Американски кошаркар From Wikipedia, the free encyclopedia
Леброн Рејмон Џејмс (англиски: LeBron Raymone James; р. 30 декември 1984 во Акрон) — американски кошаркар кој моментално настапува за екипата на Лос Анџелес Лејкерс од НБА лигата.
|
Често е споредуван со Мајкл Џордан, во контекст на титулата најдобар кошаркар на сите времиња.[1][2] Во своето наследство досега Џејмс освоил три НБА првенства, четири пати бил избран за Најкорисен играч во НБА, трипати за Најкорисен играч во НБА финалето, и освоил две олимписки злата со репрезентацијата на САД. Џејмс исто така се појавил на петнаесет НБА Ол-стар натпревари и бил прогласен за НБА Ол-стар МВП трипати. Тој бил најдобар стрелец во НБА за сезоната 2007-2008, а во моментов е водач по бројот на постигнати бодови во натпреварите од НБА плејофот, како и на четвртото место севкупно по бројот на постигнати бодови на сите времиња. Тој бил изгласан во Ол-НБА првиот тим дванаесет пати и пет пати во првиот одбранбен тим.
Џејмс играл кошарка за средното училиште Сент Винсент-Сент Мери во неговиот роден град Акрон, Охајо, каде бил силно прогонуван од националните медиуми како идна суперѕвезда во НБА. Без да се запише на колеџ, на возраст од само 18 години Џејмс се пријавил за НБА драфтот 2003 година, каде бил избран како прв пик од Кливленд Кавалирс. Откако во неговата дебитантска сезона 2003-2004, бил избран за НБА Руки на годината, тој наскоро се етаблирал како еден од најдобрите играчи во лигата; освојувајќи ја наградата за Најкорисен играч во НБА двапати едноподруго во 2009 и 2010 година. Откако не успеал да го освои НБА првенството со Кливленд, Џејмс заминал во 2010 година и потпишал договор како слободен агент со Мајами Хит. Овој потег бил објавен во ТВ специјал на американската телевизиска куќа ESPN насловен како Одлуката, и се смета за една од најконтроверзните одлуки на слободни агенти во американската спортска историја. Џејмс ги освоил своите први две НБА титули со Хит во 2012 и 2013 година; и во двете овие години, тој исто така бил избран за МВП и во лигата и во финалето. По неговата четврта сезона со Хит во 2014 година, Џејмс се одбрал да се откаже од својот договор со Мајами за да се врати назад и да потпише за Кавалирс. Во 2016, тој ги предводел Кавалирс до победата над Голден Стејт Вориорс во НБА финалето, носејќи и ја на франшизата првата НБА титула со што завршила 52-годишната суша на професионалните спортски екипи од Кливленд.
Џејмс е роден на 30 декември 1984 година во Акрон, Охајо, од тогаш 16-годишната мајка, Глорија Мари Џејмс.[3] Неговиот татко, Ентони Меклеланд, има огромно криминално досие и не бил вмешан во неговиот живот.[4] Додека Џејмс растел, животот честопати бил борба за неговото семејство, бидејќи се преселувале од стан во стан во населбите во Акрон, додека Глорија се борела да најде стабилна работа.[5] Сфаќајќи дека нејзиниот син ќе биде подобар во постабилна семејна средина, Глорија му дозволила да се пресели со семејството на Френк Вокер, локален фудбалски тренер за млади, кој го запознал Џејмс во кошарката кога тој имал девет години.[3]
Џејмс започнал да игра кошарка во петто одделение.[6] Подоцна тој играл за Североисточен Охајо Шутингстарс во склоп на аматерската атлетска унија (ААУ).[5] Тимот уживал успех на локално и национално ниво, предводени од Џејмс и неговите пријатели Сијан Котон, Дру Џојс III и Вили Мекги.[3] Групата се нарекувала „Фаб фор“ (на англиски Fab Four) и си ветиле едни на други дека заедно ќе се запишат во исто средно училиште.[3] Во еден потег што предизвикал локална полемика, тие избрале да присуствуваат на Сент Винсент-Сент Мери, приватно католичко училиште со претежно студенти од белата раса.[7]
Во својата фрешмен година на Сент Винсент-Сент Мери, Леброн имал во просек 21 бод и 6 скокови,[8] и со биланс од 27-0 му помогнал на тимот да ја освои државната титула во Дивизијата III како единствен средношколски тим од Охајо кој некогаш успеал да ја завршил сезоната не поразен.[9] Следната сезона тој ги подобрил својте бројки откако регистрирал во просек 25.2 бода, 7.2 скокови, 5.8 асистенции и 3.8 украдени топки по натпревар.[10] Неговото училиште ја одбранило титулата овојпат со само еден пораз и биланс од 26-1. Како резултат на неговите извонредни перформанси тој бил прогласен од државата за Охајо Мистер Баскетбол.
Во следната година тимот на неговото училиште ја загубил државната титула во Дивизијата II што го оставило Џејмс без шанси да се пријави на НБА драфтот 2002. Сепак, веќе следната година Сент Винсент-Сент Мери ја освоиле државната титула во Дивизијата II што била нивната трета државна титула во четири години, Џејмс бил најзаслужен за тоа со просек од 31.6 бода 9.6 скокови, 4.6 асистенции, и 3.4 украдени топки по натпревар.
