Есеи (Монтењ)
From Wikipedia, the free encyclopedia
Есеи (француски: Les Essais) — главното дело на Мишел де Монтењ (1533-1592), кое го има пишувано и усовршувано од 1572 сѐ до неговата смрт. Во нив се пишува за сите можни теми, без посебен редослед: медицина, книги, домашни обврски, коњи, болести и многу други, во кои Монтењ додава размисли за својот личен живот, но и за човекот воопшто, создавајќи „мешавина во која со задоволство се сретнуваат битни и залудни нешта, воедно старомодни и вечни“[1]
Автор | Мишел де Монтењ |
---|---|
Изворен наслов | Essais |
Земја | Франција |
Јазик | Средновековен француски |
Жанр | Есеј |
Издадена | Март, 1580 |
Текст | Есеи на Викиизвор |
Есеите се вистински обид на одново и одново преиспитување на душата, животот, чувствата, дело кое има прераснато во универзална книга, „единствената книга од ваков вид во светот“. Ретка книга која на читателот не само што го доловува мигот на опишување на еден човек, туку и еден живот во своето течение.[2] Сѐ за што се интересира писателот може да се искаже во едно прашање: „што е човекот?“ или уште поконкретно, „што знам јас, Мишел Екем де Монтењ?“.
За да сфати што е човекот, Монтењ, еднакво љубопитен набљудувач и посветен читател, скептичен во однос на филозофските традиции и догматските мислители, пишува и човечките страдања и човечките величини: Есеите исцртуваат портрет на просечен човек, истовремено различен, посебен, но пред сѐ побогат од сите идеални модели со кои сакаме да го изедначиме. Есеите од оваа гледна точка се спротивставуваат на којбило филозофски систем; ако Монтењ ја бара реалноста на човечката состојба, тогаш ја бара преку набљудување на она што е најсекојдневно, најбанално кај себе, но и кај другите. На ова се додава мислата на авторот со која го омаловажува она што го пишува: „Цела оваа размена на мисли, за која дрдорам, е само запис на есеи за мојот живот[3].“ Сите животни нешта, дури и најобичните, во негови очи се вредни за пишување; тој со задоволство пишува за една разголена човечност, тргнувајќи од себе, изложувајќи го она што е „зад сцените“, како што вели тој.
Една ваква книга, книжевен предвесник на хуманистичките науки во подготовка, но и на природните науки во постанување, не може, а да не биде подложна на критики. Книжевните критики се од секаков вид: за едни станува збор за размисли на еден мудрец, збирка на текстови од учен човек со висок морал, а за други еретичко дело, кое е копирано, колку што и е оригинално. Предметот на ова дело најдобро е дефиниран со зборовите на Штефан Цвајг: „Оној кој мисли слободно за себе ја почестува секоја слобода на земјата[4].“