Манга
From Wikipedia, the free encyclopedia
Манга (во канџи: 漫画; во хирагана: まんが; и во катакана: マンガ) — особен начин на цртање стрипови што е развиен во Јапонија во доцните години од XIX век.[1][2][3] Во нивниот современ облик, манга-стриповите датираат кратко по Втората светска војна,[4] но пред тоа тие имаат долга и сложена историја во раната јапонска уметност.[5][6][7]
Во Јапонија, луѓе од сите возрасти читаат манга-стрипови.[2] Овие стрипови можат да бидат во различни жанрови, како акција-авантура, романтика, спорт и игри, историја, комедија, научна фантастика, мистерија, ужаси, секс, па дури и бизнис.[2] Со својот почеток во 1950-тите, мангата сега е еден голем дел од јапонската издавачка индустрија,[4][8] заработувајќи 481 милијарда јени во Јапонија во 2006[9] (приближно 4,4 милијарди американски долари).[10] Покрај Јапонија, мангата е доста популарна и низ целиот свет.[11][12]
Во 2006, американскиот пазар од манга заработи 175−200 милиони долари.[13] Мангата традиционално е печатена во црно-бела техника,[14] иако постојат неколку манга-стрипови во боја.[15] Во Јапонија, мангата е произведувана во стрипови со големина на телефонски именик, кои често во себе содржат повеќе различни приказни што се продолжуваат во следното издание.[2][7] Ако некој манга-стрип постигне голема популарност, тој може да биде адаптиран во аниме (Анимирана серија чија тематика е инспирирана од некоја манга), по или дури неговото издавање,[16] иако понекогаш мангата е заснована на веќе постоечки играни или анимирани филмови[17] (на пр. Војна на ѕвездите).
„Манга“ како збор користен надвор од Јапонија се одзива конкретно на стриповите што изворно потекнуваат од Јапонија.[18] Како и да е, Манга-стрипови се произведуваат насекаде во светот, особено во Тајван („Manhua“), Јужна Кореја („Manhwa“),[19][20] и во Кина, особено во Хонгконг („Manhua“).[21] Во Франција, „la nouvelle manga“ развиле свој сопствен стил на цртање стрипови кој е под големо влијаније на јапонската манга.[22] Во САД, стриповите кои се под влијание на мангата, луѓето ги нарекуваат „Америманга“, „светска манга“, или „оригинална манга на англиски јазик“ (ОАЛ-Манга).[23]