Џејмс бил избран од клубот од неговиот роден град, Кливленд Кавалирс, како прв пик на НБА драфтот 2003.[11] Своето деби во НБА лигата го имал на 29 октомври 2003, во поразот на Кавалирс на гости од Сакраменто Кингс со 106-92.[12] Ниту еден друг руки не бил дочекан со толкво медиумско внимание како Леброн Џејмс, околу него постојано биле 10 камери така што тој практични не можел нормално да се загрева. Најпознатите спортски телевизиски куќи во САД како ESPN, ABC, TNT, сите по ред ги откупиле правата за преносот на натпреварот во кој требало да заигра Џејмс. Тој одиграл 42 минути за кој постигнал 25 бода, 9 асистенции, 6 скокови и 4 украдени топки.[12] Веќе во првиот натпревар поставил рекорд за најмногу постигнати бодви од земен средношколец на неговиот НБА деби-натпревар.[13] Веќе во вториот свој натпревар за сезоната, тој го забележал својот прв дабл-дабл во НБА кариерата со учинок од 21 бод и 12 скокови во поразот со 95-86 од Финикс Санс.[14]
На 29 ноември 2003, Џејмс постигнал највисоки за сезоната 33 бода и 16 скокови во поразот на домашен терен од Мемфис Гризлис со 115-122.[15] Околу две недели подоцна, на 13 декември, тој постигнал нов највисок резултат за сезоната уфрлајќи 37 бода во поразот на домашен терен од Бостон Селтикс со 98-105.[16] Сепак, највисокиот број на бодови во својата руки сезона го достигнал на 27 март 2004 година во победата со 107-104 над Њу Џерси Нетс, кога постигнал 41 бод.[17] Со тоа на возраст од 19 години и 87 дена тој станал најмладиот НБА кошаркар кој постигнал 40 бода или повеќе надминувајќи го рекордот на Клифорд Робинсон. Тие 41 бод биле и највисокиот број на бодови постигнати од некој руки играч во сезоната 2003-2004, споделен со Кармело Ентони од Денвер Нагетс.
На крајот на сезоната, тој станал првиот кавалир што ја добил наградата НБА Руки на годината,[18] со завршен просек од 20,9 бода, 5,5 скока и 5,9 асистенции по натпревар, тој исто така станал само третиот играч во историјата на лигата со просек од најмалку 20 бода, 5 скокови и 5 асистенции по натпревар како дебитант.[19] Тој исто така ги добил сите месечни награди за руки на месецот на истокот од октомври до април, и бил избран во Ол-Руки првиот тим. Кливленд ја завршил сезоната со скор 35–47, и не успеале да се пласираат во плејофот и покрај подобрениот резултат за цели 18 победи во однос на претходната сезона.[20]
Во сезоната 2004–2005 Џејмс за првпат бил избран да игра на НБА-ол-стар натпревар, придонесувајќи со 13 бода, 8 скокови и 6 асистенции во победата на истокот.[21] Во текот на сезоната Леброн срушил бројни рекорди. На 19 јануари 2005, во победата на гостувањето кај Портланд Трејлблејзерс тој забележал 27 бода, 11 скокови и 10 асистенции со што станал најмладиот играч во историјата на НБА лигата кој остварил трипл-дабл учинкок.[22] На 20 март 2005, тој постигнал највисоки дотогаш во кариерата 56 бода во поразот на гостувањето кај Торонто Репторс со 105-98, со што на возраст од 20 години и 80 дена станал најмладиот играч во историјата на НБА кој постигнал 50+ бода.[23] На крајот на сезоната тој имал просек од 27,2 бода, 7,4 скокови, 7,2 асистенции и 2,2 украдени топки по натпревар и бил избран во Ол НБА вториот тим. И покрај добриот скор од 30-20 на почеток на годината,[24] Кавалирс повторно не успеале да се квалификуваат за плејофот, завршувајќи ја сезоната со позитивен скор 42-40.[25]
Во сезоната 2005-2006, Леброн вторпат по ред бил избран да игра на Ол-стар натпреварот и во него тој го предводел истокот до победа со 122-120 уфрлувајќи 29 бода, 6 скокови и 2 асистенции. Така тој станал најмладиот најкорисен играч на Ол-стар натпреварот со 21 година и 57 дена.[26] Во текот на сезоната тој трипати по ред бил избран за играч на неделата, а на крајот собрал пет такви награди. Исто така во периодот од 22 март до 8 април 2006 година, во девет натпревари по ред постигнувал најмалку 35 бода, и така им се придружил на Мајкл Џордан и на Коби Брајант како единствени пред него на кои им успеало ова. На крајот од регуларниот дел од сезоната Џејмс имал просек од 31,4 бода, 7 скокови и 6,6 асистенции по натпревар, па така станал најмладиот играч во историјата на лигата кој на крајот од една сезона имал просек од преку 30 бода по натпревар. Џејмс бил близу да биде избран за најкорисен играч на сезоната, но сепак на крајот завршил како втор во изборот зад Стив Неш[27]. Предводен од Џејмс Кавалирс успеале да се пласираат во плејофот за првпат од 1998 година. Своето деби во плејофот Леброн го имал во првиот натпревар од серијата против Вашингтон Визардс, во кој остварил трипл-дабл (32 бода, 11 скокови и 11 асистенции) со кој им помогнал на Кавалирс да победат со 97-86.[28] Со тоа им се придружил на Џони Мекарти и Меџик Џонсон како единствени играчи кој оствариле трипл-дабл на своето деби во плејофот. Во третиот натпревар од серијата против Визардс, тој го погодил својот прв шут за победа во кариерата, притоа реализирајќи уште еден таков во петтиот натпревар од серијата.[29] Кавалирс на крајот успеале да ги минат Визардс во 6 натпрвевари, но загубиле во вториот круг од Детроит Пистонс во седум натпревари.[30] Во плејофот 2006 Леброн имал просек од 30,8 бода, 8,1 скокови и 5,8 асистенции.
