From Wikipedia, the free encyclopedia
Кузман Јосифоски-Питу (Прилеп, 23 јуни 1915 — Скопје, 25 февруари 1944) — македонски комунист, еден од главните организатори на антифашистичкото движење (1938 — 1941) и на НОБ во Македонија (1941 — 1944).[1][2][3][4] Бил прогласен за Народен херој на Југославија на 2 август 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов - Стив, Орце Николов, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски - Карпош и Мирче Ацев). Поради својата неуморна народно-ослободителна дејност многу луѓе го нарекуваат Гоце Делчев на НОБ (Вториот Гоце Делчев)[се бара извор].
Кузман Јосифоски-Питу | ||
Роден | 23 јуни 1915 Прилеп, Македонија | |
---|---|---|
Починал | 25 февруари 1944 28) Скопје, Македонија | (возр.
Кузман Јосифоски е роден на 23 јуни 1915 година во Прилеп, како трето дете на родителите Лефта и Цветан Јосифоски. Семејството на Кузман било работничко - тутунопроизведувачко. Домашните, како и прилепчаните го викаат со името Борко. Основното образование го завршува во родниот град Прилеп. Веднаш по воведувањето на монархо-фашистичката диктатура, ненародниот режим на стара Југославија, укинува голем број на средни школи, гимназии и учителски школи во Македонија. Така во Прилеп ce укинува Учителската школа и вишите класови на гимназијата. Семејството на Кузман не располага со големи материјални средства, меѓутоа, сепак, успева да го испрати да го продолжи своето образование во Битолската гимназија. Во учебната 1931/32 година Кузман Јосифовски ce запишува во V-ти клас гимназија во Битола.[5]
Студирал на Универзитетот во Белград каде бил еден од предводниците на напредната студентска младина. Станал член на КПЈ во 1938 година. Бил еден од организаторите на студентско друштво „Вардар“ и на македонското национално движење МАНАПО. Од 1939 година бил испратен на партиска работа во Прилеп каде бил поставен за секретар на Месниот комитет на КПЈ. Бил организатор и учесник на повеќе национални манифестации и демонстрации за подигање на национално-револуционерната свест за продолжување на ослободителната борба против окупаторскиот режим. Поради несогласување со политиката на Методија Шаторов-Шарло бил исклучен од Партијата. Бил говорник на Илинденската демонстрација (1940), на која била барана промена на режимот, национално-политички права, ослободување на Македонија и др. Од 1940 година член бил на ПК на КПМ, на Главниот штаб, на ЦК на КПМ и на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.
Во октомври 1941 земал активно учество во организирањето и дејствувањето на првиот прилепски партизански одред, кој почна со нападот на участокот на 11 октомври 1941. Неговата активност во 1942та година, е забележана во западните делови на Македонија, каде успева да ги возобнови старите и да оформи нови ограноци низ Тетово, Гостивар, Мавровско, Дебар, Кичево и Струга. Тој е еден од иницијаторите за издавање на партискиот леток "Востаник", кој подоцна е преименуван во "Братство". Весникот претставувал единствен весник во тој период кој излагал со статии напишани и на македонски и на албански јазик, бидејќи бил дистрибуиран низ региони каде живееле и Македонци и Албанци.[6] По Преспанското советување на 2 август 1943 година дошол во Скопје да раководи со борбата на македонскиот народ, во заднината на фашистичкиот окупатор. Упорен борец за создавање на самостојна македонска држава, во својата илегална работа патувал честопати во западните делови на Македонија, тогаш окупирани од Италија. Во текот на бугарската окупација на Македонија живеел илегално во населбата Буњаковец.[7]
Во февруари му било кажано дека бугарската полиција дознала за неговата активност и тој морал да замине во партизани. Но, на 25 февруари 1944[6] при обидот да го напушти Скопје, во Козле во близина на некогашната фабрика „Алумина“ бил убиен од бугарски војник.[1][2][3][4][8] Таму денес постои спомен-плоча.
Во центарот на неговиот роден град Прилеп веднаш до Музејот на 11 октомври (поранешниот бугарски участок), постои негов споменик од мермер, а во Скопје постои споменик во студентскиот дом кој го носи неговото име, а има уште една спомен-плоча на Кузман Јосифовски-Питу, во дворот на бугарската амбасада.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.