Комплекс (хемија)
From Wikipedia, the free encyclopedia
From Wikipedia, the free encyclopedia
Комплексни или координациони соединенија се такви соединенија во чиј состав влегуваат комплексни честички изградени од повеќе атоми, молекули или јони, кои градат една стабилна групација во цврста агрегатна состојба и/или во раствор.
Комплексните честички се изградени од централен атом (или комплексообразувач) и лиганди. Централниот атом е некој метал или метален катјон кој нема пополнета електронска конфигурација на инертен гас. Лигандите се најчесто анјони или неутрални молекули што содржат еден или повеќе неподелени, односно слободни електронски парови. Многу ретко како лиганди можат да се јават и катјони, но такви што содржат неподелен електронски пар на некој од атомите. Како и да е, централните атоми се Луисови киселини, а лигандите се Луисови бази.
Кога се пишуваат хемиските формули на комплексите, прво се пишува симболот на централниот атом, а потоа анјонските и неутралните лиганди. Формулата на комплексот се пишува во аглести загради. Во името прво се наведуваат анјонските лиганди, потоа неутралните и катјонските лиганди, а на крај името на централниот атом. Бројот на лигандите се искажува со грчките претставки ди, три, тетра, пента итн. (а бројот на лигандите се означува со пртставките бис, трис, тетракис итн.), а името на лигандата се пишува во мали загради. Оксидационата состојба на централниот атом се искажува со Стоксова нотација (римски бројки во мали загради). Имињата на катјоните и анјоните кај комплексите се пишуваат слеано, со сите претставки, имињата на лиганди и централниот атом.
Постојат разлики во именувањата на централниот атом кај комплексните катјони и анјони. Така, кај комплексните анјони, од латинското име на централниот атом се отфрла наставката ум или иум, а се додава наставката ат (исклучок се комплексите на живата, каде се употребува англиското име - меркурат). Кај катјонските и неутралните комплекси, централниот атом се именува на македонски без никаква наставка.
Имињата на анјонските лиганди завршуваат на о. Општо, ако името на анјонот завршува на ид, ит или ат, се додава о и така се добива идо, ито или ато, соодветно. Исклучок од ова правило прават некои соединенија, кај кои се отфрла ид, а се додава о.
Имињата на лигандите што се молекули се употребуваат без промени. Водата и амонијакот се именуваат како аква и амин, соодветно.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.