Во сезоната 2006-2007, просекот на Џејмс паднал на 27,3 бода, 6,7 скока, 6 асистенции и 1,6 украдени топки по натпревар.[10] Некои аналитичари падот во формата го припишале како резултат на регресија во неговите додавачки способности и послабата селекција на шутеви, што произлегло од недостатокот на напор и фокус.[31] Кавалирс ја завршиле сезоната со 50 победи и како втори носители на истокот за втора година по ред се пласирале во плејофот.[32] Во првата рунда на плејофот Кавалирс лесно ги елиминирале Вашингтон Визардс во четири натпревари, а потоа во втората рунда Леброн со просек од 25 бода, 7,2 скокови и 8,6 асистенции го предводел својот тим до победа од 4-2 во серијата против Њу Џерси Нетс. Така Кавалирс се пласирале во своето прво финале на источната конференција после 15 години. Во финалето на источната конференција, Кавалирс предводени од фантастичниот Леброн успеале да го надокнадат заостатокот од две победи зад Пистонс, и на крајот да ја добијат серијата во шест натпревари (4-2). Во петтиот натпревар од серијата Леброн имал неверојатна ноќ. Тој постигнал 48 бода, 9 скокови и 7 асистенции, постигнувајќи притоа 29 од последните 30 бода на Кливленд, вклучувајќи ги и 25-те во двојното продолжение како и победничкиот лејап на две секунди до крајот.[33] После натпреварот, спортскиот коментатор Марв Алберт ја нарекол претставата на Леброн „еден од најголемите моменти во историјата на плејофот“, додека поранешниот НБА играч Стив Кер го опишал настапот како „во стил на Џордан“. Во НБА финалето, Кливленд се сретнале со Сан Антонио Спарс, кои успеале добро да го "затворат" Леброн фокусирајќи ја целата одбрана на него така што тој имал просек во серијата од 22 бода, 7 скокови и 6,8 асистенции. Така Спарси победиле со максимални 4-0.
Во месец февруари од сезоната 2007-2008, Џејмс бил прогласен за МВП на Ол-стар натпреварот по вторпат во својата кариера откако имал учинок од 27 бода, 8 скокови и 9 асистенции.[34] На 21 март во натпреварот против Торонто Репторс, тој го надминал Бред Догерти како водечки стрелец на Кавалирс на сите времиња, правејќи го тоа со помалку од преку 100 натпревари изиграни за клубот од Догерти.[35] Неговите 30 бода по натпревар исто така биле највисок просек во лигата, со што тој ја одбележал својата прва титула како најдобар стрелец во лигата.[36] Сепак, и покрај неговите поединечни достигнувања, скорот на Кливленд бил послаб во споредба со претходната сезона. Со 45-37 тие сепак се пласирале во плејофот, но тек како четврти носители на истокот.[37] Во првата рунда на плејофот Кавси трета година по ред ги елиминирале Вашингтон Визардс, пред во конференциското полуфинале да бидат сопрени од подоцнежниот шампион Бостон Селтикс во седум натпревари.[38] За време на решавачкиот седми натпревар од серијата против Селтикс одигран во Бостон, Џејмс постигнал 45 бода додека Селтикси ги предводел Пол Пирс кој постигнал 41. Натпреварот во медиумите бил опишан како „престрелка“.[39]
На 23 јануари 2009, Леброн погодил шут со звукот на сирената за да му донесе победа на Кливленд над Голден Стејт Вориорс со 106-105. На 4 февруари 2009, Џејмс забележал 52 бода, 9 скока и 11 асистенции. После натпреварот му бил впишан трипл-дабл, но подоцна НБА лигата му избришала од статистиката еден скок, и на тој начин му поништиле трипл-дабл со 50 бода кој би бил прв таков уште од оној на Карим Абдул-Џабар во 1975 година.[40][41] На Ол-стар натпреварот Џејмс бил најдобар стрелец на истокот со 20 бода, но тие биле убедливо поразени од западот со 146-119. На крајот на сезоната 2008-2009, Џејмс завршил на второто место во изборот за НБА Одбранбен играч на годината и за првпат бил избран во НБА одбранбениот тим,[42] забележувајќи највисоки во кариерата 93 блокади. На крајот на сезоната, тој исто така бил водач во својот тим речиси во сите најважни статистички категории: бодови, скокови, асистенции, украдени топки и блокади.[43] Како резултат на неговата феноменална игра која била потпомогната и од страна на новото засилување "Ол-стар бекот" Мо Вилијамс, Кливленд стигнал до рекорд на франшизата со скор 66–16 и само за еден натпревар не успеале да го израмнат најдобриот домашен рекорд во историјата на лигата.[44] Со завршен просек од 28,4 бода, 7,6 скока, 7,2 асистенции, 1,7 украдени топки и 1,2 блокади по натпревар, Џејмс станал првиот играч на Кавалирс кој ја освоил наградата МВП.[45]
Во плејофот, Кливленд ги минал со популарната "метла" Детроит Пистонс и Атланта Хокс во првите две рунди за да стигне до двобојот со Орландо Меџик во финалето на конференцијата.[46] Во првиот натпревар од серијата Џејмс постигнал 49 бода во поразот на Кливленд, а во вториот натпревар тој го постигнал победничкиот кош за израмнување на 1-1. Сепак Кавалирс ја загубиле серијата со 4-2.
