Ендонуклеаза
From Wikipedia, the free encyclopedia
Ендонуклеаза — ензим кој врши кинење на фосфодиестерска врска во рамките на еден полинуклеотиден синџир. Некои ендонуклеази, како деоксирибонуклеаза l, ја сечат ДНК релативно неспецифично (без оглед на низата), додека многу од нив, наречени рестрикциони ендонуклеази или рестрикциони ензими, сечат само одредени нуклеотидни низи. Ендонуклеазите се разликуваат од егзонуклеазите по тоа што сечат во средината (внатрешноста) на полинуклеотидната верига, за разлика од егзонуклеазите кои ги отстрануваат нуклеотидите од крајот на веригата. Некои ензими, познати како „егзо-ендонуклеази“, ја вршат улогата и на двете групи на нуклеази.[1]
Рестрикционите ензими се бактериски и aрхејски ендонуклеази кои препознаваат специфични ДНК-низи.[2] Нуклеотидната низа која бива препознаена од рестрикциониот ензим се нарекува рестрикционо место. Најчесто, рестрикционото место е палиндромска низа која е долга четири до шест нуклеотиди. Повеќето рестрикциони ендонуклеази ја сечат ДНК нееднакво, оставајќи комплементарни едноверижни завршетоци. Овие краеви може да се поврзат со хибридизација, па затоа се нарекуваат „лепливи краеви“. По хибридизацијата, фосфодиестерските врски на фрагментите може да бидат повторно создадени од страна на ДНК-лигазата. Познати се стотици рестрикциони ендонуклеази, од кои секоја напаѓа различни рестрикциони места. ДНК фрагментите кои се исечени од истата ендонуклеаза може да се поврзат меѓусебе без оглед на потеклото на ДНК молекулите. Вака создадената ДНК се нарекува рекомбинантна ДНК; ДНК формирана со поврзување на гени во нови комбинации.[3] Рестрикционите ензими се поделени во три категории, тип I, тип II и тип III, според механизмот на дејство. Овие ензими често се користат во генетското инженерство за создавање на рекомбинантна ДНК.[4] Една од најпознатите ендонуклеази е Cas9.