From Wikipedia, the free encyclopedia
Знаме на Англија — знаме со крстот на Св. Георги („Георгиев крст“), познато како симбол на Англија, со блазон кој гласи: на сребрено поле[2], црвен крст. Поврзаноста на овој симбол со Англија води потекло од средновековието, а во 1606 г. станало дел од сојузното знаме на Британија. Знамето сепак нема службен статус во Обединетото Кралство, а денес нашироко се употребува меѓу народот, особено по повод спортски настани каде игра англиска репрезентација.
Во 1188 г. англискиот крал Хенри II и францускиот крал Филип II се спогодиле да тргнат во крстоносна војна, каде Хенри ќе користи бел, а Филип црвен крст како обележје. Изворите од XIII век едногласно сведочат Англија го добила белиот крст, што е спротивно на подоцнежната употреба. Не е познато кога и како се случила оваа промена.
Според некогашната историографска традиција, кралот Ричард Лавовско Срце ги прифатил знамето и светецот од Џенова во текот на крстоносните походи. Овие поимувања водат потекло од викторијанскиот период[3] Perrin (1922) и се повикуваат на општоприфатено народно верување, иако за тоа нема историски докази.[4]
Црвениот крст како обележје на англиските војници првпат се јавува за време на кралот Едвард I (1270-ти),[5] или малку порано, во Битката кај Ившам (1265), каде војската имала црвени крстови за да се разликува од бунтовниците, кои носеле бели.[6] Перин (1922:37) бележи набавка на материјал за висулци на копја 1277 и стегачи за стрелци „со обележјето на Свети Георги“ за пешадијата на кралот (pro peditibus regis). Оттука, Перин заклучува дека воведувачот на Георгиевиот крст како државен амблен е Едвард I. Веќе во 1300 г. се користел и поголем „бајрак на Свети Ѓорѓи“, но сè уште не како главно обележје, туку како еден од повеќе бајраци кои се вееле заедно со кралскиот бајрак.[7] Свети Георги добил на популарност како „војнички светец“ за време на Крстоносните војни, но светецот најтесно поврзан со Англија и натаму останал кралот Едвард Исповедникот. Ова траело до времето на Едвард III, кој наводно му се посветил на Свети Георгиј во знак за благодарност за помошта што му ја укажал во Битката кај Креси, и затоа во 1348 г. го прогласил за заштитник на Редот на Подвеската.[8] Оттогаш натаму, бајракот на овој светец почнал да добива на сè поголема важност во придржба на кралскиот бајрак, а подоцна станал траен придружник на кралскиот стандард.
Во 1415 г. Ѓурѓовден е прогласен за двојна голема слава,[9] но Свети Георги сè уште бил засенет од неговите „„соперници“ — светците Едвард и Едмунд. Најважното место, како заштитник на земјата, го добива дури со преработениот молитвеник од 1552 г. направен за време на англиската реформација, кога биле забранети сите верски знамиња.
Георвиевиот крст прват се јавува како поморско знаме на Англија заедно со кралскиот бајрак во 1545 г.[1] Во 1606 г. е направено здружување на англискиот Георгиев и шкотскиот Андреин крст, создавајќи го државното знаме на Обединетото Кралство (сојузното знаме).
Претставата за државно знаме во национална смисла (наспроти кралски, и поморски и воени бајраци и знамиња) се јавува на крајот од XVIII век, како последица од Американската и Француската револуција. Во XIX век станало пожелно сите земји во Европа (а потоа и целиот свет) да имаат свое државно знаме во кое ќе се пронаоѓаат. Бидејќи во тоа време, поимите Британија и Англија биле меѓусебно заменливи, сојузното знаме се користело како државно де факто, иако истото никогаш не е правно уредено. Претставата за Георгиевиот крст како државно знаме на Англија (наспроти сојузното, за целото Обединето Кралство) првпат се јавило во контекст на ирскиот иредентизам.
Поради распространетоста на Британската Империја, знамето на Англија е дел од денешни и историски знамиња и грбови на разни земји, сојузни држави и покраини ширум нејзината територија. Вон овие граници, знамето од многу одамна е обележје на некои градови во северна Италија како Милано и Болоња.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.