Електронска трговија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Електронска трговија (е-трговија) — канал на дистрибуција на добра и услуги со посредство на интернет. Интернет-револуцијата доживува своја експанзија и во доменот на трговијата. Наместо традиционалната трговија, сѐ поголем број компании своите стоки и услуги ги нудат, а сѐ повеќе потрошувачи се одлучуваат да ги набават потребните стоки и услуги преку интернет. Електронската трговија е ‘трговска активност која се врши со помош на електронска технологија и примарно се состои од дистрибуција, купување, продавање, маркетинг и сервисирање на производи и услуги преку електронски системи како на пример интернет или други компјутерски мрежи.
Електронската трговија изврши своевидна револуција во глобалниот начин на тргување и секако во потрошувачките навики. Тоа неминовно ја отвори и потребата за создавање правна рамка во која ќе биде регулиран режимот на деловните трансакции – правната рамка на електронската трговија. Токму поради ова во јуни 1996 година Комисијата на ОН за меѓународно трговско право (UNCITRAL) го донесе Модел-законот за електронска трговија заедно со Водич за примена на овој Модел-закон од 1999 година. Во ЕУ најважни правни акти со кои се регулира електронската трговија се: Директивата за електронската трговија 2000/13 и Директивата за заштита на потрошувачите при продавање во далечина 1997/7. Директивите, како нормативни акти со кои се врши хармонизација на правото на земјите членки, имаат цел да ја стимулираат електронската трговија во ЕУ, но и да обезбедат предвидливост и правна сигурност при електронското тргување во единствениот европски пазар.[1]