Повратно движење
поим во астрономијата / From Wikipedia, the free encyclopedia
Повратно движење (ретроградно движење) — орбитално или вртежно движење на едно тело во насока спротивна на вртењето на главно (средишно) тело. Ова може да опишува и други движења како прецесија или нутација на вртежната оска на едно тело. Напредното движење (проградно или директно движење) е повообичаено движење во иста насока како вртењето на главното тело. Меѓутоа, поимите можат да се однесуваат и на тела кои не се главни. Насоката на вртење се определува со инерцијален појдовен систем, како што се далечните неподвижни ѕвезди.
Во Сончевиот Систем, орбитите околу Сонце на сите планети и највеќето други тела, можеби освен кометите, се напредни, т.е. во иста насока како вртењето на Сонцето. Со исклучок на Венера и Уран, планетите исто така се вртат напредно. Највеќето месечини имаат напредни орбити околу нивните планети. Напредните месечини на Уран се вртат заедно со Уран, што е обратно од Сонцето. Речиси сите правилни месечини се плимно врзани и затоа се вртат напредно. Повратните месечини начелно се мали и оддалечени од нивните планети, со исклучок на Нептуновата месечина Тритон, која е голема и блиска. Се смета дека сите повратни месечини настанале одделно пред да бидат зафатени од нивните планети.
Највеќето нисконаклонети вештачки сателити на Земјата се ставени во напредна орбита бидејќи во таа ситуација е потребно помалку гориво за да ја достигнат орбитата.