Во февруари од сезоната 2009–2010, Џејмс бил присилен привремено да игра како плејмејкер поради големиот број на повредени бекови на Кавалирс.[47] Под неговото водство, Кливленд не го загубил моментумот, завршувајќи ја годината со најдобриот скор во лигата за втора сезона по ред.[48] Како резултат на делумно зголемените минути на паркетот како и на фактот што како плејмејкер почесто бил во контакт со топката, Џејмс го зголемил своето статистичко производство, во просек на 29,7 бода, 7,3 скока, 8,6 асистенции, 1,6 украдени топки и 1 блокада по натпревар со 50 проценти шут од игра што му донело уште една награда МВП, втора во кариерата.[49] На отворањето на плејофот, Кавалирс ги совладале Чикаго Булс за да изборат двобој против Бостон Селтикс во вториот круг.[50] Џејмс бил сериозно критикуван за тоа што не играл добро во натпреварот број 5 од серијата, шутирајќи со прецизност од само 20 проценти постигнувајќи само 15 бода од 14 шутеви.[51] Тимот го претрпел својот најголем пораз во историјата на франшизата.[52] Кавалирс официјално бил елиминиран од шесстиот натпревар, иако Џејмс имал учинок од 27 бода, 19 скокови, 10 асистенции и 9 изгубени топки.
Џејмс станал неограничен слободен агент во јули 2010 и одлучил во директен пренос на телевизијата ЕСПН да соопшти каде ќе ја продолжи својата кариера.[53] За тоа време, тој бил контактиран од неколку тимови, вклучувајќи ги Чикаго Булс, Лос Анџелес Клиперс, Мајами Хит, Њујорк Никс, Њу Џерси Нетс, и Кавалирс.[54] На 8 јули, во емисијата насловена како Одлуката во директен пренос на ЕСПН, Џејмс објавил дека ќе потпише за Мајами Хит.[55] Само ден подоцна, Крис Бош и Двејн Вејд кој исто така во текот на летото биле слободни агенти објавиле дека потпишале за Мајами. Сепак, најголема улога во доведувањето на Џејмс на Флорида одиграл претседателот на Хит Пет Рајли со идејата тој да игра со Бош и Вејд, која го привлекла Леброн.[56] Џејмс сметал дека играњето со овие двајца ќе го ослободи од товарот за постигнување бодови, и верувал дека може да биде првиот играч по Оскар Робертсон кој ќе заврши една сезона со трипл-дабл во просек.
Џејмс официјално потпишал со Хит на 10 јули 2010 година.[57] Со овој потег, тој станал само третиот актуелен МВП играч кој го сменил тимот и првиот по Моузес Малоун во сезоната 1981-1982.[58] Таа вечер, Хит организирале забава за добредојде во чест на нивната нова „голема тројка“ на Американ Ерлајнс Арена, настан што се случил во рок концертна атмосфера.[59]
И покрај тоа што Мајами биле доста засилени и влегле како први фаворити за титулата освојувањето на истата не било ни малку едноставна работа за тимот. Евидентен бил вишокот на бодови но системот допрва требало да се изгради. Во текот на сезоната 2010–2011, медиумите и противничките навивачи се однесувале кон Џејмс и Хит како негативци.[60] На почетокот на сезоната, тие се бореле да се прилагодат на овие новонастанити околности, стигајќи само до 9–8 по 17 одиграни натпревари.[61] Џејмс подоцна признал дека постојаната негативност околу тимот го натерала да игра посилно и со поголема лутина отколку во изминатите години.[60] На 2 декември, Џејмс се соочил со Кавалирс во Кливленд за првпат откако заминал како слободен агент.[62] Тој постигнал 38 бода и го предводел Мајами до победа иако во исто време бил исвиркан секој пат кога ќе ја допрел топката.[63] Сепак, постепено големата тројка Џејмс, Вејд, Бош полека успеала да воспостави хемија помеѓу себе и Хит на крајот ја завршиле сезоната како втори носители на Истокот,[64] а Џејмс имал во просек 26,7 бода, 7,5 скокови и 7 асистенции по натпревар со 51 процент шут од игра.
Во полуфиналето на источната конференција, Џејмс макар и со нов клуб повторно се сретнал со Бостон Селтикс за втора година по ред.[65] Во натпреварот број 5, тој ги постигнал последните десет бода на Мајами за да помогне да се запечати победата во серијата.[66] По последната сирена, тој славно легнал на теренот во еден емотивен момент, подоцна кажувајќи им на новинарите дека тоа е исклучително лична победа за него и за тимот.[67] Хит на крајот усепале да стигнат до натпреварот за титулата, НБА финалето, каде биле поразени од Далас Маверикс во шест натпревари.[65] Џејмс одново се нашол на мета на критика за поразот, откако имал само три бода во просек во последната четвртина на натпреварите во финалната серија.[68] Неговиот просек во финалето од 17,8 бода по натпревар означува пад од 8,9 бода од просекот кој го бележел во регуларната сезона, што е најголем пад на бодовите во историјата на лигата.[69]
Поразот од Маверикс во финалето Џејмс не го примил добро и решил да преземе мерки за подобрување на својата игра. Една од нив била позиционирањето во играта со кое не бил задоволен, па затоа поединечно работел со Хаким Олајџувон за време на офсезоната.[61] Со значително проширените вештини на Џејмс,[70] Мајами ја започнале сезоната со најдобар рекорд во историјата на франшизата 18–6.[71] Тој на крајот бил прогласен за МВП по третпат во кариерата, завршувајќи со просек од 27,1 бод, 7,9 скока, 6,2 асистенции и 1,9 украдени топки по натпревар со 53 проценти шут од игра.
