![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/d/d1/Sanzio_01_cropped.png/640px-Sanzio_01_cropped.png&w=640&q=50)
Западна филозофија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Западната филозофија е целокупноста на филозофската мисла и дело на западниот свет. Поимот е географски и историски определен. Она што го нарекуваме западна филозофска мисла најчесто се однесува на филозофијата во хеленскиот период, врз која се темелат понатамошните филозофски размисли на европскиот и северноамериканскиот континент. Земајќи предвид за односите на Хелада со источните цивилизации, како и современата состојба на светот, каде истокот е под влијание на западот, тешко е да се одредат границите на западната филозофска мисла. Во таа смисла, поимот се однесува на онаа филозофија која се предава на универзитетите во Европа, Северна и Јужна Америка, Австралија и делови од Азија.
Поделбата и развојот на западната мисла е најчесто условена од универзитетските студии низ светот и изгледа вака: хеленско-римската филозофија која го опфаќа периодот на антиката сѐ до падот на Римското Царство; средновековната и византиската филозофија, кои се јавуваат во Западна и Источна Европа, соодветно; нововековната филозофија во XV век која кулминира со филозофијата на просветителството во XVIII век; и конечно современата филозофија која е грубо поделена на континентална и аналитичка струја.
Во античкиот период во обемот на филозофијата спаѓале мноштво појави кои денес ги сметаме за научни, а во средниот век филозофијата се занимавала со проблеми на теологијата, односно религијата, поконкретно христијанството. Денес, во доминантните западни филозофски струи, филозофијата инаку се толкува. Во аналитичката традиција филозофијата се занимава исклучиво со науката, нејзиното логичко верификување и унапредување, додека во континенталната традиција таа е повеќе мета-задача на разгледување и вреднување на сите човекови појави.
Јазикот како главно средство за развивање на човечката мисла е тесно поврзан со филозофијата, така во западниот свет, старогрчкиот и латинскиот јазик се јазици кои најчесто се поврзуваат со западната мисла. Мислители кои пишувале на овие јазици кои и денес се предмет на филозофско и лингвистичко толкување се: старогрчките филозофи Платон и Аристотел, римскиот говорник Кикерон, средновековните мислители Августин и Тома Аквински, британскиот државник и филозоф Френсис Бекон, холанѓанецот Барух Спиноза итн. Во последните неколку векови во западниот свет германскиот, францускиот и англискиот јазик се јавуваат како замена на латинскиот јазик. Доминатноста на овие јазици тесно се поврзува со влијанието на филозофите кои пишуваат на овие јазици. Најистакнати филозофи и филозофски школи кои се поврзуваат со овие јазици се: Рене Декарт, англиските емпиристи, филозофите на германскиот идеализам како Имануел Кант и Г.Ф.Х. Хегел, егзистенцијалистите, Лудвиг Витгенштајн, Бертранд Расел итн.