, Катар | Тврда | Роџер Федерер | 3–6, 4–6 |
Победник | 21. | 1 мај 2011 | Минхен, Германија (2) | Земја | Флоријан Мајер | 6–3, 3–6, 6–1 |
Финалист | 7. | 5 јануари 2013 | Доха, Катар | Тврда | Ришар Гаске | 6–3, 6–7(4–7), 3–6 |
Легенда |
---|
АТП World Tour 250 Series (2–2) |
Исход | Бр. | Датум | Турнир | Подлога | Партнер | Противници | Резултат |
---|---|---|---|---|---|---|---|
Победник | 1. | 17 октомври 2004 | Москва, Русија | Тепих | Игор Андреев | Махеш Бупати Јонас Бјеркман |
3–6, 6–3, 6–4 |
Финалист | 1. | 17 октомври 2005 | Москва, Русија | Тепих | Игор Андреев | Макс Мирњи Михаил Јужни |
1–6, 1–6 |
Финалист | 2. | 9 јуни 2008 | Варшава, Полска | Земја | Јури Шукин | Мариуш Фурстенберг Марќин Матковски |
0–6, 6–3, [4–10] |
Победник | 2. | 9 февруари 2014 | Монпелје, Франција | Тврда | Денис Истомин | Марк Жикел Николас Мау |
6–4, 1–6, [10–7] |
Исход | Бр. | Натпреварување | Подлога | Партнери | Противници | Резултат |
---|---|---|---|---|---|---|
Победник | 1. | Дејвис Куп 2006, Москва, Русија | Тепих | Марат Сафин Михаил Јужни Дмитриј Турсунов |
Давид Налбандијан Хосе Акасусо Агустин Калери Хуан Игнасијо Чела |
3-2 |
Финалист | 1. | Дејвис Куп 2007, Портланд, САД | Тврда | Михаил Јужни Игор Андреев Дмитриј Турсунов |
Енди Родик Џејмс Блејк Боб Брајан Мајк Брајан |
1-4 |
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.