Во конференциското полуфинале на плејофот, Мајами привремено го загубиле Крис Бош поради абдоминална повреда и се нашле во заостаток зад Индијана Пејсерс со 2-1.[73] Во четвртиот натпревар Џејмс одговорил со 40 бода, 18 скокови и 9 асистенции помагајќи серијата да биде изедначена на 2-2.[74] Во петтиот уфрлил 30 бода со што Мајами со уште една победа го презеле водство а потоа конечно и ги елиминирале Пејсерс со 4-2 за пласман во конференциското финале. За да го надоместат отсуството на Бош, Хит се префрлиле на игра со пониска петорка со Џејмс како крилен центар, која ја задржале и подоцна дури и по враќањето на Бош во конференциското финале против Бостон Селтикс.[75][76] Соочувајќи се со елиминацијата во натпреварот бр. 6, Џејмс забележал неверојатни 45 бода и 15 скокови за да го доведе Хит до победа и до мајсторка во настап што The New York Times го нарекол „перформанси што ја дефинираат кариерата“.[77] Мајами го добиле и натпреварот бр. 7 за да минат во ново НБА финале, каде овојпат ги чекала екипата на Оклахома Сити Тандер и големиот соперник на Џејмс, Кевин Дјурант.[78] По првите три натпревари Хит воделе со 2-1, а Џејмс уфрлал по 30, 32 и 29 бода. Доцна во четвртиот натпревар од серијата, Џејмс погодил тројка за да му донесе водство на Хит, помагајќи им да ја добијат играта и покрај тоа што го немало некое време на паркетот поради грчеви во нозете.[79] Во натпреварот бр. 5, тој забележал трипл-дабл (26 бода, 11 скокови и 13 асистенции) кога Мајами ги совладале Оклахома Сити по четврти пат во серијата за да стигнат до нивната втора НБА титула во историјата на франшизата и првиот шампионски прстен за Џејмс во кариерата.[80] Џејмс бил едногласно изгласан за Најкорисен играч на НБА финалето со просек од 28,6 бода, 10,2 скока и 7,4 асистенции по натпревар.[81] Неговиот просек во плејофот изнесувал 30,3 бода, 9,7 скока и 5,6 асистенции по натпревар, и подоцна бил рангиран на второто место во модерната НБА историја од страна на ЕСПН.[82]
Во текот на следната сезона 2012-2013, со постигнатите 25 бода, 10 асистенции и 7 скокови во натпреварот против Голден Стејт Вориорс, Џејмс станал најмладиот играч во историјата на НБА кој постигнал 20.000 бода и 5.000 асистенции. Со тоа тој станал тринаесеттиот кошаркар на лигата кој остварил 20.000 бода и 5.000 асистенции.[83] Во февруари 2013, неговиот просек изнесувал 29,7 бода и 7,8 асистенции по натпревар, додека во текот на истиот месец, Хит ја започнале својата серија од 27 победи по ред, што е третата најдолга серија во историјата на НБА.[84] Мајами го завршиле регуларниот дел од сезоната со најдобар скор во лигата како и во историјата на франшизата 66-16,[85] а Џејмс бил прогласен за МВП по четврти пат, и останал краток само за еден глас, да стане првиот играч во историјата на НБА, кој ја освоил наградата едногласно.[86] Регуларниот дел од сезоната го завршил во просеци од 26,8 бода, 8 скокови, 7,3 асистенции и 1,7 украдени топки по натпревар со шут од игра 56,5 проценти.[87]
Во натпреварот бр. 1 од конференциското финале, Џејмс постигнал кош со положување на топката со звукот на сирената носејќи му победа на Мајами со еден бод разлика против Индијана Пејсерс.[88] Во текот на серијата, соиграчите од неговата екипа не биле во најдобра форма, па дополнителното оптоварување за постигнувања на бодови го натерало да ги спореди своите одговорности со оние од неговите „денови во Кливленд“.[89] И покрај овие проблеми, Хит се пласирале во финалето каде закажале двобој со Сан Антонио Спарс,[90] што симболично означувало шанса за Џејмс за реванш за неговото прво изгубено финале со Кавалирс шест години порано.[91] На почетокот на серијата, тој бил критикуван за неговиот недостаток на агресивност и лошата селекција на шутеви, откако Хит заостанувале со 2-3.[90][92] Во натпреварот бр. 6, тој го запишал својот втор трипл-дабл во серијата, забележувајќи 16 бода во четвртата четвртина, за да го доведе Хит до повратна победа.[93] Во одлучувачкиот натпревар бр. 7, тој го изедначил рекордот за најмногу постигнати бодови од еден играч за време на седмиот натпревар во НБА финалето, водејќи го Мајами до победа над Сан Антонио со својте 37 бода и станувајќи НБА шампион по вторпат во својата кариера.[94] Тој бил прогласен за МВП на НБА финалето втора сезона едноподруго, бележејќи во финалната серија просеци од 25,3 бода, 10,9 скока, 7 асистенции и 2,3.[95]
Во текот на сезоната 2013–2014, Џејмс ги постигнал највисоките во кариерата и рекордни во историјата на франшизата 61 бод во натпреварот против Шарлот Бобкетс на 3 март 2014.[96] Во текот на целата сезона, тој бил еден од ретките играчи кој не страдал од повреди (иако и тој пропуштил 5 натпревари) и бил на располагање речиси целото време на тренерот на Хит кој испробал цели 20 различни почетни постави поради повредите.[97] Џејмс ја завршил сезоната со просек од 27,1 бод, 6,9 скока и 6,4 асистенции по натпревар со 56,7 проценти шут од игра.[87] По две години освојување, Џејмс морал да ја препушти наградата МВП која овојпат отишла во рацете на Кевин Дјурант од Оклахома Сити Тандер.
Во второто коло од НБА плејофот, тој го израмнил својот најдобар резултат во плејофот постигнувајќи 49 бода во четвртиот натпревар од серијата против Бруклин Нетс.[98] Во следното коло, Мајами ги совладале Индијана Пејсерс за да го заработат четвртото последователно финале, со што станале само еден четирите екипи во историјата на НБА кој го постигнале тоа.[99] Таму ги чекале прошлогодишните соперници Сан Антонио Спарс, во реприза на финалето од претходната година. Во натпреварот бр. 1 од финалето, Џејмс го пропуштил поголемиот дел од четвртата четвртина поради грчеви во нозете, што Спарс на максимално добар начин го искористиле за да стигнат до водство во серијата со 1-0.[100] Во натпрвеарот бр. 2, тој ги одвел Хит до победа и израмнување на серијата на 1-1, со 35 бода и одлични 64 проценти шут од игра.[101] Сан Антонио на крајот ги совладале Хит во пет натпревари, ставајќи крај на нивната потрага по трета титула во низа.[102] Во финалето, Џејмс имал во просек 28,2 бода, 7,8 скокови и 2,0 украдени топки по натпревар.[103]
На 25 јуни 2014 година, Џејмс одлучил да се откаже од својот договор со Хит, и официјално на 1 јули станал неограничен слободен агент.[104] На 11 јули, било открено дека тој има намера да се врати во Кавалирс.[105] За разлика од „Одлуката“, неговата објава да се врати во Кливленд била добро примена.[106][107][108] На 12 јули, тој официјално потпишал за Кавалирс,[109] кој со скор 97-215 бил најлошиот тим во лигата во четирите изминати сезони по неговото заминување..[110] Еден месец по потпишувањето на Џејмс, Кавалирс ги стекнале правата и над Кевин Лав од Минесота Тимбервулфс, формирајќи ново ѕвездено трио заедно со дотогашната главна ѕвезда на тимот Кајри Ирвинг.[111]
Пред првиот тренинг на Кавалиерс во претсезоната, Џејмс ја повикал и претседавал со 30-минутната средба организирана само за играчите, каде тој ги истакнал својте очекувањата од секој од играчите на тимот за претстојната сезона.[112] Во јануари од сезоната 2014–2015, Џејмс пропуштил две седмици поради вирусот на левото колено и долниот дел на грбот, што претставувало најдолгиот низ на пропуштени натпревари во неговата кариера. Набргу, по враќањето од повредата, во февруари 2015 година, на натпреварот против Детроит Пистонс тој остварил 11 додавања, со што дошол до вкупно 6.142 додавања во кариерата, соборувајќи го рекордот на Скоти Пипен.[113][114] Севкупно, тој одиграл најниски во некоја сезона 69 натпревари, а неговите завршни просеци биле 25,3 бода, 6 скокови и 7,4 асистенции по натпревар.[87] Во второто коло на плејофот, тој постигнал кош со звукот на сирената со кој го одвел Кливленд до изедначување на 2–2 во серијата против Чикаго Булс.[115] Во конференциското финале, Кавалирс биле подобри од изненадувањето Атланта Хокс со "метла" за да се пласираат во финалето, со што Џејмс станал првиот играч од 1960-тите години кој играл во пет финалиња едноподруго. Во поголемиот дел од финалето против Голден Стејт Вориорс, Ирвинг и Лав биле недостапни поради повреда, давајќи му на Џејмс повеќе напаѓачки одговорности.[116] Под неговото водство, Кавалирс ја отвориле серијата со предност од 2-1 пред да бидат поразени во шест натпревари.[117] И покрај поразот, тој бил сериозен конкурент за добитник на наградата за МВП на финалето (на крајот ја добил Андре Игудала),[118] бележејќи просечно по 35,8 бода, 13,3 скокови и 8,8 асистенции по натпревар во финалната серија.[117]
За време на сезоната 2015–2016, Џејмс бил критикуван за неговата улога во неколку контроверзии надвор од теренот, вклучувајќи го и отпуштањето на тренерот на Кавалирс Дејвид Блат во средината на сезоната.[119][120]
Кавалирс ја завршиле сезоната со 57 победи, што било доволно за освојување на првото место во источната конференција.[121] Завршните просечни вредности на Џејмс биле 25,3 бода, 7,4 скока и 6,8 асистенции по натпревар (шут од игра 52%).[87]
За време на плејофот, Кавалирс лесно ги совладале сите свој противници на истокот за да изборат ново финале; во првата рунда на плејофот на источната конференција ги победиле Детроит Пистонс 4-0, потоа со истиот резултат биле подобри и од Атланта Хокс, а во конференциското финале ги совладале Торонто Репторс со 4-2. Во НБА финалето Кавалирс повторно се соочиле со Голден Стејт Вориорс, кои одиграле рекордна сезона со 73 победи.[122]
Одново серијата не започнала добро за Кавалирс, откако по четири натпревари тие заостанувале со 3-1.[123] Благодарение на напорите на Џејмс кој одговорил со постигнување на 41 бод во секој од двата следни натпревари елиминацијата била избегната и Кливленд се изборил за седми одлучувачки натпревар.[124] Во натпреварот бр. 7, тој имал трипл-дабл и направил голем број на клучни одигрувања, вклучувајќи ја и блокадата над Игудала,[125] за да може Кливленд да стане шампион, со што завршила 52-годишната суша на професионалните спортски екипи од Кливленд, а исто така тие станале и првиот тим во историјата на НБА кој успеал да се врати по дефицит од 3-1 во финалето.[126] Џејмс станал само третиот играч кој забележал трипл-дабл во седмиот натпревар од НБА финалето,[127] и просечно во серијата бележел по 29,7 бода, 11,3 скока, 8,9 асистенции, 2,3 блокади и 2,6 украдени топки по натпревар,[123] со што станал првиот играч во историјата на лигата кој сметајќи ги играчите од двата тима бил водач во сите пет статистички категории во некоја плејоф рунда, по што едногласно бил избран за МВП на НБА финалето по третпат во својата кариера.[128]
Сезоната 2016-2017 била нарушена со повреди и неочекувани загуби за Кавалирс;[129] Самиот Џејмс подоцна ја опишал како една од „најчудните“ години во неговата кариера.[130] После поразот во јануари од Њу Орлеанс Пеликанс, тој јавно ја критикувал управата на Кливленд за изградбата на тим за кој сметал дека е премногу „тежок“, за што доби против критики.[131] Кавалирс ја завршиле сезоната како втори носители на Истокот, а Џејмс просечно бележел по 26,4 бода како и највисоки во кариерата во просек 8,6 скокови и 8,7 асистенции, но и 4,1 изгубени топки по натпревар.[87] Во натпреварот бр. 3 од првото коло на плејофот, тој регистрирал 41 бод, 13 скокови и 12 асистенции против Индијана Пејсерс, со што го одвел Кливленд до кам-бек победа по заостаток од 25 бода на полувремето, што претставува пресврт по најголем дефицит на полувремето во историјата на НБА плејофот.[132] Во натпреварот бр. 5 од финалето на конференцијата против Бостон Селтикс, Џејмс постигнал 35 бода и го надминал Мајкл Џордан како водач по бројот на постигнати бодови во НБА плејофот на сите времиња.[133] Кавалирс го добиле тој натпревар како и серијата, и напредувале во за нив третото по ред финале каде одново ги чекале Вориорси, кој во офсезоната дополнително се засилиле со доведувањето на Кевин Дјурант.[134] Џејмс станал првиот играч кој во просек постигнал трипл-дабл во едно НБА финале, со просек од 33,6 бода, 12 скокови и 10 асистенции по натпревар, меѓутоа Вориорс биле пресилни овојпат за Кавалирс и ги совладале со 4-1.[135]
Пред почетокот на сезоната 2017–2018, Кавалирс го реконструирале својот состав со разменувањето на Кајри Ирвинг во Селтикс, кој барал да биде разменет делумно и поради тоа што повеќе не сакал да си игра со Џејмс.[136] После бавниот почеток на сезоната, Кливленд одговориле со добивање на 18 од 19 натпревари во декември.[137] Нивниот пресврт започнал со победата над Вашингтон Визардс каде Џејмс постигнал 57 бода, што претставува негов втор највисок вкупен број бодови во некој натпревар во неговата кариера и изендачен рекорд на франшизата.[138] Во јануари, Кавалирс имале негативен рекорд, а Џејмс бил критикуван за неговиот безгласен напор.[139] После уште една рунда на размени во февруари, Кливленд се вратил во форма и Џејмс достигнал голем број историски пресвртници; на пример, на 30 март, тој поставил рекорд во НБА лигата со 867 натпревари по ред во кој постигнал двоцифрен број бодови.[140] Џејмс на крајот ја завршил сезоната со просечни 27,5 бода, 8,6 скокови и високи 9,2 асистенции како и 4,2 изгубени топки по натпревар.[87] Во НБА плејофот 2018, тој ги водел Кавалирс до уште едно финале и уште еден двобој со Голден Стејт Вориорс.[141] На патот до финалето, тој имал некои од најнезаборавните моменти во неговата кариера, вклучувајќи го и шутот за победа против Индијана Пејсерс и уште еден против Торонто Репторс.[142] Во првиот натпревар од финалето, Џејмс постигнал највисоки во кариерата во плејоф натпревар 51 бод, но Кливленд сепак бил поразен по продолженија.[143] По поразот, Џејмс ја повредил раката откако удрил во ѕидот во соблекувалната, што ја спречила неговата ефикасност за остатокот од серијата.[144] Кавалирс ја загубиле серијата во четири натпревари, а Џејмс имал просек од 34 бода, 8,5 скокови и 10 асистенции по натпревар во финалето.[145]
На 29 јуни 2018 година, Џејмс ја искористил опцијата да се откаже од својот договор со Кавалиерс и станал неограничен слободен агент.[146]
Легенда | |||||
---|---|---|---|---|---|
ОН | Одиграно натпревари | СН | Натпревари како стартер | МПН | Минути по натпревари |
ПШИ% | Процент на шут од игра | 3П% | Процент на шут за три бода | СФ% | Процент на шут за слободни фрлања |
СкПН | Скокови по натпревар | AсПН | Асистенции по натпревар | УТПН | Украдени топки по натпревар |
БлПН | Блокади по натпревар | ППН | Поени по натпревар | Задебелено | Најдобро во кариерата |
† | Означува сезони во кој Џејмс го освоил НБА првенството |
* | Водач во лигата |
Година | Екипа | ОН | СН | МПН | ПШИ | 3П% | СФ% | СкПН | АсПН | УТПН | БлПН | ППН |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
2003-2004 | Кливленд Кавалирс | 79 | 79 | 39.5 | .417 | .290 | .754 | 5.5 | 5.9 | 1.6 | .7 | 20.9 |
2004-2005 | Кливленд Кавалирс | 80 | 80 | 42.4* | .472 | .351 | .750 | 7.4 | 7.2 | 2.2 | .7 | 27.2 |
2005-2006 | Кливленд Кавалирс | 79 | 79 | 42.5 | .480 | .335 | .738 | 7.0 | 6.6 | 1.6 | .8 | 31.4 |
2006-2007 | Кливленд Кавалирс | 78 | 78 | 40.9 | .476 | .319 | .698 | 6.7 | 6.0 | 1.6 | .7 | 27.3 |
2007-2008 | Кливленд Кавалирс | 75 | 74 | 40.4 | .484 | .315 | .712 | 7.9 | 7.2 | 1.8 | 1.1 | 30.0* |
2008-2009 | Кливленд Кавалирс | 81 | 81 | 37.7 | .489 | .344 | .780 | 7.6 | 7.2 | 1.7 | 1.1 | 28.4 |
2009-2010 | Кливленд Кавалирс | 76 | 76 | 39.0 | .503 | .333 | .767 | 7.3 | 8.6 | 1.6 | 1.0 | 29.7 |
2010-2011 | Мајами Хит | 79 | 79 | 38.8 | .510 | .330 | .759 | 7.5 | 7.0 | 1.6 | .6 | 26.7 |
2011-2012† | Мајами Хит | 62 | 62 | 37.5 | .531 | .362 | .771 | 7.9 | 6.2 | 1.9 | .8 | 27.1 |
2012-2013† | Мајами Хит | 76 | 76 | 37.9 | .565 | .406 | .753 | 8.0 | 7.3 | 1.7 | .9 | 26.8 |
2013-2014 | Мајами Хит | 77 | 77 | 37.7 | .567 | .379 | .750 | 6.9 | 6.4 | 1.6 | .3 | 27.1 |
2014-2015 | Кливленд Кавалирс | 69 | 69 | 36.1 | .488 | .354 | .710 | 6.0 | 7.4 | 1.6 | .7 | 25.3 |
2015-2016† | Кливленд Кавалирс | 76 | 76 | 35.6 | .520 | .309 | .731 | 7.4 | 6.8 | 1.4 | .6 | 25.3 |
2016-2017 | Кливленд Кавалирс | 74 | 74 | 37.8* | .548 | .363 | .674 | 8.6 | 8.7 | 1.2 | .6 | 26.4 |
2017-2018 | Кливленд Кавалирс | 82 | 82 | 36.9* | .542 | .367 | .731 | 8.6 | 9.1 | 1.4 | .9 | 27.5 |
2018-2019 | Л.А. Лејкерс | 55 | 55 | 35.2 | .510 | .339 | .665 | 8.5 | 8.3 | 1.3 | .6 | 27.4 |
Кариера | 1,198 | 1,197 | 38.6 | .504 | .343 | .736 | 7.4 | 7.2 | 1.6 | .8 | 27.2 | |
Ол-стар | 14 | 14 | 29.6 | .530 | .357 | .743 | 6.3 | 6.0 | 1.3 | .1 | 24.5 |
Година | Екипа | ОН | СН | МПН | ПШИ | 3П% | СФ% | СкПН | АсПН | УТПН | БлПН | ППН |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
2006 | Кливленд Кавалирс | 13 | 13 | 46.5 | .476 | .333 | .737 | 8.1 | 5.8 | 1.4 | .7 | 30.8 |
2007 | Кливленд Кавалирс | 20 | 20 | 44.7 | .416 | .280 | .755 | 8.1 | 8.0 | 1.7 | .5 | 25.1 |
2008 | Кливленд Кавалирс | 13 | 13 | 42.5 | .411 | .257 | .731 | 7.8 | 7.6 | 1.8 | 1.3 | 28.2 |
2009 | Кливленд Кавалирс | 14 | 14 | 41.4 | .510 | .333 | .749 | 9.1 | 7.3 | 1.6 | .9 | 35.3 |
2010 | Кливленд Кавалирс | 11 | 11 | 41.8 | .502 | .400 | .733 | 9.3 | 7.6 | 1.7 | 1.8 | 29.1 |
2011 | Кливленд Кавалирс | 21 | 21 | 43.9 | .466 | .353 | .763 | 8.4 | 5.9 | 1.7 | 1.2 | 23.7 |
2012† | Мајами Хит | 23 | 23 | 42.7 | .500 | .259 | .739 | 9.7 | 5.6 | 1.9 | .7 | 30.3 |
2013† | Мајами Хит | 23 | 23 | 41.7 | .491 | .375 | .777 | 8.4 | 6.6 | 1.8 | .8 | 25.9 |
2014 | Мајами Хит | 20 | 20 | 38.2 | .565 | .407 | .806 | 7.1 | 4.8 | 1.9 | .6 | 27.4 |
2015 | Кливленд Кавалирс | 20 | 20 | 42.2 | .417 | .227 | .731 | 11.3 | 8.5 | 1.7 | 1.1 | 30.1 |
2016† | Кливленд Кавалирс | 21 | 21 | 39.1 | .525 | .340 | .661 | 9.5 | 7.6 | 2.3 | 1.3 | 26.3 |
2017 | Кливленд Кавалирс | 18 | 18 | 41.3 | .565 | .411 | .698 | 9.1 | 7.8 | 1.9 | 1.3 | 32.8 |
2018 | Кливленд Кавалирс | 22 | 22 | 41.9 | .539 | .342 | .746 | 9.1 | 9.0 | 1.4 | 1.0 | 34.0 |
Кариера | 239 | 239 | 42.0 | .491 | .323 | .743 | 8.9 | 7.1 | 1.8 | 1.0 | 28.9 |
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.